Насловна / Архитектура / „Архитектурата утре“

„Архитектурата утре“

Офицерскиот Дом во Битола повторно ги пречека архитектите и архитектите урбанисти на својата годишна средба. Настанот се одржа на 28 и 29 ноември 2025, а на истиот учествуваа гости од Италија, Белгија, Србија, Грција, Косово и Македонија. Организатор на четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти беше Комората на овластени архитекти и овластени инженери како дел од програмските активности на Одделението на архитекти и Одделението на архитекти урбанисти. Со оглед на изборниот процес во Комората, роковите за организација беа скратени, но тоа не се одрази на програмскиот квалитет и континуираниот раст на посетители на настанот.

Тема

Овогодишната тема на настанот беше „Архитектурата утре“. Во време на забрзани глобални промени, архитектурата стои пред предизвикот (но и можноста) да го преосмисли сопствениот идентитет, алатки и општествена улога. „Архитектурата утре“ нè повикува да ја разгледаме иднината на архитектонската и урбанистичката практика низ призма на трансформации кои веќе се во тек: дигитализација, климатски промени, нови материјали, променети општествени вредности и секако, вештачка интелигенција.

Како ќе изгледа архитектонското творештво во ера на автоматизација? Како ќе се менува процесот на проектирање и планирање? Каква е улогата на архитектот како медијатор меѓу технологијата и човекот? Беа отворени и прашањата за новите начини на соработка, за границите помеѓу реалното и виртуелното, и за етиката на проектирање во свет што брзо се менува. „Архитектурата утре“ не е визија за далечна иднина, туку покана за активно учество во обликување на нашата заедничка реалност. Средбата беше фокусирана на:

  • Интеграција на вештачка интелигенција во проектирање, ревизија и планирање;
  • Нови дигитални алатки и методологии за архитекти;
  • Одржливи и иновативни материјали;
  • Улогата на архитектурата во адаптација на градовите кон климатските предизвици;
  • Образование и професионален развој во новите услови.

Целта беше да се отвори дијалог, не само за тоа што може да биде архитектурата во иднина, туку и за тоа што треба да биде.

Говорници

Мозаикот од говорници на четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти направи исклучителна композиција што овозможи вистинско уживање за аудиториумот.

Арбер Шала е наградуван архитект со седиште во Приштина, Косово, со повеќе од 25 години професионално искуство во архитектура, урбанизам и проектирање. Како основач и главен архитект на Arber Shala | Architects (ASHA | Architects), тој се потпишува на бројни станбени, комерцијални и институционални проекти, препознаени по нивната јасност, функционалност и безвременска естетика. Во својата презентација, насловена „Од молив до промпт: Архитектот во ерата на вештачката интелигенција. Истражување како технологијата го менува начинот на кој проектираме и градиме“, се осврна на своето истражување за тоа како вештачката интелигенција и дигиталните иновации го преобликуваат креативниот процес и улогата на архитектот.

Мајa Тaневска и Кристијано Пијанерели од славното миланско студио ACPV – Antonio Citterio Patricia Viel, едно од најпознатите архитектонски студија во Европа, со проекти кои ја дефинираат естетиката и функционалноста на XXI век, донесоа сосема поинаков поглед кон иднината, поглед каде технологијата не е закана, туку софистицирана поддршка на безвременскиот дизајн. Нивната презентација „Безвременски дизајн, паметни алатки – Еволуцијата на дигиталниот дизајн на ACPV Архитекти“ го истакна значењето на компјутерскиот дизајн во компанијата, улогата на вештачката интелигенција во дизајнот, како и развојот на прилагодените дигитални алатки за архитектонско проектирање. Ова беше ретка можност да се погледне зад завесата на една од најсилните европски практики.

Димитрис Пулиос е грчки архитект и урбанист, со потекло од Волос, Грција и образовна заднина на Универзитетот во Тесалија, Универзитетот во Кардиф, Обединетото Кралство и Националниот технички универзитет во Атина. Во 2013 година Пулиос се приклучува на фирмата Thymio Papayannis and Associates (TPA), како консултант, а во 2020 година станува партнер и член на менаџерскиот тим. Има добиено признанија на повеќе архитектонски и урбанистички конкурси и има богато искуство во реализација на проекти во Грција и во странство – меѓу кои Обединетото Кралство, Албанија, Кипар, Палестина, Саудиска Арабија и Катар. Во 2025 година бил дел од тимот на TPA, кој ја доби Европската награда за интервенции во архитектонското наследство во категоријата Урбано планирање. Со својата презентација насловена „Корени и плодови: архитектура и урбана иновација во флуиден свет“ се осврна на динамичната поврзаност меѓу наследството, традицијата и иновацијата во современите урбани интервенции.

Д-р Тања Обрадовиќ, Миљана Игњатовиќ и Сенка Јоковиќ – три извонредни професионалци од областа на архитектурата и урбанизмот. Тие доаѓаат од различни сектори. Тања Обрадовиќ е лиценциран архитект и началник на Урбанистичката инспекција во Министерството за градежништво, сообраќај и инфраструктура на Србија.

