Насловна / Вести / Google во тајност „ја ослободи“ вештачката интелигенција AlphaGo

Google во тајност „ја ослободи“ вештачката интелигенција AlphaGo

Програмерите на компанијата Google признаваат дека таинствениот „мајстор“ во древната кинеска игра Го, кој последните неколку седмици ги победи стотиците најдобри играчи во онлајн игрите, всушност е вештачката интелигенција AlphaGo, пишува во агенцискиот оддел на списанието Nature.

„Јас лично мислам дека тоа е одлично, дека луѓето одиграа цела серија игри со AlphaGo, која сега може внимателно да се проучи и да се ревидира. Тие имаат мноштво крајно неочекувани и свежи потези, кои се многу интересни за нас“, вели Нејл Кардин, професионален играч на Го, кого го цитира Nature.alfago

Кон крајот на декември 2016 година во двата најголеми и најпопуларни системи за онлајн игри Tygem и FoxGo, се појави нов играч на Го, кој себеси се нарече „Master(P)“. Тој победи неколку десетици многу силни мајстори на играта и стана предмет на широка дискусија на форумите, посветени на оваа древна кинеска игра.

Откако овој „дрзок дојденец“ го победи познатиот мајстор на играта Гу Ли, идентитетот на Master(P) стана уште попопуларен, откако поразениот Кинез вети дека ќе му плати 100.000 јуани, околу 15.000 американски долари, на оној што ќе го победи неговиот противник.

Master(P) потоа одигра уште 50 игри, и само една од нив заврши без победник поради технички причини. Анализирајќи ги игрите, поразениот кинески мајстор почнал да се сомнева дека нивниот противник, веројатно, не е човек, туку систем од напредна вештачка интелигенција.

Ваквите сомневања се потврдија на почетокот од јануари, кога Демис Хасабис, еден од креаторите на системот AlphaGo, призна на својот микроблог дека играчот Master(P) всушност е нивниот систем на вештачка интелигенција.

Ваквото тајно тестирање на вештачката интелигенција „во живо“, како што појасни Хасабис кој беше прогласен за човек на годината според научните списанија Science и Nature, претставува подготовка за лансирање на новата верзија на AlphaGo, којашто повторно ќе се соочи со најсилните играчи на Го уште оваа година.

Системот на вештачката интелигенција AlphaGo беше развиен од Дејвид Силвер и неговите колеги од одделот DeepMind на компанијата Google, чие седиште е во Лондон, кон крајот на 2014 година и неговото функционирање беше тестирано од шампионот на Европа, Фан Хуи, кој ги загуби сите пет мечеви со машината. Во март минатата година, AlphaGo го победи светскиот шампион во Го, Ли Седол, во серијата од пет мечеви од кои само еден заврши со победа на човекот.

Успехот на Силвер и неговите колеги се темели на тоа што тие наместо една успеале да вградат две невронски мрежи во својата вештачка интелигенција, специјални алгоритми кои ја имитираат активноста на веригите од неврони во човечкиот мозок. Едната од нив е одговорна за процената на моменталната позиција на таблата, а втората ги користи резултатите од анализата подготвена од првата мрежа, за да го избере следниот потег.

Испрати коментар

Scroll To Top