КДЛ Смарт Ливинг е компанија формирана во 2023 година, а со своето активно работење започна во октомври 2024 година. Компанијата е специјализирана за продажба на мебел прилагоден за мали простори, коj за прв пат е присутен на нашиот пазар, а доаѓа од далечната Кина. Овој современ пристап во уредувањето на домот и иновативните решенија, создаваат практични, стилски и функционални парчиња мебел кои го претвораат секој простор во удобен и организиран дом. Со компанијата КДЛ Смарт Ливинг раководи Марија Ѓоревска. Идејата да донесе ваков функционален мебел во нашата земја произлегла од нејзиниот повеќегодишен престој во Кина. Таму имала можност да се запознае со за нас далечна и недоволно позната култура, која ја инспирирала да отвори своја компанија и да ни го направи достапен овој паметен, едноставен, многу функционален и лесно прилагодлив мебел. Во Кина Марија го запознала и својот сопруг Сен Ванг, ја добиле ќеркичката Луна, a oва невообичаено и прекрасно семејство сега живее во Скопје и ни носи дел од начинот на уредување на кинеските домови.

Кога и зошто се одлучивте да заминете и да живеете токму во Кина?
Во Кина се преселив во 2018 година. Причината беше комбинација од љубопитност за нови предизвици и желба да ја видам и таа страна од светот. Сакав да искусам сосема поинаква култура и начин на живот, а Кина ми изгледаше како идеално место за тоа – динамична, современа и полна со можности.

Кажете ни нешто повеќе за Вашето искуство од животот во оваа за нас далечна земја?
Животот таму беше навистина посебен. На почетокот беше предизвик да се прилагодам – различен јазик, начин на комуникација, темпо на живот и пред сè различна храна. Но со текот на времето научив многу, стекнав нови пријатели и го прифатив животот таму со сите негови убавини. Тоа искуство многу ми помогна и лично и професионално.
Работев како наставник по англиски јазик, предавав „spoken English“ во различни градови, а најголемиот меѓу нив беше Пекинг. Животот таму најдобро го опишувам со една реченица: „Живот во 21-виот век со социјални норми од 19 до 20 век.“
Она што најмногу ми остави впечаток е контрастот меѓу традицијата и модерниот начин на живот. На пример, луѓето плаќаат со лицето преку WeChat Pay, а во исто време се следат традиционални обичаи и ритуали – особено на семејни собири или на официјални настани.


Како го запознавте Вашиот сопруг и како тој се снаоѓа и се чувствува во Македонија?
Едно необично, но често искуство беше кога непознати луѓе ме фотографираа само затоа што сум странец – прво ми беше чудно, но со време сфатив дека тоа доаѓа од љубопитност и од искрена заинтересираност.
Во Кина луѓето речиси и не зборуваат англиски. Една од најважните работи што ми се случија е што таму го запознав мојот сопруг – сосема случајно, во маркет кога збунета и нервозна не можев да најдам тоа што ми требаше, тој ми пријде за да ми помогне, бидејќи изгледа беше единствениот во маркетот кој зборуваше англиски. Од 2019 година сме заедно, и денес имаме прекрасна ќерка која ни го исполнува секојдневието со љубов и со радост. Таа е совршена комбинација од Истокот и од Западот – со срце полно со љубопитност, културна отвореност и со топлина што ги спојува двата света.
Денес сме среќно семејство во Македонија, каде тој почнува добро да се снаоѓа. Ја сака природата, топлината на луѓето овде и сака да донесе свој шмек со тоа што сака да отвори азиски ресторан кој би бил мешавина на повеќе азиски кујни, со еден збор сака да го донесе стариот дом во новиот.

Како дојдовте на идеја да ја формирате компанијата КДЛ Смарт Ливинг?
Идејата се роди од комбинација на двете искуства – животот во Македонија и животот во Кина. Таму видов како паметниот мебел може да го трансформира просторот, а тука сфатив колку кај нас се градат и се бараат сè помали станови и колку овој мебел би бил корисен за луѓето кои живеат во тие мали станови. Така се роди визијата за КДЛ Смарт Ливинг – функционалност инспирирана од Истокот, прилагодена на македонскиот начин на живеење.
Идејата произлезе од реалната потреба за практични и за флексибилни решенија во станбените единици, каде просторот станува сè повреден ресурс. Забележав дека луѓето што живеат во помали станови или во студија, се соочуваат со предизвикот како ефикасно да го искористат својот простор без да се откажат од удобноста и од стилот. Токму оваа потреба беше инспирација за неопходност од мебел кој се трансформира, комбинира и прилагодува според секојдневните потреби на корисниците.


Од какви материјали е изработен мебелот, какви се механизмите за негово непречено функционирање?
Мебелот што го нудиме е изработен од квалитетни материјали како висококвалитетна иверка поотпорна на оштетување, МДФ, метал и прецизно инженерство. Сите механизми се од проверени производители, лесно се манипулира за да може мебелот да се трансформира и сите се од сертифицирани производители – софистицирани, тивки и издржливи, со долг век на траење.
Каков мебел им нудите на клиентите?
Имаме разни видови мебел: клуб маси, трпезариски маси, ротирачки кревети, детски бироа, кујни.
Креветите може да бидат поставени на ѕидот вертикално или хоризонтално во собата и може да послужат и како полици, софа или кревет, зависно потребата. Ѕидните кревети заштедуваат простор, одлични се за маĸсимизирање на површината на собата. Лесно може да ја претворите вашата спална соба, без напор, во простор за повеќе намени со едноставен механизам на спуштање што отĸрива удобна површина за спиење.

Склопувачките кревети на кат со биро се идеално решение за зашдета на простор и совршена солуција за мали детски соби кои ги делат две деца. Креветите на кат се сĸлопуваат на ѕид ĸога не се ĸористат за да се ослободи простор за други аĸтивности, а воедно се претвораат во биро.
Трпезарисĸите маси на преĸлопување, кружни или правоаголни се совршено решение за мали простори и за забавни гости. Овие иновативни маса се трансформираат во различни големини, во пространа или во мала трпезарија со едноставен механизам за преĸлопување. Овие маси лесно се прилагодуваат на вашите потреби. Доколку сакате да го проширите трпезарискиот простор масите лесно се склопуваат во мала комода на тркалца во која се складирани и трпезариските столови.

И нашата клуб масичĸа се подигнува и проширува. Лесно ја претвора дневната соба во трпезарија или во работен простор со фунĸцијата за подигнување, што ја подигнува масата на удобна висина за различни аĸтивности.
Имаме и мултифункционален склопувачки елемент, биро за детски соби. Дизајнот е минималистички, но притоа нуди голем број функционалности. Со внимателно поставени полици, бирото овозможува максимална организација на работниот простор. А кога е склопено претставува мало парче мебел кое ослободува простор за игра во детската соба.
Исто така и нашиот ĸујнсĸи ĸабинет со преĸлопна трпезарисĸа маса е одлично решение за заштеда на простор во мали ĸујни. Овозможува сĸладирање, елегантен дизајн и праĸтичност во една ĸомпаĸтна единица.


Дали паметниот и прилагодлив мебел има широка примена во Кина? Знаете ли нешто повеќе за дизајнерите на овие функционални парчиња?
Да, не само во Кина, туку и во Јапонија и пошироко низ Азија паметниот мебел е многу популарен, претставува незаменливо парче во речиси секој дом. Во земјите на Далечниот Исток практичноста е клучна, бидејќи се живее во мали но компактни простори кои се многу функционални и ги задоволуваат сите потреби за удобно живеење.
Многу дизајни доаѓаат од локални, специјализирани студија со неверојатна креативност и иновација. Имав прилика да соработувам со некои од нив и тоа многу влијаеше на визијата за нашата понуда.

Во какви станови најчесто живеат Кинезите?
Најчесто живеат во мали, функционални станови – од 40 до 80 квадратни метри, меѓутоа во нив живеат три генерации. Кина сè уште е многу традиционална по тоа прашање. Секој агол е максимално искористен, а мебелот е дизајниран така што е лесно трансформативен и има повеќе намени.
КДЛ Смарт Ливинг се претстави и на неодамнешниот Саем за мебел во Скопје. Дали во Македонија има интерес за ваков паметен мебел? Што велат клиентите?
Да, интересот беше голем и навистина ме израдува тоа. Луѓето сакаат паметни решенија, особено оние што живеат во помали простори или сакаат минималистички изглед. На саемот добивме многу позитивни реакции.
Најмногу се бараат трансформирачки кревети – оние што се преклопуваат во ѕид или во софа, потоа маси што се шират и работни бироа кои може да се сокријат. Практичноста и мултифункционалноста се приоритет кај нашите клиенти.
Коментарите на клиентите се одлични. Луѓето велат дека не можат да поверуваат колку им се променил животниот простор на подобро – се чувствуваат поорганизирани, просторот им изгледа поголем и се воодушевени од квалитетот и од практичноста на мебелот.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија