Насловна / Архитектура / Андрија Русан: Ако нема видлив резултат, нема што да се покаже

Андрија Русан: Ако нема видлив резултат, нема што да се покаже

Андрија Русан е роден 1957 година во Загреб. Дипломирал на Архитектонскиот факултет во Загреб, каде што работи како научен соработник до 1984 година. Од 1986 година работи како самостоен архитект и го води сопственото ателје – Русан архитектура. Тој е еден од најпознатите хрватски архитекти, добитник на многу признанија во Хрватска и надвор од неа. Исто така тој е и публицист и издавач. Автор и коавтор на повеќе книги мпосветени на архитектурата, а издавач на списанието за архитектура „Орис-куќа на архитектурата“ . Основач е на светски познатата архитектонска манифестација „Денови на Орис“. Неодамна Русан беше во Скопје. Не говата посета ја искористивме за разговор со него.

ANDRIJA

– Бевте на првата Архитектонска конференција во Македонија. Присуството на голем број (над 250) архитекти и градежни инженери, особено млади, покажува дека оваа конференција треба да стане традиција.

Колкаво е значењето и влијанието на ваквите настани врз квалитетот на идните проекти во едно општество?

– И јас бев пријатно изненаден од бројот на посетители. Беше прекрасно да се видат во толку голем број. Искрено се надевам дека сè тоа ќе се случува и следната година и дека фирмата Wienerberger i Tondach  ќе најде финансиски средства тоа да се оствари. Во секој случај, успехот на оваа конференција може да биде поттик за следната година. Секоја конференција, настан од  ваков тип, дружење има потенцијал да ги унапреди размислувањата за архитектурата, просторот и градежништвото. Секако, зависи од учесниците и од организаторите колку сè тоа ќе биде успешно, мотивирачки, но во секој случај ваквите настани се добредојдени. Кога би имало повеќе разговори, прашања и забелешки би било уште подобро. На секоја конференција од ваков тип имаат свое излагање и зборуваат за своите проекти признати стручњаци. Во публика се луѓе коишто можат да се мотивираат. Тоа го знам од искуство. На меѓународниот архитектонски симпозиум „Dani Orisa“ што се одржува во Загреб свое излагање имаат архитекти кои докажуваат дека и невозможното може да стане возможно. Потребна е пред сè волја, но и творечка слобода, треба да се вклопиме во реалните можности, но и да ги помериме границите. Малку по малку.

RUSAN7

Lumenart house of light во Пула, Хрватска

– Неколку дена поминати во Скопје веројатно не се доволни за увид во квалитетот на современата македонска архитектура, но сепак Ваша проценка за современата архитектонска сцена, особено за контроверзниот проект Скопје 2014, којшто доминира последните неколку години. Дали архитектурата може да го одреди идентитетот на заедницата, банален пристап, како што создавањето на неокласична архитектура го банализира културниот идентитет?  

– Во Македонија постојат квалитетни архитекти способни да создадат квалитетна архитектура. Знам дека засега нема многу квалитет, но постепено, чекор по чекор, мислам дека ќе има сè повеќе. Контактирам со колегите од Македонија, со некои сум и долгогодишен пријател. А што се однесува до Скопје 2014, тоа  е нешто неверојатно. Всушност застрашувачки. Пред 5-6 години кога дојдов во Скопје, кога првпат се запознав со овој проект, не верував дека така ќе заврши. Тогаш се наѕираа некои контури, но тешко беше да се поверува дека сето тоа ќе стане целина. Што да кажам? Ништо добро не мислам за Скопје 2014. И што е најлошо тешко е да се поверува дека некој еден ден ова ќе го промени, ќе го тргне од просторот. Навистина не знам што да кажам. Можеме неумесно да се шегуваме и да предложиме од сето тоа да се направи забавен парк. Барем некоја корист од тоа. Но не сум сигурен дека добар дел од јавноста не мисли дека ова е добро, дека ова е токму тоа што треба за создавање на идентитет на една млада држава. Всушност, многу сум збунет и разочаран од Скопје 2014. Пред сè прстот треба да се впери во политичарите, па тогаш сите ние да се запрашаме како тоа го дозволивме. Архитектите сепак ништо значајно не можат да направат  без политичарите, а политичарите ги бираат архитектите. Тоа е круг. Прашањето е како да се промени свеста на луѓето. И додека некој архитект настојува да ја промени свеста на луѓето со својата работа времето поминува, а во меѓувреме политичарите градат. И тогаш тоа останува и нешто значи.

05_D_FABIJANIC

Хотелот Bellevue во Лошињ, Хрватска

-Каква е хрватската архитектура денес  особено во споредба со светските трендови. Има ли во Хрватска добри, големи архитекти кои ги надминуваат локалните рамки? Има ли инвеститори во Хрватска кои го разбираат значењето на архитектурата за поширокиот општествен контекст и ги прифаќаат проектите кои имаат во себе дух на нови идеи и нови технологии. Можете ли да ги наведете проектите кои би можеле да бидат добар пример на современата архитектура во Хрватска?

03

„Гробље Криста Краља“, Пожега, Хрватска

– Мислам дека хрватската архитектура станува сè подобра и подобра. Мислам дека не треба да се споредува, всушност е еднакво квалитетна со некои средини во светот кои со децении работат на подобрување на условите кои влијаат на добрата архитектура, но дека има напредок, има. Кај нас во Хрватска нема архитектонски бироа кои постојано се присутни на светската сцена, но има бироа кои постигнуваат успех. Тоа е доказ дека можеме. Постојат хрватски архитекти кои се партнери во успешни странски бироа. Да, би се осмелил да кажам дека постојат луѓе кои се успешни на светската сцена. Тоа е важно за да ги поттикне младите архитекти да се борат за таква позиција. Но за да се дојде до таква позиција мора да се работи квалитетно и конкурентно. И многу, особено многу. И нема залажувања. Успехот во светот е мерлив.

