Прогласен за национален историски споменик, култниот парк Голден гејт во Сан Франциско е прекрасна урбана оаза. Покрај повеќе од 400 хектари шумски патеки и патеки за возење велосипед и за пешачење, тука е и познатиот Музеј де Јанг на Herzog & de Meuron, Калифорниската академија на науките и живописната градина со јапонски чај. Во паркот има тениски терени, терени за голф, езеро за возење чамци, големи спортски терени покрај плажата, а можеби е и единствениот парк во земјата со полиња каде пасат бизони!


Кога Frederick Law Olmsted, архитект на Централ парк во Њујорк, во 1865 година ја разгледувал парцелата што градоначалникот на Сан Франциско, Frank McCoppin, сакал да ја претвори во огромен градски парк, бил разбирливо скептичен. Ова било парче од околу 400 хектари непријатни, сомнителни песочни дини на периферијата на градот, погодени од силни ветрови што дуваат од темносивиот Пацифик.

Пејзажниот архитект ја одбил работата, и покрај можноста да создаде парк поголем од оној во Њујорк, пред неговото прво ремек-дело да биде завршено. Но, Olmsted сигурно би го сменил мислењето, еден век подоцна, кога би видел што станал паркот Голден гејт – од бонсаи, бизони и секвои до фризби, бесплатна музика и слободен дух, кога во 1960-тите, паркот на Сан Франциско станал епицентар на „Летото на љубовта“. Денес, се чини дека сè уште содржи речиси сè што неговите жители посакуваат во својот град.

РАЗВОЈ НА ПАРКОТ
Во 1870 година инженерот William Hammond Hall подготвил геодетска и топографска карта на локацијата на паркот и станал негов комесар во 1871 година. Подоцна бил именуван за прв државен инженер во Калифорнија и развил интегриран систем за контрола на поплави за долината Сакраменто. Паркот го добил своето име по блискиот теснец Голден Гејт.

Планот и садењето ги развиле Hall и неговиот помошник, John McLaren, кој работел во Шкотска, дом на многу од најдобрите професионални градинари во 19 век. Кога Комисијата за паркови го прашала дали може да го направи паркот Голден гејт „едно од најубавите места во светот“, одговорил велејќи: „Со ваша помош господине, и со Божја волја, ќе го направам тоа“.

Во фокус на првата фаза од развојот било садење дрвја со цел да се стабилизираат дините што покривале три четвртини од површината на паркот. За да ги трансформира песочните дини во парк, McLaren две години одгледувал семе од трева набавена од Франција, за да ја држи земјата цврсто. По овој успех, McLaren вовел нови видови растенија и додал над 700 нови видови дрвја во Калифорнија во рок од една година. До 1875 година, биле засадени околу 60.000 дрвја, претежно Eucalyptus globulus, бор Монтереј и чемпрес Монтереј.

До 1879 година, таа бројка се зголемила повеќе од двојно на 155.000 дрвја на 400 хектари. Во текот на неговиот живот, се смета дека McLaren засадил над два милиони дрвја во северна Калифорнија. Друго негово достигнување е создавање на отворен простор за пешачење по должината на брегот на Пацификот на западната граница на паркот. И покрај пречките, како што се силните плими и ветровите што го носат песокот кон паркот, McLaren успеал да изгради шеталиште така што натрупувал илјадници гранки од дрвја во текот на 20 години. Живеел во McLaren Lodge во Голден гејт Парк сè до неговата смрт во 1943 година на 96-годишна возраст. McLaren авенијата во близина на Линколн Парк е именувана по него.

На крајот, McCoppin, Hall и McLaren си го направиле своето, создавајќи зелен простор кој „делува диво… разбушавен, лавиринтски и збунувачки“, според зборовите на Gary Kimya, историчар на Сан Франциско. Всушност, тој напишал во една негова книга дека: „Парадоксот на паркот Голден гејт е во тоа што неговата дивост е речиси целосно создадена од човекот. Секој сантиметар од паркот морал да биде освоен. Загубата на големите песочни дини на Сан Франциско е трагична, но (претставува) на крајот, триумфално преговарање помеѓу човекот и природата“.

Неколку од најраните карактеристики на паркот Голден гејт ја поткрепуваат таа проценка. Конзерваториумот на цвеќе, отворен во 1879 година и исполнет со ретки примероци од Јужна и Централна Америка и со водни растенија со потекло од Амазон. Езерото Стоу е создадено во 1893 година со неговиот живописен рид Стробери, омилено место за семејствата повеќе од сто години.

