Европската комисија одобрила финансирање на 94 транспортни проекти ширум Европската унија, во склоп на Механизмот за поврзување на Европа (CEF), во вкупна вредност од речиси 2,8 милијарди евра. Овие вложувања имаат за цел унапредување на трансевропската транспортна мрежа (TEN-T) преку модернизација на железницата, пристаништата, внатрешните пловни патишта, патните коридори и воздушниот сообраќај, со посебен фокус на одржливоста, отпорноста и дигитализацијата.

Најголем дел од средствата, дури 77%, ќе бидат насочени на проекти за модернизација на железничката инфраструктура, особено во кохезионите земји. Меѓу најважните инвестиции е изградбата на брзата пруга Rail Baltica во балтичкиот регион и Полска, како и унапредувањето на мрежите во Грција, Словачка, Чешка и другите членки. Исто така, 32 проекти во 11 држави, вклучувајќи ја Германија, Италија и Австрија, ќе го имплементираат Европскиот систем за управување со железничкиот сообраќај (ERTMS), со што се јакне интероперабилноста и безбедноста на железницата.

ЕУ инвестира и во намалување на емисиите од поморскиот и речниот сообраќај, преку електрификација на пристаништата во Ирска, Хрватска и Полска, како и низ модернизација на ледоломците во Финска, Естонија и Шведска, што придонесува за безбедноста и заштитата на инфраструктурата. Дигитализацијата на пловидбата ќе биде унапредена во Белгија, додека Франција ќе го модернизира речниот сообраќај. Во патниот сообраќај, планирана е изградба и унапредување на безбедните паркинг зони за камиони во 10 држави членки, а воведувањето на Кооперативните интелигентни транспортни системи (C-ITS) ќе придонесе за подобра контрола на сообраќајот, посебно во урбаните средини. Градовите како што се Левен, Норчепинг, Ница, Марсеј и Болцано ќе добијат средства за подготовка и изградба на мултимодални хабови кои овозможуваат лесно префрлање од еден на друг вид превоз и унапредување на градската мобилност.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија