Насловна / Екологија / Енергетска Ефикасност / Со пасивната куќа, и луксузот е штедлив

Со пасивната куќа, и луксузот е штедлив

pasivna kuka Bugarija 1

Објект со висок коефициент на термоизолираност, односно со минимизирани можни загуби на енергија, а кој воедно е и комфорен и еколошки. Ова е објект кој има до дваесет пати помали трошоци за греење и за ладење, константна температура во просторот, чист и квалитен воздух, кој не е подложен на надворешни влијанија. Ова се само дел од предностите што ќе ги имаат оние што ќе се одлучат својот дом или деловен простор да го изградат по стандардот за пасивна куќа.

Во Австрија и Англија, ваквите градби се градат со полна пареа, додека во некои делови од Германија пасивниот стандард станува задолжителен. На Балканот овој стандард допрва ќе зема замав. Во Бугарија има готови веќе седум вакви објекти, а во Македонија првите сертифицирани пасивни објекти се очекува да почнат да се градaт за околу еден месец. До крајот на овој месец, во Бугарија ќе се вброи уште еден објект во листата на пасивни куќи. За тоа како изгледа една новоизградена пасивна куќа, фирмата „Цивкон“ ја презентираше онаа на нивните колеги од Бугарија. Станува збор за семејна куќа која на почетокот на идниот месец треба да биде веќе вселена. Се гради на околу 25 километри од Софија, во населбата Делта Хил, во близина на селото Кладница на падините на Витоша.

pasivna kuka Bugarija 4 pasivna kuka Bugarija 3

Еднокатната градба нуди простор за живеење од 450 квадратни метри, во која само темелите, носечките рамки и покривот на гаражата се од армиран бетон. Сето останато е дизајнирано со благи челични и дрвени конструкции. Дрвените перголи со вградената заштита од сонце, од ламинирани дрвени греди и столбови, го обликуваат надворешниот изглед. Алуминиумските прозорци кои се поставени на јужната страна се најскапите што се нудат на пазарот, кои се специјално сертифицирани за пасивни куќи, а мермерните плочи на подот се поставени на 30 сантиметри изолација, со што се овозможува пријатна температура. Дрвениот покрив има 46 сантиметри изолација.

Овој дом има потреба од само 15 киловат часови на метар квадратен енергија за греење на годишно ниво, а потребата од примарна енергија за сите потреби е 42 киловат часови на метар квадратен годишно, што е значително помалку од максимално дозволените 120 киловат часови на метар квадратен годишно за една пасивна куќа.

pasivna kuka Bugarija 22

Куќата генерира повеќе енергија отколку што троши годишно, па тоа ја прави не само пасивна туку и добра енергетска зграда. Ова е овозможено преку инсталираните фотонапонски панели на покривот. Тие ја ставаат акумулаторната станица на бекап системот на куќата, која дозволува генерираната енергија да биде искористувана секојдневно во домаќинството, а вишокот во летните месеци да се испорачува во електричниот систем. Одделно се предвидени уште 12 сончеви колектори за топла вода со основна функција да го греат базенот преку летото, а во зима дополнително го помагаат системот за греење.

Преку употребата на максимално квалитетните материјали, изведувачите гарантираат дека во текот на летните денови, кога температурите надвор го поминуваат 40 степен Целзиусов, температурата во сите соби во куќата нема да го надминат 25 степен, додека пак во зимските денови, наспроти негативните надворешни температури, оние во домот нема да се спуштат под 20 степен Целзиусов.

pasivna kuka Bugarija 24 pasivna kuka Bugarija 25

Станува збор за инвестиција која е за само 10 отсто поскапа од традиционалниот начин на изградба, но она што е значајно е фактот што преку огромната заштеда за греење и ладење, вложените инвестиции се враќаат во периодот од максимум 12 години. Пасивната куќа е потрајна од обичната и нема потреба од чести поправки, со што го прави одржувањето многу поевтино, вели Георги Николов, архитект и проект менаџер во студиото АРХЕ.

pasivna kuka Bugarija 30

– За стандардот за пасивната куќа има се поголем интерес во Бугарија, се надевам дека тоа наскоро ќе почне и во Македонија. Во Бугарија веќе има над 20 архитекти и инженери кои се сертифицирани од Институтот во Германија за дизајн на пасивни куќи. Мораме да го популаризираме овој стандард, зашто во европските земји одамна се применува – вели едукаторот за пасивни куќи од Бугарија, Светлин Добревски.

Испрати коментар

Scroll To Top