Миљана Игњатовиќ е архитект и урбанист од Ниш која работи како главен архитект и урбанист во студиото Teking од Ниш. Нејзиното импресивно портфолио опфаќа станбени, јавни, комерцијални, индустриски и инфраструктурни проекти, како и изработка на основни и детални проекти. Сенка Јоковиќ е архитект од Ниш, и активен чинител во општествениот сектор, преку соработка во локални и регионални институции, НВО и културни установи, а учествувала во подготовка на стратешки документи.

Кластерот за урбанистичко планирање од Ниш ги обединува трите. Со презентацијата „Урбанистичкото планирање утре“ на настанот во Битола беа презентирани активностите преку кои тие дејствуваат, како изработка на плански документи, проекти и индикатори за квалитет на живот.

Проф. д-р Славиша Кондиќ и Катарина Медар се претставија со темата: „Образовна и научна инфраструктура на Ниш – Научно-технолошки парк Ниш и TechNiš област“, нешто што создава врски меѓу академијата, индустријата и градот. Славиша Кондиќ има богато искуство во архитектонски и урбанистички проекти, стручни изложби и архитектонски конкурси, на кои бил повеќекратно наградуван, како и значајни професионални признанија. Тој е доцент на Градежно-архитектонскиот факултет при Универзитетот во Ниш и автор и коавтор на бројни научни трудови објавени во национални и меѓународни списанија и конференциски зборници. Катарина Медар е архитект и урбанист вработена во архитектонското студио Teking во Ниш, каде што активно учествува во различни проекти од областа на дизајнот и урбаниот развој. Паралелно, таа веќе осум години е вклучена во наставниот процес на Градежно-архитектонскиот факултет во Ниш, истовремено развивајќи ја својата научна кариера како докторанд.

Џејн Томпсон и проф. д-р Дивна Пенчиќ преку презентацијата со наслов „Регионот на Охридското Езеро: долговечноста на човечките населби во кризен момент“, ја претставија физибилити студијата од 2025 година за планирање на крајбрежната зона на Охридското Езеро во Република Македонија кое претставува дел од прекуграничната светска културна и природна наследна област „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион“. Студијата е изработена по нарачка на Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа и партнерските агенции на ООН – УНЕП и УНДП, а на барање на Република Македонија. Џејн Томпсон е експерт за заштитата на архитектонско наследство и основач на Instead Heritage, а проф. д-р Дивна Пенчиќ – професорка на Архитектонскиот факултет, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Двете ги поврзува физибилити студијата, каде Џејн Томпсон има водечка улога и го предводи тимот на експерти, додека проф. д-р Дивна Пенчиќ е член на експертскиот тим.

Ноеми Чаусидис е искусен архитект и проектен менаџер која со своето долгогодишно искуство и визија активно работи на намалување на влијанието на градежниот сектор врз животната средина. Нејзиниот пристап ги опфаќа дизајнот, технологиите, теориите, организацијата и регулативите, со цел создавање одржливи и иновативни решенија за изградената средина. Таа се претстави со предавање „Одржлива архитектура: од идеја до реалност“, за кое вели: „Ова предавање има за цел да одговори на нашите визии и соништа за одржливост преку конкретни примери и насоки за реализација. Европските земји таа визија за одржливост ја материјализираа преку Парискиот договор и целта за нет-нула емисии до 2050 година. Тоа донесе нови регулативи, финансиски механизми и пазарни трендови, преку кои полека се раѓа нова ера во градежната индустрија — ера што веќе ѝ се приближува и на Македонија.“

Петар Ристевски и Милица Савеска се млади архитекти и основачи на Македон БИМ – BIM/CAD компанија од Битола со повеќе од пет години искуство.

Фокусирани на прецизност, навремена испорака и долготрајна соработка, со повеќе од 100 реализирани проекти, тимот успешно работи на јавни, станбени и деловни објекти, локално и меѓународно. Нивното богато меѓународно искуство, претставено преку презентација „Дигиталниот јазик на просторот“, посветена на интеграцијата на Point Cloud технологиите во BIM-моделирањето и современата архитектонска практика, како и преку референтни примери, само ги дообјасни можностите на современите алатки, кои не познаваат граници, како територијални, така и дигитални.

Јоне Јанкоски со својата презентацијата „Синтеза меѓу теоријата и технологијата: Параметарско инженерство и идните градежни форми“ направи провокација за аудиториумот. Постави дилеми за етиката во архитектурата, теоријата на формата, но и односот кон минатото. Истовремено, направи корелации помеѓу теоријата, технологијата и инженерството. Тој е архитект и R&D тим лидер во Chaos/Cylindo, специјализиран за трансдисциплинарна синтеза – методолошки пристап кој ги спојува компјутерското инженерство и напредната архитектонска теорија. Неговата професионална патека е обликувана преку менторство со проф. Борис Чипан и соработка со проф. Жозеп Љуис Матео, како и преку длабока посветеност кон современите дигитални практики во AEC-индустријата.

Гости на средбата

Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, е настан кој се организира пред сè за членовите на Комората, но квалитетот на програмата привлекува архитекти и архитекти урбанисти од поширокиот регион на Европа.

