Насловна / Архитектура / Ексклузивно за Порта 3: Профил на Американскиот институт на архитекти

Ексклузивно за Порта 3: Профил на Американскиот институт на архитекти

„Секоја зграда има последици, секоја зграда зазема простор, ‘дише’ и креира спомени за непредвидливо разновидни луѓе. Одговорноста на архитектурата не е само да креира убави нешта, туку треба и да биде во тек со случувањата околу неа, дури и на политички план. Зачувањето на историските објекти за мене е особено важно, а особено кога старото, но одржано, се спојува со новото. Архитектонската професија има исцелувачка моќ, малите нешта може да имаат огромно влијание. Без компромис на убавината и елегантноста на една зграда во поширок формат, со сите детали, архитектурата не може да има трајно влијание врз цивилизацијата“, вели Џејмс Стјуард Полшек, којшто важи за легенда во американската архитектура и воедно е член на Американскиот институт на архитекти.

Foto 1_resize

Иако одамна ја следам неговата работа, токму оваа изјава ме инспирираше да истражам повеќе за тоа како функционира ова реномирано тело, со седиште во Вашингтон.

Американскиот институт на архитекти (АИА), е професионална организација којашто е целосно посветена на промовирање на архитектурата. Меѓу бројните одлики е постојаната работа на создавање повредни, еколошки поздрави, безбедни и одржливи објекти и навремена комуникација со своите членови, експертите и јавниот сектор, за важноста на оваа професија.

Во ексклузивна изјава за Порта 3, Институтот на архитекти се осврнува на областите каде е најзастапен, и за што сè се залага.

„Сега, повеќе од кога било порано, колективниот глас на архитектите е од суштинско значење за создавање подобра иднина, како за САД, така и за планетата Земја. Дури и во време на промени, вредностите на АИА остануваат непроменети. Денес САД се соочуваат со невидени предизвици, како влијанијата на климатските промени и критичната инфраструктура којашто се влошува заради занемарување. АИА повикува на потребата од законодавци коишто ќе ја остават политиката настрана и ќе се фатат за работа. Нема повеќе одлагање, време е да се дејствува“, вели Мет Тиндер, главен во Одделот за медиумски прашања во АИА.

Foto 2_resize

Американскиот институт на архитекти изминативе преку 150 години континуирано работи на изградба на следна генерација објекти, подобни за заштеда на енергија, со жителите на ум. „Се водиме по овие приоритети и архитектите и нивните партнери потоа нашите вредности се пренесуваат до избраните законодавци во Конгресот“, додава Тиндер.

Правичност и човекови права

„Пристапот до добар проект е фундаментално право, а архитектите се спроведувачи на промени, сè со цел, ова право да стане реалност. Се залагаме за човекови и граѓански права, универзално почитување на човечкото достоинство и непристрасно постапување кон сите лица при вработување, како и при граѓански и деловни трансакции, без оглед на расна, полова припадност, сексуална ориентација, родов идентитет, физички способности или верски обичаи. За нашата посветеност кон толеранцијата сведочат не само политиките што ги носиме, туку и фактот дека зборовите се преточени во дела – беспрекорно дизајнираните згради“.

Архитектура што ги зајакнува општините

„Инфраструктурата е повеќе од патишта и мостови. Јавните згради, како училиштата, болниците, библиотеките, полициските и противпожарните станици, парковите, па и владините објекти, се темел на нашите општини. Одредени законодавци предолго дозволија состојбата на овие простори да се влоши, намалувајќи ја безбедноста и квалитетот на живот за милиони лица низ целата држава. Архитектите имаат уникатна улога да ги насочат законодавците кон донесување издржани одлуки за реинвестирање во неопходните згради и простори“.

____ 3_resize

Одржлива иднина

„Во време кога светот ги чувствува штетните ефекти на прекумерниот јаглерод диоксид во атмосферата, АИА ќе продолжи да предлага политики што ја штитат животната средина и економијата, поттикнувајќи дизајн, зачувување и изградба на енергетски ефикасни згради со високи перформанси“.

