Насловна / Арт и дизајн / Артифициелни пејзажи

Артифициелни пејзажи

artificijalni-pejsazi (6)

Нeодамна, во галеријата Робевци во Охрид, беше презентирана изложба на современата уметница Ели Аин. Поставката насловена „Артифициелни пејзажи“ го предизвика и нашето љубопитство да се запознаеме подетално со творештвото на Ели Аин.

artificijalni-pejsazi (1)

За нејзината изложба свој осврт даде историчарот на уметност, Борис Крмов, кој вели: „Инсталацијата ʼАртифициелни пејзажи‘ претставува концептуален проект каде примарна цел е да се исценира еден пејзаж од природата. Ели Аин креира нов интимен природен амбиент користејќи современи артифициелни материјали (повеќе видови на пластика) и ги спојува со материјали директно преземени од природата (гранки, земја, мов) во една симбиоза на симболи кои треба да евоцираат природен пејзаж. За таа цел, од една страна фигурираат скулптуралните графики или објектите, цилиндрични во основа, обвиткани со неправилно превиткани дигитални принтови, кои се разбиени и фрагментирани на повеќе делови на кои како сенки се појавуваат отпечатоците на гранки од дрвја“.

artificijalni-pejsazi (8)artificijalni-pejsazi (2)

За врската на природното/натуралното со артифициелното/изграденото, што во секој случај ја инволвира архитектониката на просторот, самата авторка објаснува: „Иако мотивација и интерес црпам скоро од сè, сепак би рекла дека архитектурата е моја движечка сила. Затоа, секогаш настапувам со почит кон старата, а со восхит кон новата уметност/архитектура. Како уметник архитектурата ја гледам од еден поинаков агол. Сакам, пред сè, да ја откривам и истражувам поврзаноста меѓу архитектурата и скулптурата. Го сакам тој дијалог, и тој момент кога архитектурата станува скулптура, а скулптурата архитектура. Играта со нови материјали ме води кон нови решениjа. Впрочем, така започна проектот „Двојно кодирање“ каде се обидов да создадам сопствен град кој и покрај димензиите требаше да го освои просторот со својата динамичност. Објектите со форма на неправилни паралелопипеди симболизираа згради (скулптури). Токму со тоа формата и објективноста добија преносно значење, одразувајќи ја симбиозата на архитектурата и скулптурата. Потоа следуваше проектот „Непознати предели“, каде го преиспитував постоењето на еден артифициелен објект во природата, и како тој со својата претходно замислена форма би се вклопил  во веќе постоечки амбиент, во веќе присутното расположение на природата и околината без да претставува некаква пречка. Со тоа сакав да акцентирам еден проблем кај нас: изградбата на некое архитектонско здание без да се погледне затекнатата слика на постоечките објекти. Последниот проект ʼАртифициелни пејзажи‘ е вид на надополнување или одговор на она што ми се наметнува како прашање при изготвувањето на претходните проекти“, заклучува Ели Аин.

artificijalni-pejsazi (10)artificijalni-pejsazi (9)

Испрати коментар

Scroll To Top