Насловна / Архитектура / Систем на планирање на просторот

Систем на планирање на просторот

Mavrovsko Ezero 2
Трансформацијата на системот на планирање на просторот во Македонија се одвивала со различен интензитет. Резиме на развојот низ времето: прифаќање и аплицирање на процесот на планирање, развој на кадровска основа и оформување стручни организации; оптимизам во големите можности на планирањето,  изработка на планови за урбани подрачја со доза  на форсирана визија, која резултира со делумно реализирање на плановите, со поголемо ниво на реализација на објекти, а помало на инфраструктура; одвивање на период на транзиција на општеството; примена на локациски  урбанизам;  недоволно ефикасна контрола на изградбата во просторот, од негирање на диводградбите до прифаќање (од амнезија до амнестија). Се презентираат некои аспекти на планирањето.

Системски пристап

Потребата за планирање произлегува од планското предвидување на идните активности во сите сфери на човековото живеење, а особено во делот на организирање на просторот, како ограничен ресурс. Се работи за комплексен систем на акции и реакции, при што ако  има активност во конкретен простор, таа активност и тие промени на некои компонентни на човековата средина ќе создадат  промени и во други делови на системот и се така во една интарактивна целина на влијанија. Сите релации се едновремени или последователни и имаат директно или посредно влијание врз посторот во целина. За ефикасно планирање на идните активности во просторот, се применува соодветно просторно планирање, се истражуваат насоки за организирање на просторот  на  ниво на држава, региони во рамки на државата , на ниво на општини или специфични просторни целини, со изработување и донесување на соодветни просторни планови со кои се планира фундаменталната организација на просторот. Натаму, врз основа на базично планиран просторен развој, се применува  урбанистичко планирање, со што се разработува организацијата на просторот  на  секое населено место одделно, со урбанистички планови на градови, села и простори вон населените места, со што поконкретно се разработува организацијата на просторите  до ниво на секоја локација односно урбанистичка парцела. Следи процес на проектирање со креирање на соодветни проекти во зависност од видот на објектот, како основа за изградба на градбата, обликување на објектот и уредување на околината.

Со примена на континуитет  на системот на планирање, проектирање и градење се третира целината на просторот, со согледување на пошироки просторни целини (глобално ниво, регионално ниво), со разработување стратегија на национално ниво и на ниво на просторни целини во рамки на државата согласно просторен план, потоа се разработува просторот на ниво на населено место или негови делови  со примена на урбанистичко планирање (на локално ниво), следи  изработување на  соодветен проект (на ниво на објект), со што се реализира процес  на планско организирање на просторот. Со синхронизирана поврзаност на нивоите на планирање се добива оптимална целина на просторот.

Sistem na planiranje  1Нивоa на планирање

Планирањето на просторот е различно уредено во разни земји, со оглед на тоа што тоа е тематика која се регулира на национално и локално ниво, во зависност од вкупните општествени состојби. Во рамки на Европската Унија се утврдуваат соодветни насоки за организирање на просторот на Европа, со нагласка на заедничките аспекти како инфраструктурните коридори, заштитата на околината, користењето на енергијата, полицентричниот развој и слично. За одбележување е Европската Просторно-развојна Перспектива (ESDP- European Spatial Development  Perspective , Stockholm,  Sweden, 2006), како битен концепт на политиката на планирање на просторот. Холандија се смета дека е една од најпланираните земји во Европа. Со оглед на тоа што земјиштето е ограничен ресурс, контролата  на неговото користење  е ефикасна. Системот на планирање е организран на три нивоа: национално ниво, регионално и општинско ниво. На национално ниво се утвдуваат планерските политики од заеднички интерес. Второто ниво на планирање ги разработува  регионалните целини, а на ниво на општина се изработуваат планови за делови кои се градат. Исто така, во Данска и Австрија постојат три нивоа на планирање: национално, регионално и општинско планирање.

