Насловна / Вести / Атанас Ботев со „Дезинтеграции“ во Мала Станица

Атанас Ботев со „Дезинтеграции“ во Мала Станица

Botev plakat

Во Националната галерија на Македонија, објект Мала станица, на 29 октомври 2014 година (среда) во 20 часот ќе се отвори изложба на Атанас Ботев со наслов „Дезинтеграции“.

Атанас Ботев како сведок на актуелните случувања и ситуации ја гради својата естетска стратегија на демистифицирање на овие општествени феномени. Тој ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања како на локално, така и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за креирање на синтеза на историските уметнички правци и реакција на општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира преку транспонирање и редефинирање на актуелните состојби, каде го соголува системот во кој главен збор водат организации на водечките светски сили кои под велот на „подобрување на животната средина“ го преструктуираат глобалниот поредок заради зачувување на сопствениот интерес.

Во дефинирањето на ликовниот јазик кој Ботев го користи во реализација на неговите дела, спојува повеќе сликарски техники и медиуми (сликарство, цртеж, графика, колаж, фотографија плакат, стрип, инсталација…), каде што секој елемент е во функција на флуидност во креирањето на делото. Во отсликувањето на визулените прикази и приказни, но и приказ(н)и кои освен наративниот заплет поседуваат и пластични прочистени сентенци од реалноста, структуирани во надреални секвенци, говорат за менталната линија на опредметувањето на континуитетот и реалитетот.

Сцените од пероните на старата скопска железничка станица, руините од бетон и арматура, се дел од реалноста на рушење на една меморија и носталгија, и нејзино бришење, каде Ботев ги прекомпонира во органски облици оставајќи погодност да нè потсети на циничната нота на реалноста. Апстрактниот цртеж на храна во манир на Instragram фотографија, е во континуитет на духот на времето и трендот на општетвените мрежи, но и нивна критика.  Оплакувањето на Христос на Андре Мантења, припадниците на територијалната одбрана, членките на рускиот музичко-активистички состав Pussy Riot, Зајакот и Волкот од цртаниот филм „Ну, погоди!“, се само олицетворение на стереотипот плен-гонител, приказ на нормалните (недевијантни) елементи на општеството, наспроти деструктивните и асоцијални општествени појави, но и можноста за нивно испреплетување и поминување на границите. Цензурирањето на ликовите и самото присутво на авторот со подигнати раце, со што ја открива сцената, е само реакција на начините на скандализирање со кои се постигнува PR ефект поради лична корист…

Атанас Ботев преку своето творештво, ни го предочува сиот апсурд на овој свет, но и неопходноста на човекот да го конзумира апсурдот во борбата за преживување и опстанок.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top