Додека погледот на просечниот минувач во нив гледа само матна вода, кал и густа трска, науката алармира – блатните системи се биолошките мотори без кои нашите езера и реки се осудени на изумирање. Иако со децении беа жртва на погрешни политики и на агресивна урбанизација, денес битката за блатните системи особено за Студенчишкото и Белчишкото Блато не е само битка за заштита на ретки видови, туку борба за опстанок на најголемите природни филтри што Македонија ги поседува.

Сино Дувло, Белчишко Блато
Зошто блатните системи се нарекуваат „бубрези на планетата“?
Овие екосистеми го добиле својот епитет поради неверојатната способност да ја филтрираат и прочистуваат водата, исто како што бубрезите ја прочистуваат крвта во човечкото тело. Нивната функција е тројна:
- Биолошка филтрација: Трската и микроорганизмите во кореновиот систем буквално го „јадат“ вишокот азот и фосфор од вештачките ѓубрива, спречувајќи го езерото да „зазелени“ и да се загади.
- Таложење седименти: Тие дејствуваат како природни таложници каде матната речна вода на своите вливови (утоки) во езерото забавува, а песокот и калта заглавуваат меѓу растенијата кои во функција на своевидни филтри пропуштаат само бистра вода.
- Хемиско чистење: Специфични бактерии во почвата ги претвораат штетните нитрати во безопасен азотен гас кој оди во атмосферата.

И покрај овие непроценливи вредности, долги години, блатните системи во Македонија беа третирани како „непријатели“ на напредокот. Историската одбивност кон нив датира во почетокот на 20-тиот век поради појавата на смртоносната болест – маларија, чии преносители биле комарците кои се размножуваат во стагнатната (стоечка) вода во блатата. Поставени пред предизвикот на решавање на овој сериозен здравствен проблем што го погодува Охридско-струшкиот Регион, тогашната власт решава да ги исуши блатата, претворајќи ги во обработливо земјиште (ниви) во име на економскиот развој. Иако маларијата е сузбиена уште одамна, стравот од „изворите на зараза“ се пренесувал од генерација на генерација, што довело до масовно исушување и нивно претворање во ниви или во градежно земјиште. Денес, кога климатските промени го земаат својот данок, прашањето е дали имаме уште време да ги спасиме оние малку „бубрези“ што преостанаа.
За среќа, постојат големи љубители на природата, посветени истражуважи и екоактивисти како екологот и активист Ѓоко Зороски, претседател на здружението „ЕКОТУРИЗАМ 2016“, кој активно работи на проекти за валоризација, едукација и заштита на блатниот систем Белчишкото Блато (Сини Вирој). Од неговите споделени активности и истражувачки проекти, добивме детални информации за непроценливата вредност на овој екосистем, кои се сублимирани во поднаслови.

Белчишко Блато: Синиот остаток од древното езеро што природата не дозволи да исчезне
Белчишкото Блато (наречено и Сини Вирој) се наоѓа во Општина Дебрца, во подножјето на ридот Габер, западниот огранок на Илинска Планина, на надморска височина од околу 760 метри. Се простира на површина од околу 400 хектари и претставува еден од најголемите блатни системи во Македонија. Блатото претставува реликтен остаток од некогашното Десаретско Езеро, со кое Дебрца била поплавена за време на геолошката епоха плиоцен. Со повлекување на Десаретското Езеро, по должината на реката Сатеска, бројни ендемични видови растителен и животински свет, останале да егзистираат и понатаму во овој локалитет.

Она што го прави ова блато уникатно е неговиот воден систем. Тој се прихранува од 11 поголеми карстни извори, познати како Сини Вирој, кои заедно со неколку помали извори, вклучувајќи и подводни извори, имаат импресивна вкупна издашност која се движи во границите од 2 до 3 кубни метри во секунда. Таа количина е доволна за одржување на водниот биланс на блатото и континуиран истек од блатото преку реката Матица.

Всушност, овој изворишен систем претставува втор по големина во Охридскиот Регион, веднаш по изворите во Свети Наум. Сите овие чисти води се слеваат и ја формираат главната река Матица, која и покрај мелиоративните зафати во 80-тите години, успева да го одржи виталниот воден биланс. На западниот и северниот дел од локалитетот се наоѓаат неколку мочуришни езера, од кои најголеми се: Белчишки Син Вир, Новоселски Син Вир I, Новоселски Син Вир II и Сино Дувло. Според мерењата во 2020 година, Белчишкиот Син Вир е длабок 4,5 m, додека Новоселски Син Вир I е длабок 3,5 m. Иако во минатото Белчишкото Блато зафаќало поголема површина, која со одредени мелиоративни зафати е претворена во обработлива површина, може слободно да се каже дека денес претставува најзачувано водно живеалиште од ваков тип во Македонија.

Новоселски Син Вир
Евловата шума – „европски Амазон “ или недопрената дивина на Дебрца
Најзначајната карактеристика на Белчишко Блато е поплавената шума од црна евла (Alnus glutinosa), која зафаќа површина од 31,17 хектари. Ова е најголемото и најзачуваното такво живеалиште во државата, класифицирано како приоритетно за заштита според ЕУ-Директивите (код: 91E0). Alluvial forests with Alnus glutinosa and Fraxinus excelsior (Alno-Padion, Alnion incanae, Salicion albae).

Евлова шума
Во оваа зона на строга заштита живеат видови кои се вистински раритети поради што научниците ја нарекуваат шумата „европски Амазон“. Тука живеат голем број строго заштитени цицачи, птици, водоземци и влекачи. Најголем дел од шумата е постојано поплавен. Низ неа е формирана мрежа од водотеци кои истекуваат од мочуришните езерца. Водотеците ја образуваат реката Матица, која тече по јужниот раб од шумата и се влева во Голема Река и крајно во Сатеска.

Главни извори на р. Матица која истекува од блатото
Царство на ендемични видови – клучна точка на биодиверзитетот
Ова подрачје е засолниште за бројни ендемични видови кои останале да егзистираат тука уште од повлекувањето на античкото езеро. Научните податоци се изненадувачки:
- Водоземци и влекачи: Тука живеат дури 64,2 % од сите видови водоземци во Македонија.
- Птици: Регистрирани се 85 видови, што е повеќе од една четвртина од вкупната македонска орнитофауна.
- Цицачи: Подрачјето е дом на 33 видови цицачи (37 % од националниот број), вклучувајќи ги видрата (Lutra lutra) и кафеавата мечка (Ursus arctos).
- Ендемични риби: Како Pelasgus minutus и ретки гастроподи кои не се среќаваат на друго место.
- Пајакот рибар (Dolomedes sp.): Редок вид пајак, заштитен во многу европски земји кој се наоѓа на Црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN). Пајакот рибар може да се движи до површината на водата и се храни со најразлични инсекти, ларви од вилини кончиња, па дури и со мали ракчиња и риби. Ако се вознемири веднаш се нурка во водата и таму може да остане подолго време. Карактеристично за овој пајак е што може да нарасне и до 2,5 cm и има жолтеникави ленти што се протегаат странично долж целото тело.
- Буков сечко (Morimus funereus): Овој тврдокрилен инсект е со приоритетен статус за зачувување според ЕУ-Директивата за живеалишта, Анекс II и Бернската конвенција. Се наоѓа на листата на видови од мрежата NATURA 2000 и е во категоријата ранлив вид, според светската Црвена листа на видови од IUCN.

Буков сечко (Morimus funereus)
Иднина под заштита на Емералд и Натура 2000
Белчишко Блато веќе е дел од Националната мрежа Емералд, а постои и предлог за негова номинација во престижната европска мрежа Натура 2000. Националните стратегии за заштита на природата (2017-2027) го наведуваат како клучна локација на геонаследството која мора да биде инкорпорирана во идниот Просторен план на Републиката.
Најважен хабитат: Алувијални шуми со евла и обичен јасен (Alluvial forests with Alnus glutinosa and Fraxinus excelsior (Alno-Padion, Alnion incanae, Salicion albae), код: 91 ЕО и се наоѓа во Annex I од Директивата за живеалишта.

