Насловна / Вести / Едукативна планинарска тура на Матка

Едукативна планинарска тура на Матка

Во сабота ќе се одржи првото издание на големата едукативно-хуманитарна планинарска акција Матка 2018. Настанот е во организација на планинарските клубови на Федерацијата на планинарските спортови на Македонија, а со поддршка на Град Скопје.матка

„В сабота Матка ќе биде местото за сите вистински љубители на природата, планинините, спортот, рекреацијата и, конечно, на најубавиот кањон во Европа“, најавуваат организаторите и додаваат дека сите што сакаат да се прошетаат низ природните убавини може да се одлучат за една од двете планинарско-рекреативни тури:

Група 1: село Шишево-манастир „Свети Никола“-кајакарски мост-планинарски дом „Матка“

Група 2: манастир „Света Богородица“-црква „Свети Спас“-планинарски дом „Матка“

И на двете тури ќе има придружба од искусни планинари и членови на ПД „Кораб“ – Скопје, ПСД „Макпетрол“ – Скопје, ПК „Шкупи“ – Скопје, ПД „Козјак“ – Куманово и ПК „Шари“ – Гостивар, кои на учесниците ќе им ги доловат двете исклучително атрактивни планинарски патеки и основите на планинарењето. Присутните ќе имаат можност да чујат кои се предизвиците на планина, што мора да се знае пред да се планинари, ќе се споделуваат исксутва, а ќе се зборува и за тоа како може да се опстане во планина подолго време и во различни временски услови.

Двете тури почнуваат во 8 часот на местото на поѓање на секоја една од турите, а за учесниците обезбеден е и бесплатен превоз до стартот на планинарските тури. Бесплатните автобуси тргнуваат од 7 до 7.25 часот од Транспортен Центар, со попатно застанување на станиците: пазарче „Буњаковец“, Трговски центар „Лептокарија“ и бензинската станица „Макпетрол“ во Ѓорче Петров. Сите бесплатни автобуси ќе бидат означени „За планинари Матка 2018“. Автобусите се враќаат во 17 часот, а ќе тргнат од големиот паркинг на Матка.

Оние што нема да планинарат ќе може да присуствуваат на целодневна забава пред планинарскиот дом „Матка“. Пред планинарскиот дом „Матка“ ќе има поставено штандови на планинарски клубови и на Федерацијата на планинарските спортови, на кои ќе бидат делени и продавани мапи, компаси, книги за планинарење, планинарска опрема, проспекти за безбедност во планина, алатки. Средствата од продажбата ќе одат исклучиво во хуманитарни цели.

За секој посетител е обезбедено бесплатно планинарско чајче и вода, а ќе се дели и ручек за планинари и посетители – традиционално планинарско гравче. Ќе бидат поставени и кутии за донации, а членовите на ФПСМ и на клубовите, кои ќе земат учество, ќе донираат храна, пари, обувки, облека, ќебиња, исто така во хуманитарни цели.

За најмладите планинари ќе има изведба на песнички од „Златно славејче“, а тие ќе може да научат како се врзува јазол, како да се заштитат од дожд или снег во природа, како најлесно да ја исушат облеката, како се поставува шатор во природа итн. За најуспешните од работилниците ќе следуваат и подароци од искусните планинари. За малку повозрасните ќе има и диџеј-сетови, стендап-шоу и уште многу изненадувања, најавуваат организаторите.

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top