Насловна / Вести / Енергетските проекти ширум светот често го надминуваат проценетиот буџет

Енергетските проекти ширум светот често го надминуваат проценетиот буџет

Повеќе од 60% од инфраструктурните проекти во енергетиката ширум светот, чинат повеќе отколку што било првобитно планирано и пресметано – покажува новото истражување на Институтот за глобална одржливост при Бостонскиот универзитет.

Ширум светот се повеќе се сведочи за поместување на роковите за изведба и појава на непредвидени трошоци за инфраструктурни енергетски проекти, а според неодамна објавена студија, во просек еден енергетски проект чини дури 40% повеќе од почетната проценка. Исто така, проектите во просек се завршуваат две години подоцна од планираното. Најлоши резултати од овој аспект  бележат нуклеарните електрани, каде трошоците на изградба во просек ги надминуваат очекувањата за над 100% – што значи дополнителни 1,56 милијарди долари по проект. За разлика од тоа, проектите кои се однесуваат на соларна енергија и електроенергетски мрежи, се покажале како најпредвидливи. Тие често се завршуваат дури и пред рокот и за помал буџет од предвидениот.

Истражувањето посебно се занимава со проекти кои се потпираат на понови технологии, како што е инфраструктурата за водород, геотермални постројки и системи за зафаќање и складирање на јаглерод диоксид. Се покажало дека ваквите проекти често се ризични кога станува збор за почитување на буџетот и роковите, а тоа доведува и до потешко привлекување на инвеститори. Водородот е еден од примерите каде неодамнешниот извештај на Меѓународната агенција за енергија обрнува внимание дека во северозападниот дел на Европа само 8% од сите вакви проекти се во поодмината фаза на реализација. Еден од клучните наоди се однесува на т.н „неефикасност од големи размери“ – кога проектите надминуваат одредена моќност (над 1.561MW), ризикот од експлозија на трошоците значително расте. Според истражувачите, тоа може да значи дека е време да се преиспита стратегијата за големите енергетски проекти.

Испрати коментар

Scroll To Top