Значајни НАТУРА 2000 видови:
Животни:
- Македонски мрморец (Triturus macedonicus), водоземец, се наоѓа во Додаток II од Бернската конвенција и во Додаток IV од Директивата за живеалишта.
- Видра (Lutra lutra), се наоѓа во Додаток I од CITES, во Анекс II од Бернската конвенција и во Додатоците II и IV од европската Директива за живеалишта.
- Бел штрк (Ciconia ciconia), се наоѓа во Додаток I од Директивата за птици.
- Орел змијар (Circaetus gallicus), се наоѓа во Додаток I од Директивата за птици.
- Ридска желка (Testudo hermanni), се наоѓа во Додаток II од Бернската конвенција и во Додатоците II и IV од ЕУ Директивата за живеалишта.
- Блатна желка (Emys orbicularis), се наоѓа во Додаток II од Бернската конвенција и во Додаток IV од ЕУ Директивата за живеалишта.
- Голем бакарец (Licaena dispar), пеперутка, се наоѓа во Додатоците II и IV од европската Директива за живеалишта и во Додаток II од Бернската Конвенција.

Голем бакарец (Licaena dispar)
Растенија:
- Орхидеја (обичен салеп) (Anacamptis morio)
- Коњски киселец (Rumex hydrolapathum)
Биволот: Изгубениот историски идентитет на блатото
Блатото крие и една носталгична приказна за биволот (Bubalus bubalis), животно донесено на Балканот уште во средниот век од крстоносците. Според кажувањата на локалните жители, во овој регион некогаш имало околу 200 биволи. Тие биле симбол на сила и издржливост, користени за транспорт и орање, а нивното млеко (со 9 % масленост) било основа за производство на едно од најквалитетните сирења, моцарелата. Со индустријализацијата во 60-тите години, нивниот број се намалил до крајно исчезнување. Биволите во сите околни земји се заштитени, а сточарите за нив добиваат субвенции. Биволското месо се смета за едно од најздравите и секаде во светот е 2,5 пати поскапо од телешкото. Но, во денешно време, во регионот нема ниту еден примерок на бивол, иако тие се важен дел од историскиот идентитет на блатото.

Чекори кон иднината: Прогласување за Парк на природата
Како резултат на долгогодишните истражувања на „ЕКОТУРИЗАМ 2016“, во 2022 година беше изработена Студија за валоризација, која е официјално прифатена од Министерството за животна средина. Моментално е во тек процедура за прогласување на блатото за Парк на природата, статус кој ќе го заштити ова природно богатство од идни деградации. Локалитетот веќе е дел од Националната мрежа Емералд, а се предлага и како локација за Натура 2000. Со цел приближување на ова богатство до јавноста, во октомври 2024 година, со поддршка на Општина Дебрца, во село Белчишта беше отворена Природнонаучната и етнолошка збирка, каде секој посетител може да се запознае со тајните на блатото.

Белчишкото Блато не е само остаток од минатото – тоа е гаранција за чиста вода и за здрава иднина, како и за продолжување на животниот век на Охридското Езеро. Наша должност е да го сочуваме овој „син вир“ како доказ дека природата и човекот можат да живеат во хармонија. Додека чекаме на официјалниот статус „Парк на природата“, Белчишко Блато останува тивок сведок на минатото и витален орган за иднината на нашите води. Останува обврската на државата и на заедницата да ги сочуваат овие „сини вирој“ како последна оаза каде природата сè уште ги диктира правилата на животот.
Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх. (во соработка со Ѓоко ЗОРОСКИ, еколог)
Фото: Ѓоко ЗОРОСКИ, еколог
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија