Насловна / Вести / „Еко-свест“: Субвенциите за хидроенергија прават хаос во природата

„Еко-свест“: Субвенциите за хидроенергија прават хаос во природата

Непропорционално високи субвенции за малите хидроелектрани во Западен Балкан резултираат со големи штети по животната средина, а од нив профитираат богати бизнисмени кои се блиски или се дел од владите во регионот. Истовремено, придонесот кон производството на електрична енергија е незначителен – посочува новата студија објавена од CEE Bankwatch Network.

Поткрепени од дарежливите повластени тарифи поддржани од државите, бројот на хидроелектрани помали од 10 MW во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, С. Македонија и Србија е четирикратно зголемен од 108 на најмалку 488 помеѓу 2009 и 2018 година. Во нашата земја бројот на мали хидроелектрани што добиваат повластени тарифи е зголемен тринаесет кратно –  од 6 на 79 – во истиот тој период.

Додека во светот соларните и ветерни енергетски проекти растат со огромна брзина, во 2018 година не помалку од 70 отсто од субвенциите за обновливи извори на енергија во регионот се дадени за мали хидроелектрани. И покрај ваквата поддршка, малите хидроелектрани придонеле со само 3,6% од вкупното производство на електрична енергија.

hidroenergija

Пипа Галоп од CEE Bankwatch Network и главен автор на извештајот, вели дека крајно време е да се престане со давање субвенции за хидроенергија на Балканот. Впечатокот е дека од нив имаат корист само богатите, предизвикуваат големи штети по животната средина и го загрозуваат целиот процес на транзиција кон одржлив и енергетски ефикасен систем.

Реките и потоците, најчесто во заштитени подрачја или подрачја со исклучителни природни вредности како Националниот парк Маврово, Паркот на природата Стара планина во Србија и Националниот парк Валбона во Албанија, беа пренасочени во цевки со поставување брани, оставајќи суви речни корита и население што зависи од нив без важни извори на вода што предизвика и силни реакции од јавноста во регионот.

Во нашата земја во 2018 година, 95 мали хидроелектрани произвеле само 6,9 отсто од вкупната електрична енергија, а добиле 42 отсто (15 милиони евра) од субвенциите за обновлива енергија. Сите овие средства се директно наплатени од сметките за електрична енергија на граѓаните.

hidroenergija1

Давор Пехчевски од Еко-свест, ко-автор на извештајот додава дека субвенциите за хидроенергија се еден од главните двигатели на уништувањето на природните богатства во нашата земја и го загрозуваат пристапот до чиста вода, па така тие треба веднаш да се укинат. Хидроенергијата е зрела технологија што би требало да е конкурентна на пазарот и без субвенции, но исто така веќе имаме изградени повеќе од доволно мали хидроелектрани и со секоја наредна само се зголемува притисокот на екосистемите. Само технологиите што се уште се пробиваат на пазарот и чија цена се очекува дополнително да паѓа во иднина, како што се соларна и ветерна, треба и понатмау да се субвенционираат.

Фаворизирањето на хидроенергијата од страна на Владата дополнително се зголеми во 2019 година кога воведе покомпицирани процедури за субвенционирање на соларна и ветерна енергија, но го задржа „прв дојден-прв услужен“ системот со повластени тарифи за малите хидроелектрани што повлече и жалба до Енергетската заедница од граѓанските организации во јули оваа година.

Александра Бујароска од Фронт 21/42 исто така вели дека постоечките договори за концесии за мали хидроелектрани лоцирани спротивно на начелата за Законот за заштита на природата и Законот за води мора да бидат раскинати, а во идните повици за концесии, ваквите локации да бидат исклучени. Онаму каде што таквите проекти се веќе реализирани и штетата е веќе направена, како хидроцентралите во Националниот парк Маврово, институциите треба редовно да ги контролираат и ригорозно да ги казнуваат. Државата треба да воведе систем каде дел од казната за овие централи ќе биде сериозно намалување на повластената тарифа или губење на истата.

Шемите за поддршка го губат кредибилитетот кај јавноста затоа што од нив бенефицираат добро поврзани бизнисмени. Кај нас Вице-премиерот за економски прашања Кочо Анѓушев поседува најмалку 27 мали хидроелектрани, а претседателот на најголемата опозициска апртија Христијан Мицкоски има најмалку 5 концесии. Во соседна Србија кумот на претседателот Александар Вучиќ, Никола Петровиќ, е меѓу најприсутните во бизнисот со малихидроелектрани. Во Црна Гора субвенциите главно се слеваат кај луѓе блиски до преседателот Мило Ѓукановиќ, нагласуваат од Еко-свест.

“Државата воведе потранспарентен систем за субвенционирање на ветерни и соларни електрани базиран на аукции и премии, но го задржа ситемот со повластени тарифи за хидроенергијата – спротивно на европските правила направени да овозможат пропорционално субвенционирање со најниска цена за граѓаните“, објаснува Пехчевски. Тој додава дека со оглед на тоа дека кабинетот на Кочо Анѓушев е директно вклучен во изготвувањето на легислативата, се чини дека одлуките се носат за поддршка на приватни интереси наместо на јавниот интерес.

Испрати коментар

Scroll To Top