Исто така, на настанот присуствуваа претседателот на Комората на архитекти на Косово – Уран Кичику; претседателот на Асоцијацијата на архитекти на Македонија – Валентин Константиновски; претседателката на ИКОМОС Македонија – Кристина Бицева; претседателот на Комората на трговски друштва за геодетски работи, Никола Рибароски; претседателот на Советот на Општина Битола – Бојан Бојковски и други претставници на општествениот естаблишмент.

Off програма

Покрај работниот дел на четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, организаторите на настанот организираа содржини и активности што го дополнија искуството на гостите.

Меѓу двата работни дена, уживање за гостите беше проекцијата на документарниот филм „Начинот на Чипан“, што се одржа во Кино Манаки. Филмот на АРХРИД колективот, е посветен на еден од најзначајните македонски архитекти – Борис Чипан – и на група млади архитекти од Охрид кои се обидуваат да ја спасат модернистичката архитектура на својот град. По проекцијата следуваше дискусија со пријателите на настанот од Контра кадар.

XXII БИМАС, Биеналето на македонска современа архитектура, како огледало на професијата, по успешната премиера во Скопје, во рамки на четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти можеше да се погледне во галеријата на Офицерскиот дом.

Присутните имаа уште една можност, по повод сто години од раѓањето на архитект Богдан Богдановиќ, во НУ „Завод и Музеј“ Битола, да ја погледнат изложбата „Вечито“ (Вечно). Културната понуда на Битола, преку Фестивалот на музика од светот, го збогати дводневното уживање на гостите.

Домаќини на средбата

Во име на Комората на овластени архитекти и овластени инженери, на настанот свое поздравно обраќање имаше Дејан Метикош, претседател на организацијата, кој им посака успешни денови на присутните.

Градоначалникот на градот домаќин, Тони Коњановски, им посака добредојде на гостите во Битола.

Во име на професијата, деканката на Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Анета Христова-Поповска, ги поздрави присутните.

Свое обраќање имаше и Кристинка Чулак, претходната претседателка на Комората.

Вториот ден започна со поздравно обраќање на проф. Игор Неделковски, ректор на Универзитетот „Св. Климент Охридски“, кој ги поздрави присутните и даде краток осврт за активностите и можностите на универзитетот со кој тој раководи.

Четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти беше организирана од Организациониот одбор во состав:

  1. Дејан Метикош, претседател на Комората
  2. Алексанадар Манчевски, генерален секретар на Комората
  3. Благојче Цветковски, раководител на Одделението на архитекти
  4. Михаел Димитровски, раководител на Одделението на архитекти урбанисти
  5. Милена Ш. Четелева, делегат во Собранието на Комората
  6. Катина Сутоглу, делегат во Собранието на Комората
  7. Александар Ѓоргиев, делегат во Собранието на Комората
  8. Александра Трајковска, делегат во Собранието на Комората
  9. Марио Баткоски, делегат во Собранието на Комората
  10. Дејан Митев, делегат во Собранието на Комората
  11. Ангел Ситновски, делегат во Собранието на Комората
  12. Елена Момировска, делегат во Собранието на Комората
  13. Лиљана Најдовска, делегат во Собранието на Комората
  14. Билјана Г.-Вранишковска, делегат во Собранието на Комората
  15. Биљана Насковиќ, делегат во Собранието на Комората
  16. Симона Чингоска, делегат во Собранието на Комората
  17. Илија Устапетров, делегат во Собранието на Комората

Дводневниот настан го водеше пријателката на Комората, Љубица Ангелкова, искусен модератор, со чија помош настанот успешно се развива од својата нулта година во 2021-ва година и која покрај тоа што по професија е новинар, има изразен сензибилитет за архитектурата.

Пријатели на средбата

Четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти се реализира со несебичната поддршка на пријателите на Комората. Платинест спонзор: Термалифт Куманово. Златен спонзор: СТЕНТОН Градба Битола. Сребрени спонзори: Smart Solutions Македонија; Еуротерм Прилеп и Структура Концепт Белград. Поддржувачки спонзори: Кнауф Македонија; Адинг Скопје и Титан Усје АД Скопје. Партнерски институции: Општина Битола; ЈОУ Културен и информативен центар Битола и НУ Центар за култура – Битола. Медиумски покровители: МАРХ – Македонска Архитектура и Порта 3.

Заклучок

Годишните средби на архитекти и архитекти урбанисти прераснуваат во сериозни настани за вмрежување на архитектите. Нивната интернационална димензија овозможува флуидност на идеи и перспективни на континентално ниво. Оваа година повторно беа исполнети статутарните определби на Комората, како што се афирмирање на архитектонската и инженерската професија, размена на позитивни практики во земјата и странство и јакнење на капацитетите на членовите на Комората. Ова е настан кој ја „слави“ архитектурата, за што до организаторите пристигнуваат признанија од сите учесници на истиот. Бројките, како мерлив индикатор за развивањето на настанот се охрабрувачки и имаат нагорен тренд, како во поглед на посетители, така во поглед на говорници, што го обврзува организаторот на уште повисоки цели за следните години.

Автори: Организационен одбор на четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти

Испрати коментар

Scroll To Top