Насловна / Архитектура / Денес се одбележува Денот на македонските инженери

Денес се одбележува Денот на македонските инженери

Инженерската институција на Македонија одбележува 105 години од формирањето на првото македонско здружение на инженерите што се случило на 21 март 1920 година. По тој повод 21 март е прогласен за Ден на македонските инженери. Нo, одбележувањето на настанот беше одложено поради несреќата во Кочани.

Одбележувањето на Денот на македонските инженери ќе се одржи денес, 14. мај во хотелот „Александар Палас“ со почеток во 19 часот.

На настанот ќе се обратат проф. д-р Христина Спaсевска, претседател на Инженерската институција на Македонија, Сања Божиновска, министер за енергетика, рударство и минерални суровини и проф. д-р Калтрина Зеколи Шаќири, заменик министер за транспорт.

Исто така за прв пат ќе се доделат награди за најактивно здружение на Инженерската Институција на Македонија и за млад инженер на годината. На конкурсот за млад инженер на годината се пријавија 52 кандидати. Најдобриот кандидат е избран анонимно од Жири составено од  47 претставници од медиумите и компании, млади инженери, носители на инженерски прстен, студенти, професори и јавни личности, ценејќи ги неговите инженерски достигнувања во 2024 година, но и потенцијалот што го поседува да биде пример и инспирација за помладите генерации, придонесувајќи за ентузијазам во инженерството, технологиите, природните науки и иновации.

Настанот по повод Денот на македонските инженери ќе заврши со панел дискусија на тема „Македонското инженерство во пресрет на индустријата 5.0“, чиј што модератор е д-р Андреј Лепавцов, а панелисти се: д-р Ристо Јаневски, претседател на Собранието на Стопанската комора, проф. д-р Азир Алиу, Универзитет на Југоисточна Европа, конзул Анета Антова Пешева, основач и директор на УНЕТ и инж.Велимир Петровски, менаџер за производство во Кнауф.

На настанот, покрај говорниците, ќе присуствуваат членови на жирито што го избра младиот инженер на годината, претставници од Стопанската Комора на Северна Македонија, Сојузот на стопански комори, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, Советот на странски инвеститори, претставници од менаџерските бордови на македонски компании, младите инженери кои беа кандидати за наградата млад инженер за 2024 година.

Испрати коментар

Scroll To Top