Заштита од влијанието на климатските промени

„Глобалното затоплување и опасностите предизвикани од човекот, претставуваат сè поголема закана за безбедноста на јавноста и виталноста на државата. Зголемувањето на нивото на водените површини и разорните природни катастрофи, резултираат во неприфатливи загуби на животи и имоти. Цврсти и прилагодливи објекти се првата одбранбена линија во услови на променливи услови на живот. Затоа се залагаме за стабилни градежни кодови и политики што ќе водат кон поголема отпорност“.

____ 4_resize

Економски можности

„Архитектите, столбот на проектирањето и градежната индустрија на САД, се претприемачи и мали бизниси. Проектантските компании придонесуваат повеќе од едноставно создавање впечатливи простори – тие креираат добро платени работни места и можности. Но, со тесни маргини на профит и зголемени трошоци за водење фирма, многумина се борат само да го исполнат минимумот. АИА се залага за федерални политики, коишто на компаниите им помагаат да напредуваат, а не да стагнираат. Тоа значи даночен код кој обезбедува фер третман за архитектите, програми за мали бизниси кои обезбедуваат заеми и финансиска поддршка, и коишто ќе им дадат шанса да се натпреваруваат. Затоа АИА се залага за политики што ќе значат малите бизниси да останат силни придонесувачи за економијата во државата“.

Инвестирање во иднината

„Генерација млади луѓе се кочи заради недостиг на пристап до образование и огромниот товар на студентски долгови. Ова никаде не е поверодостојно отколку во архитектурата, каде неодамна дипломираните студенти честопати се принудени да ја напуштат професијата за да може да ги отплаќаат заемите. Без група квалификувани архитекти, нема економски развој. Затоа АИА се залага за политики кои обезбедуваат подобар пристап и финансирање, за младите да влезат и да останат во професијата“.

____ 5_resize

Моќта на гласот

„Членовите на АИА поседуваат моќен глас за вредностите коишто се составен дел од нашите секојдневни активности. Преку културата на застапување на тие вредности, овие членови се посветени на вклучување во процесот на креирање политики и насочување на моќта на дизајнот кон решавање на предизвиците со кои се соочуваат САД. Организацијата ги претставува своите членови во владините одлуки што влијаат на градежната индустрија. Сите членови на АИА, без оглед дали се од локално, државно или федерално ниво, се подеднакво и правично претставени“, изјави АИА за Порта 3.

Моќта на проектот

На едноставното прашање – зошто архитектите се толку важни – одговорот вообичаено е исто така едноставен. Моќта на проектот носи позитивни промени, така што при проектирање на една зграда, архитектите треба да осигураат дека објектот има смисла, дека е лесно и безбедно да се движите низ него. Добропроектираните училишта, создаваат подобри средини за учење, на пример, а квалитетно проектираните работни места, може да се пофалат со поголема продуктивност.

____ 6_resize

Во основата на АИА се токму овие вредности. Организацијата верува дека, незадржливиот дух на архитектите може да се искористи за поддршка и зајакнување на следната генерација проектанти.

Но, нешто и за нејзините почетоци:

Моќта на 13-темина

Американскиот институт на архитекти (АИА) е основан во 1857 година, во канцеларијата на њујоршкиот архитект Ричард Aпџон, каде се состанале тринаесет архитекти. Нивната цел била формирање организација за унапредување на архитектите и архитектурата. АИА почнал со работа два месеца подоцна, а во моментов има околу 95.000 активни членови ширум светот.

____ 7_resize

Десет години подоцна, во 1867 година, АИА го отворил своето прво таканаречено поглавје или канцеларија во Њујорк, а сега брои преку 260 филијали низ САД и светот.

Истата година АИА ја одржал првата конвенција во Њујорк и ова и натаму е настан на годината за целата индустрија, посетуван од илјадници луѓе.

____ 8_resize

Седиштето на АИА е во Вашингтон, а првично било сместено во историска куќа во непосредна близина на Белата куќа. Осмоаголниот објект е дизајниран од д-р Вилијам Торнтон, архитектот  на зградата на американскиот Конгрес. Седумдесет и пет години подоцна седиштето на организација е на истиот имот, но во друга зграда.

Дефинирање на стандард за индустријата

Во 1911 година АИА се консултирал со градежници и адвокати за да го објави својот прв интегриран пакет на стандардизирани документи за договор, кој ги дефинира односите и условите при проектирање и изградба. Сега, како стандард во индустријата, документите на АИА опфаќаат широк спектар на области, вклучувајќи и одржливи проекти.

____ 9_resize

Историјата на една зграда може да се изгуби со текот на годините. Чарлс Петерсон, почесен научен соработник во АИА, предложил Институтот, Службата за национални паркови и Конгресната библиотека, да спонзорираат програма за проектирање и документирање историски градби, создавајќи една од најголемите колекции на записи за постојните згради во светот.

Пристапни стандарди за проектирање

Во 1958, претседателот Ајзенхауер го назначил тогашниот претседател на АИА Леон Шатлејн, да помогне во изработката на првите национални стандарди за пристапност. Овие принципи станале закон во 1961, 1968 и 1980 година, кулминирајќи со Законот за Американците со попреченост во 1990 година.

Предизвик за разновидност

За време на говор на Конвенцијата на АИА во 1968 година, лидерот за граѓански права Витни Јанг, ги повикал архитектите да ја погледнат малцинската застапеност во рамките на сопствената професија. Неговиот говор ги инспирирал програмите на АИА за зголемување на различноста, финансирање стипендии за малцинства, признавање малцински и жени-лидери во АИА и пласирање квалитетен проект во недоволно заштитените општини.

Меѓународни поглавја или филијали

Создавањето меѓународни поглавја за членовите на АИА кои работат во странство го одразува глобалниот опсег на пракса за американските фирми. АИА ја отвори својата прва филијала во странство во 1993 година, со канцеларија во Лондон, проследена со претставништва во Хонг Конг (1997), Јапонија (2005), Блискиот Исток (2010) и Шангај (2015).

Обнова од природни катастрофи

По ураганите Катрина и Рита во 2005-та, АИА и Американското здружение за планирање, ја организираа Конференцијата за закрепнување и обнова на сојузната држава Луизијана, на која учествуваа преку 650 официјални лица, експерти и граѓани, коишто помогнаа во изготвување долгорочни планови за повторна изградба на опустошените области. Денес, ваквите планови се редовна пракса.

____ 10_resize

Неутрални згради против јаглерод

Зградите се најголемиот единствен придонесувач за производство на ефект на стаклени градини. Затоа, во 2009 година, АИА ја започна Обврската 2030-та, повикувајќи ги проектантските компании да предложат планови за неиспуштање јаглерод диоксид во атмосферата. На иницијативата се обврзаа преку 350 компании.

____ 10+_resize

Иновации за дизајн и здравје

Архитектурата и дизајнот може да го подобрат јавното здравје, помагајќи да се заштедат ресурси и животи. Во 2014 година, АИА почна да истражува што може дополнително да се направи во таа насока, организирајќи го првиот Самит за проектирање и здравје.

Кампања за јавна свест

Во 2015 година, АИА започна кампања наменета за прикажување на вредноста на архитектите и архитектурата. Целта на интегрираната иницијатива е подигање на јавната свест за важноста од постоење безбедни објекти, нови училишни згради, но и потребата од одржување и натамошна употреба на постојните објекти. „Архитектите и градежниците градат структури од стакло, челик, дрво, но што е поважно, градат мостови кои водат кон подобра иднина и благосостојба за земјата“, велат од АИА.

____ 11_resize

Унапредување на различноста

Постигнувањето правична пракса е клучно за релевантноста, економското здравје и иднината на архитектурата. Во 2015 година, АИА формираше нова Комисија за еднаквост во архитектурата – панел од архитекти, образовни работници и експерти, со мисија за истражување на разновидноста и вклученоста во професијата и креирање план за акција.

Промоција на иновативноста

АИА е познат и по Програмата за помош при проект. Од 1966 година, наваму, катализирал милијарди долари во нови инвестиции, креирала милиони работни места во индустријата и ревитализирала некои од најистакнатите места и паркови во Америка. Институтот редовно нуди бројни награди и рејтинзи коишто помагаат во промовирање на иновативноста и креативноста во архитектурата.

Рејтинзите се ограничени на членовите со своевидно влијание врз професијата, кои постигнале ниво на извонредност, а со тоа имаат влијание и врз општеството во целина. Овие членови се дел од престижниот Колеџ на соработници, што е приближно три проценти од вкупното членство.

Признанието им се дава на професионалци со најмалку 10 години членство во АИА. Тие се номинирани во една или во неколку од следниве категории:

– Промовирање научна, естетска и практична ефикасност на архитектурата.

– Координација на индустријата и конкретно архитектурата, преку лидерство во АИА или во други засегнати организации.

– Унапредување на уметноста, науката и стандардите за изградба – планирање, образование, обука и практикување на архитектурата.

– Подобрени услови за живот на општеството, а со тоа, подобрување на животниот стандард.

____ 12 _resize

Поддршка на потенцијалот на членството

Соработката опфаќа унапредување на ресурсите и зајакнување на мрежите на комуникација меѓу членовите, и други професионалци за непречено одвивање на тимската работа. Членовите на АИА уживаат можности за професионален развој. Младите архитекти може да посетуваат курсеви и семинари за подготовка за испити за лиценци, некои добиваат и стипендии, што потоа им отвора врати за идни вработувања.

Карактеристично за АИА е и што во изнаоѓање решенија за итни прашања, ја ангажира и јавноста, и граѓански и владини претставници.

АИА важи и како платформа каде различни компании и групи за проектирање може да споделат информации и знаење. Членовите на овие заедници, составени од индивидуални архитекти со различен стил, потекло, области на специјализација и интереси, стекнуваат експертиза, остануваат инволвирани и се поврзуваат едни со други како дел од моќната мрежа на архитекти.

Членовите на АИА се сметаат за луѓе со непоколеблива страст кон професијата, нашироко се познати по придржување до етичкиот кодекс и однесување, за да обезбедат највисоки професионални стандарди. АИА тоа го постигна поттикнувајќи ги своите членови да ги почитуваат федералните закони, законите за монопол и сопствените, интерни закони. Согласно овие мерки, АИА го заштити интегритетот на архитектурата како професија, a истовремено и сопствениот углед.

____ 13_resize

* * * *

AIA_LOGO_MASTER

 АИА

АИА има Национална библиотека, издава месечен магазин и поседува неверојатно богата колекција на ресурси, податоци и други средства за историјата на организацијата и за нејзините членови.

Архивата на АИА вклучува евиденција за политиките, програмите, публикациите, членовите и наградите на организацијата – вклучувајќи и информации за првиот состанок на АИА на 23-ти февруари, 1857 година.

Датотеката за историјатот на АИА обезбедува бројни информации за членовите на АИА од 19-тиот и 20-тиот век. Се ажурира постојано и очигледно претставува непроценлив извор за истражување, како за членовите, така и за компании и научници.

Еден од илјадниците податоци е дека Кортни Брет, на пример, на 24 години станала најмладиот лиценциран архитект во историјата на Американскиот институт за архитекти.

АИА воедно е популарно, ако не и совршено место за важни деловни состаноци или приватни настани, како венчавки, на пример. Локацијата секако е меѓу примамливите компоненти. Зградата се наоѓа во центарот на Вашингтон, близу Белата куќа, Националното шеталиште и Уметничката галерија Коркоран. АИА нуди пет одделни простории за состаноци и настани, опремени со најсовремена технологија, природно осветлување и поглед на историската осумаголна зграда.

____ 14_resize

АИА се залага за јавни политики коишто ја промовираат економската виталност и јавната благосостојба. Целта е едноставна – преку добар проект, да се постигнат позитивни промени не само во архитектурата во САД, туку и низ целиот свет.

Во јуни годинава АИА ја најави својата прва дигитална конференција за архитектура. A’21 ќе биде серија од четири уникатни настани коишто ќе се однесуваат на деловните потреби на компаниите, во услови кога светската економија истовремено е погодена од пандемија, климатски промени и расна нееднаквост.

Јулија ВЕЛКОВСКА

(Специјално за Порта 3 од Вашингтон)

ФОТО Кредит – Американски институт на архитекти

Испрати коментар

Scroll To Top