Насловна / Архитектура / „Челичната дама“ на „Енергопројект“

„Челичната дама“ на „Енергопројект“

Повозрасните добро се сеќаваат на годините на интензивниот развој на компанијата „Енергопројект“, која стана препознатлив бренд во проектирањето на индустриски, деловни и комерцијални објекти во поранешна Југославија, но и во Африка и на Блискиот Исток. Името на оваа компанија, која и денес успешно работи, во актуелниов период зачестено се споменува во медиумите во регионот, поради продажбата на првата нејзина деловна зграда, подоцна објект на „Беобанка“, со намера да се реконструира во првата „зелена“ зграда во Белград.

Energoprojekt 7

 

Сепак, малкумина знаат дека за развојот на „Енергопројект“, најголема заслуга има една жена – главниот архитект на компанијата, Милица Штериќ. Уште понепознат е фактот дека таа ги проектирала некои од првите електрични централи, толку важни за развојот на индустријата во повоена Југославија. Токму неа и бил доверен и проектот на погоре споменатата прва деловна зграда на компанијата, изградена во 1960 година, а за која Штериќ ја добива „Седмојулската награда“ во 1961.

energoproejekt 1

Дипломирала архитектура во Белград во 1937 година, а веќе од 1947 година се вработува во претпријатието „Електроисток“, и во наредната деценија се посветува на проектирање на електрични централи. Веќе во првите години по Втората Светска војна се донесуваат повеќе одлуки за изградба на нови централи. Бидејќи во Белград, Германците оставиле зад себе недовршена електрана, наредено е истата да биде дислоцирана во Костолац. Така во 1948 настанува електричната централа „Мали Костолац“, за која Штериќ е автор на градежниот проект. Потоа следуваат и други централи, особено по формирањето на „Хидро-Термо Електропројект“ во 1951 година, а подоцна и „Енергопројект.“ Најстарата и денес активна термоцентрала, „Колубара А“ изградена е во 1956 година, а проектот го потпишуваат Милица Штериќ и Божидар Петровиќ.  Истите години, Милица Штериќ ги проектирала и термоцентралите „Какањ“ во БиХ и „Велење“ во Словенија.

energoproejekt 2

Во 1957 година заминала во Холандија, каде работела во бирото на „Ван ден Брук“ и каде го усовршила својот архитектонски израз врз искуствата на Баухаус. Повторно се враќа дома, каде продолжува со својата плодна работа на бројни деловни, станбени и јавни објекти.

energoproejekt 3

SONY DSC

Чистата структурална форма и комбинирањето на челик и стакло, ќе останат трајно обележје на нејзината работа која во центарот на Белград е видлива и по деловната зграда од 1957 година, во која денес е сместено српското Електростопанство, како и по деловниот објект на Бранкова улица.

Energprojekt 4

Подоцна станува и директор на „Енергопроејект“ и работи неуморно на меѓународната репутација на фирмата. Во 70-тите години од минатиот век, работела на проекти во Нигерија (комплекс згради за потребите на Министерствата), потоа во Кувајт (бедуинска населба со 5.000 куќи), во Замбија (воена населба) и други.

Својот професионален и животен пат го завршува во Белград во 1998 година, на 84 годишна возраст.

Еден коментар

  1. Одлична сторија за една голема архитектка, жена и стопанственик, со голема биографија. Браво.

Испрати коментар

Scroll To Top