Насловна / Вести / Цртежи и графики на Мештровиќ прв пат пред домашната јавност

Цртежи и графики на Мештровиќ прв пат пред домашната јавност

Националната галерија на Македонија оваа година е дел од европската манифестација „Европска ноќ на музеите 2017“ која ќе се одржи на 20 мај.

Оваа манифестација се одржува во сите музеи во Франција и во сите европски музеи кои сакаат да партиципираат, а влезот на „Европска ноќ на музеите 2017“ е бесплатен за сите посетители.мештровиќ

Во рамките на европската манифестација „Европска ноќ на музеите 2017“, НГМ ќе се претстави со изложбата „Иван Мештровиќ, графики од Депоата на НГМ“, која ќе биде претставена во објектот Чифте амам од 18 до 31 мај.

Изложбата ќе и понуди на македонската публика ретка можност да проследи оригинални литографии (21) од светскиот скулптор Иван Мештровиќ (1883 – 1962), овој пат претставен како цртач и графичар.

Делата се составен дел од мапата литографии од 1923 г. и се сопственост на Националната галерија на Македонија (од т.н. екс-југословенска збирка). Мапата ќе биде проследена и со презентација на две скулптури од уметникот, исто така сопственост на галеријата.мештровиќ2

Изложбата има за цел да го претстави пред македонската публика цртачкото и графичкото мајсторство на скулпторот Иван Мештровиќ. Тоа е единствена прилика македонската јавност да ги види овие дела коишто за прв пат се изложуваат, а се дел од т.н. екс-југословенска збирка на некогашната Уметничка галерија „Скопје“, систематски собирана во втората половина на четириесеттите години на минатиот век. „Ценејќи го реномето на Мештровиќ како светски признат уметник, сметаме дека изложбата ќе предизвика несекојдневен интерес“, велат од галеријата.мештровиќ3

Оваа манифестација е поддржана од Министерството за култура и комуникации на Република Франција, Советот на Европа, ИКОМ, УНЕСКО, а е поддржана и од асоцијацијата Музеите во Франција, Федерацијата „Пријатели на музеите“, TV5MONDE, Radio France и други.

Испрати коментар

Scroll To Top