Јапонската градина на чај е уште еден ран успех – најстарата таква јавна јапонска градина во САД. Внимателно негуваната градина е полна со увезени растенија, птици и риби кои цветаат повеќе од еден век во некогаш негостољубивите земји, далеку од нивната родна Јапонија.

НОВИ ЕЛЕМЕНТИ ВО ПАРКОТ
Во 1906 година, речиси четириесет години откако дините се претворени во парк, катастрофалниот земјотрес што го потресол Сан Франциско, оставил илјадници бегалци да кампуваат во парковите.

Како што градот закрепнувал од земјотресот, неколку нови институции нашле дом во паркот Голден гејт, вклучувајќи го и стадионот Кезар, Калифорниската академија на науките и Музејот де Јанг. Бодликавата градина со далии се појавила во средината на 1920-тите, како и Шекспировата градина со својата колекција од 200 растенија.

За време на Големата депресија, администрацијата на градот додавала нови елементи во паркот Голден гејт, вклучувајќи ја Ботаничката градина, поле за стрелаштво, Anglers Lodge и Model Yacht Club. Исто така, изградена е и плажата Beach Chale со нејзините прекрасни фрески што ја раскажуваат приказната за изградбата на паркот Голден гејт.

Најимпресивно е што Хуверовата шума од џиновски секвои е засадена во 1930 година во чест на жртвите од Првата светска војна, на јужниот раб на улицата „Мартин Лутер Кинг Јуниор“. Тука може да се видат овие високи џинови.

Карактеристиките и употребата на паркот продолжиле да се развиваат со текот на децениите. Прекрасната куќа за чамци на езерото Стоу е доработена во 1946 година. Дваесет години подоцна, движењето Human Be-In го најавило „Летото на љубовта“, кога илјадници млади луѓе биле привлечени кон Хипи Хил од ветувањето за утопија поттикнато од бесплатни концерти од локални бендови и изобилство канабис и ЛСД. И денес ако го посетите паркот на 20 април ќе го почувствувате мирисот на сцената на Хипи Хил од пред повеќе од педесет години.
Едно од поновите дополнувања на паркот Голден гејт е Националниот споменик на жртвите на СИДА, изграден во 1991 година, како почит на изгубените животи.

ПАРКОТ ПОСТОЈАНО СЕ РАЗВИВА
Но тоа не е сè. Паркот сè уште постојано се развива од година во година. Денес, паркот Голден гејт е домаќин на настани како што се трката на 12 километри „Bay to Breakers“, како и музичките фестивали „Hardly Strictly Bluegrass“ и „Outside Lands“ кои се одржуваат секој октомври. Во декември, божиќните светла се атракција за семејствата и за посетителите.

Во 2020 година, градот ја прослави 150-годишнината од паркот со привремени уметнички инсталации како што е светлосното шоу „Entwined“ на локалниот уметник Charles Gadeken. Уште еден нов додаток за одбележување на годишнината беше SkyStar Wheel, панорамско тркало во паркот Голден гејт, кое беше таму до март 2025 година. За време на пандемијата КОВИД-19 тука се случуваа неделни забави на ролери, бесплатна забава предводена од заедницата за ролери „Skatin’ Place“, на која настапувале диџеи во живо.

Во текот на летните месеци може да налетате на едно од 12-те пијана скриени околу Ботаничката градина на кои може секој да свири, како дел од настанот наречен „Flower Piano“, кој вклучува бесплатни часови по пијано, заедничко пеење на зајдисонце и уште многу забава.

Во 1983 година, кралицата Елизабета II го посетила паркот Голден гејт за време на обиколката на Западниот брег. Нејзината посета вклучувала вечера во Музејот Де Јанг, на која присуствувале тогашниот претседател на САД Роналд Реган, Вили Мејс, Џорџ Лукас, Џо Димаџо и Стив Џобс.

Возењето велосипед, пешачењето и возењето ролери овде се популарни. Бројни автобуски и тролејбусни линии исто така го опслужуваат паркот „Голден гејт“, а влезовите се по должината на паркот по целиот негов периметар.
Во 2017 година, Сан Франциско стана првиот град во Соединетите Американски Држави каде што сите жители имаат пристап до парк на 10 минути пешачење, што е директен резултат на посветеноста на Одделот за зголемување и подобрување на парковите во градот.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија