Насловна / Архитектура / Google го купи комплексот на Ренцо Пијано во Лондон

Google го купи комплексот на Ренцо Пијано во Лондон

Google за околу милијарда долари (730 милиони фунти) го купи комплексот Central Saint Giles во Лондон, проектиран од познатиот италијански архитект Ренцо Пијано, а во кој технолошкиот гигант изнајмува деловен простор од 2012 година.

google

Google има намера комплексот згради – лоциран во лондонскиот Вест Енд во близина на улицата Оксфорд, област сериозно погодена од егзодусот на канцелариските работници за време на пандемијата – да продолжи да служи како едно од нивните седишта во британскиот главен град.

Комплексот е поделен на блокови од црвена, жолта, зелена и портокалова боја, слично на логото на Google и содржи околу 38 илјади квадратни метри канцелариски простор, кој моментално го делат другите закупци.

google1

Во објава на блогот на Google, Ронан Харис, потпретседател и генерален директор за Велика Британија и Ирска, рече дека купувањето ја покажало вербата на компанијата дека работниците ќе се вратат со физички присуство во канцеларии на крајот на пандемијата, пишува порталот Dezeen.

“Инвестирањето во овој впечатлив комплекс проектиран од Ренцо Пијано ја претставува нашата постојана доверба во канцеларијата како место за директна соработка и поврзување“, рече Харис, додавајќи дека Google ќе ги задоволи желбите на вработените да продолжат да работат на далечина некое време.

google2

“Иако повеќето од нашите вработени во Велика Британија сакаат да бидат на лице место некое време, тие исто така сакаат флексибилност да работат од дома неколку дена во неделата. Некои од нашите работници ќе сакаат да работат целосно од далечина. Нашето идно работно место во Велика Британија има простор за сите овие можности“, рече тој

Компанијата најави и дека во следните неколку години ќе ги реновира просториите во Central Saint Giles, во што ќе бидат инвестирани неколку милиони фунти.

Реновирањето ќе се фокусира на создавање простори кои ја поддржуваат визијата на Google за иднината на бизнисот, со акцент на соработката, флексибилноста и благосостојбата на неговите вработени.

Внатрешните рендери направени од BDG Architects прикажуваат простори како „тивка зона“ со делови за индивидуално фокусирана работа и уметничка инсталација над главите на вработените што овозможува „поглед на облаци што поминуваат“.

google3

Во зградата ќе има и „тимски единици“, кои Харис ги опишува како „флексибилни нови типови на простор што може да се реконфигурираат на неколку начини“ во зависност од потребата – дали се работи за самостојна работа, соработка на неколку луѓе или мешавина од двете.

Покриените работни простори на отворено ќе им овозможат на вработените да работат на свеж воздух, додека истакнатото скалило ќе ги охрабри луѓето да се движат низ зградата и да отвораат места за одмор на секој кат.

Google моментално има 6.400 вработени на Британските острови и ќе има капацитет од 10 илјади на локации низ целата земја кога ќе биде завршен кампусот во лондонскиот King’s Cross, проектиран од BIG и Томас Хедервик.

Кампусот е првата зграда во целосна сопственост на компанијата надвор од САД. Ќе зафаќа повеќе од 92.900 квадратни метри деловен простор, од кои Google ќе зафаќа приближно две третини.

Комплексот Central Saint Giles е првото дело на Пијано во Велика Британија, завршено пред кулата Shard и се наоѓа на улицата Saint Giles High 1.

Кога Google за прв пат ги претстави своите канцеларии во оваа зграда пред десетина години, фокусот беше ставен на социјалните и фитнес просторите, како и на градините на терасите кои им овозможуваа на персоналот да одгледува сопствен зеленчук.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top