Југоисточна Европа е меѓу најзагрозените региони во светот кога станува збор за глобалното загревање. Недостатокот на вода има најдрастични последици по целиот жив свет, и сериозно влијае врз јавното здравје. Во Бугарија на пример, околу половина милион луѓе се наоѓаат во опасност од недостаток на вода. Источна и североисточна Бугарија се редовно погодени од суши и недостаток на вода, па во наредните пет до десет години неопходен е премин на алтернативни облици на снабдување, вклучувајќи и фабрики за десалинизација на морска вода. Покрај влијанието на климатските фактори, експертите во оваа земја тврдат дека ваквата ситуација е предизвикана и од недостатоците на системот за управување со водите, како и корупцијата.

Дури една четвртина од жителите на Србија, повремено или постојано нема пристап до безбедна вода за пиење од водовод. Грчката влада ветува драстична промена во системот за управување со водите: пофункционален систем, повеќе интервенци, нови технологии вклучувајќи десалинизација, но и рециклирање и повторна употреба на водата. Летниот туризам во оваа земја го зголемува интензитетот на водниот стрес. Побарувачката на некои острови расте дури и за 30 пати. Од друга страна, количината на дождови и снег во Грција постојано се намалува. Загубите во мрежата за водоснабдување достигнуваат и до 40%.

Турција стартуваше со нова технологија во решавањето на овие предизвици. Станува збор за првата пловечка платформа за пречистување на морска вода во Турција. Работи исклучиво со помош на енергија од ветерот и Сонцето и произведува вода која сеуште не е толку квалитетна за да се употребува и за пиење. Грција исто така планира да спроведе огромен проект за енергетска независност на бројните неинтерконектирани острови, а тука спаѓаат инвестиции во десалинизација со напојување со електрична енергија од обновливи извори.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија