Музејот на современата уметност ќе го отвора XI Биенале на млади уметници, во изложбениот простор на „Мала станица“, утре во 20 часот.
Годинава Биеналето е без водечка тема, со апстракт прилагоден на неговиот меѓународен карактер.
„Без наметнување на кураторски концепт, целта е да се претстави објективната слика концентрирана врз ликовната сцена на младите автори во изминатите две години. Учество ќе земат 14 македонски уметници и седум уметници гости од странство (Хрватска, Србија, Грција, Белорусија, Грузија, Германија, Босна и Херцеговина), пред сѐ, млади уметници кои ќе се изразат во различни медиуми“, соопшти Музејот на современата уметност.
За домашните автори селекцијата е направена преку соработка со професорите на Факултетот за ликовни уметности – Скопје со увид во досегашното творештво и изложбите на младите автори во Македонија. Додека младите автори од Регионот се селектирани во соработка со реномирани индивидуалци и сродни институции од соседните држави и пошироко.