Насловна / Вести / ENTSO – E: Дата центрите стануваат предизвик за европската електроенергетска мрежа

ENTSO – E: Дата центрите стануваат предизвик за европската електроенергетска мрежа

Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија ENTSO-E, предупредува дека брзиот раст на дата центрите и потрошувачката на електрична енергија, би можело дополнително да ги оптовари европските мрежи и да ја успори интеграцијата на обновливи извори на енергија доколку развојот на секторот не биде пропратен со зајакнување на електроенергетската инфраструктура.

Во извештајот „Дата центрите и електроенергетскиот систем: очекувани трендови, предизвици и можности“ се истакнува дека експанзијата на вештачката интелигенција (AI) и дигиталните услуги, забрзано ги претвора дата центрите во едни од најзначајните и системски релевантни потрошувачи на електрична енергија во Европа. Според проценките, во Европа постои над 10.500 дата центри со околу 12,7 GW IT капацитети, од кои приближно 9,9 GW се наоѓаат во EU27. Овој капацитет се очекува брзо да расте и значително да придонесе во вкупното зголемување на потрошувачката на електрична енергија во наредните години.

Проекциите покажуваат дека побарувачката од електрична енергија на дата центрите во Европа би можела да се зголеми за повеќе од 50% во периодот помеѓу 2025 и 2030 година, со силен раст во големите економии. ENTSO-E истакнува дека ваков раст носи нови предизвици за мрежата, посебно поради брзите и динамични промени на оптоварувањата кои класичните системи на надзор не можат секогаш правовремено да ги детектираат. Во одредени случаи, тоа може да влијае на стабилноста на мрежата и квалитетот на напонот. Покрај тоа, концентрацијата на нови капацитети во веќе оптоварените региони, дополнително ја оптоварува преносната мрежа и ги продолжува роковите за приклучување кои во некои случаи надминуваат и десет години. Сепак, извештајот нагласува дека дата центрите можат да имаат и позитивна улога во електроенергетскиот систем. Нивните батериски системи, енергетската електроника и флексибилните IT оптоварувања можат да се користат за стабилизација на мрежата, вклучувајќи и регулација на фрекфенцијата.

Испрати коментар

Scroll To Top