Во Република Македонија се применуваат  две  нивоа на планирање: национално и локално-општинско. Системот на планирање на просторот  е регулиран со Законот за просторно  и урбанистичко планирање. На национално ниво се применува просторно планирање, а на локално ниво се применува урбанистичко планирање, со изработување и донесување на соодветни урбанистички планови.

Холандија уредување на простор
Агол на перцепција во урбанизам

Од многуте агли на перцепција, се согледува третманот на урбанистичкото планирање во различни временски периоди преку индикаторот – менување на надлежностите на државнте органи на управата во Македонија, а тоа може да се толкува и како однос на општетсвото кон проблематиката на урбанизамот. Во периодот на сдедумдесетите години на минатиот век бил во функција Републички секретаријат за урбанизам. Во осумдесеттите и деведесеттите години се менуваат називите на надлежните органи на управата, а со тоа и третманот на урбанизмот (од 1982 година урбанизмот се поврзува со заштита на човековата околина, од 1988 година се поврзува и со градежништво и сообраќај, од 1999 година само со градежништво). Од  август 2000 година надлежноста на урбанизмот е во Министерството за транспорт и врски (при што за првпат дури не се содржи терминот урбанизам во називот на министерството, а исто така и се разделува целината на планирањето на просторот и делот на просторно планирање е во друго министерство). Таквата неповолна состојба во однос на целината на планирањето на просторот останува до денес и во таа насока треба да се направи проценување во однос на значењето на планирањето на просторот како стратешка активност.

Закон за просторно и урбанистичко планирање и измени

Со направеното согледување  на динамиката на законската регулатива во однос на Законот за просторно и урбанистичко планирање се утврува темпото на донесување на нови закони и измени на законот за планирање. Од 1965 година се применува Закон за регионално просторно и урбанистичко планирање, потоа следи нов Закон за просторно и урбанистичко планирање во 1973 година и истиот се менува два пати (во 1973 и 1977 год.). Во 1985 година се донесува нов Закон за системот на просторно и урбанистичко планирање, кој во текот на примената се менува три пати (во 1989, 1990 и 1993 година). Нов закон се донесува во 1996 година и тој се менува четири пати ( во 1997, 1999, 2001 и 2002 год,). Следи нов закон во 2005 година кој се менува шест пати (во 2007, 2009, 2010, два пати во 2011, 2012). Ако се анализира динамиката на донесување нови закони за планирање на просторот, се констатира дека во основа на секои десетина години се донесува нов закон. Измените на законот со текот на времето стануваат се почести  (од две измени во седумдесеттите години до шест измени на тековниот закон). Со таквата динамика може да се очекува донесување нов закон во 2015 година, со внесување на одредени измени на законски одредби во функција на поефикасно планирање на просторот.

Ruralna sredina. Selo Smilanci Radovis 1Насоки за подобрување на системот

Врз основа на состојбата се согледуваат насоки за подобрување на системот на планирање на просторот:

-оформување соодветно министерство за урбанизам со третирање на целината на планирањето на просторот, проектирањето и изградбата;

– при планирањето треба да се согледуваат повеќе сценарија на развојот со примена на принципите на одржлив развој и избор на оптимално решение за идниот просторен развој на просторна целина;

– урбанистичкото планирање поизразено да се поврзе со локалната самоуправа, со надградба на поефикасен систем на планирање на развојот на населените места и со зголемување на нивото на квалитет на просторот;

– да се промовираат суштински конкурси за натпревар на идеи, со вклучување на поголем број архитекти, со што се овозможува  поголем спектар на идеи;

– посоодветно третирање на архитектурата како дел од системот на планирање, проектирање и изградба, со унапредување на авторските права согласно третманот на архитектурата како специфична синтеза на техника и уметност;

– суштинско вклучување на јавноста  во урбанизмот и архитектурата. Зголемување на нивото на јавност при донесување одлуки од аспект на планирање на просторот, со почитување на различни мислења и повеќе агли на гледање  и избор на оптимална  солуција според конкретните услови, а за поголем квалитет на средината.
Урбана средина 1
проф. д-р Мирче Кокалевски, дипл. инж.арх.

Испрати коментар

Scroll To Top