А што се однесува до инвеститорите, ситуацијата не е идеална, но сепак почнуваат да се појавуваат инвеститори кои ја препознаваат вредноста на добрите архитекти. Не само како визуелна појава, туку и како вредност на добро осмислени планови, конструкции, функции… Е тука мора уште многу, многу да се трудиме. Не е доволно само да се изградат убави куќи, тие треба да бидат и соодветни.

Последните петнаесетина години има низа проекти кои би требало да се истакнат како успешни, кои понатаму поттикнуваат развој и ги инспирираат останатите амбициозни творци. Секако тоа се проектите на Биро 3 LHD, Идис Турато, Студио UP, Горан Рако, Давор Матековиќ, Нено Кезиќ, Никола Башиќ…  и многу други. Нека ми простат сите што не ги спомнав, а што мислат дека треба да се најдат на овој список. Списокот навистина може да биде многу, многу подолг.

01

Куќа Дашекова, Долна Стубица, Хрватска

– Кои архитекти на светско ниво би ги издвоиле како носители на нови идеи и трендови?

– Не сакам да говорам за трендови. Тоа не ме интересира во контекст на квалитетот. Секако сакам да ги истакнам како посебни архитектите кои имаат континуирано влијание како Смиљан Радиќ, Go Hasegawu, Herzog &de Meuron, Sami Rintala и низа други добри архитекти од Португалија, Чиле…

– Набројте неколку водечки и нови, перспективни архитекти во Хрватска.

– Тие што ги наведов во претходниот одговор. Ги има уште. Фала Богу.

005

Плоштад во Плетерница, Хрватска

– Ваши омилени проекти  – реализирани или сè уште како проекти…

– Сè што направив за Салата Ватрослав Лисински, куќата Дашекова (заеднички проект со сопругата Јасминка), проектот пред реализација: музеј, плоштад и пешачка патека во Плетерница, хотелот Bellevue во Лошињ, вилата MP во Лошињ, споменикот на бранителите во Папук и уште неколку други драги проекти коишто засега се на маса, но во секој случај можам и понатаму субјективно да набројувам.

– Работевте на Архитектонскиот факултет до 1984 како научен соработник, па колку тоа искуство Ви помогна во подоцнежното делување како архитект?

– Ми помогна толку што после тоа искуство бев полн со енергија да се соочам, занимавам и да уживам во реалниот свет на архитектурата. Најмногу научив од пракса, на градилиште, во комуникација со инвеститорите, во борбата да опстанам и по грешките.

– Од 1986 година водите архитектонско биро, па колку сегашната состоба во архитектурата се разликува од претходно?

01a

Мултимедијална сала, Плетерница, Хрватска

-Освен што сега има компјутери, а тогаш немаше, не баш многу. Треба да се работи, работи, работи… Како што знаете, успехот не доаѓа преку ноќ,туку после десетина или повеќе години напорна работа. Но сепак постои разлика, во осумдесеттите години кога почнав да работам приватно немаше многу работа за приватниците, а денес е поинаку. И разликата е во големото искуство. Зад мене се сепак 35 години пракса и градилишта.

– Во портфолиото на архитектонското биро Русан се наоѓаат проекти од различни програми: од хотели, куќи па сè до дизајн на мебел. Може ли да ни кажете нешто повеќе за Вашиот архитектонски пристап, како и за начинот на кој функционира вашето архитектонско биро?

– Настојувам на секоја задача да ѝ пристапам посебно, не сакам да се повторувам. Секако тоа секогаш не ми успева. Настојувам да ги разберам желбите и потребите на инвеститорот и тогаш квалитетно да ги интерпретирам, така што тие да бидат задоволни, а јас тоа да го потпишам. Секако тука има и компромиси. Ако не сте подготвени на разумни компромиси нема да има резултат. Ако нема видлив резултат, нема што да се покаже. Не сум од оние што сакаат да нудат решенија, да цртаат проекти, а истовремено не размислуваат за конечниот резултат, за изградба на објектот. Некако потешко од мене излегува онаа „архитектура на хартија“. Во бирото имам прекрасни соработници. Настојувам да препознаам за што се талентирани, секој посебно, и на тоа поле да ги „користам“. Настојувам да им давам задачи, да им отворам врата кон работата што им претставува задоволство. На тој начин тие ќе бидат поефикасни, попродуктивни и позадоволни. Мислам дека со текот на годините научив како се работи тимски. На крај сепак јас  морам да преземам одговорност за проектот и јас да одлучувам, но таквото однесување е неопходно за да се реализира проектот и да се наплати сработеното.

4.1.1

Мала сала во „Ватрослав Лисински“ во Загреб, Хрватска

– Работевте на проектот реконструкција на хотелот Bellevue, изграден во 1966 година. Кои беа главните предизвици за реконструкција на еден објект кој има повеќе од еден век за да стане современ објект што ги исполнува сите барања на современиот туризам?

– Најголем предизвик беше сè тоа да се направи во неверојатно краток временски рок, а истовремено да се создаде  нешто што секој ќе има право да го гледа и критикува без оглед на условите и временскиот рок во кој сè тоа е направено. Имено, хотел со 5 ѕвезди, 220 соби, инвестиција од 55 милиони евра, површина од 35.000 м2   проектиран  и изведен за само 7 месеци. Знам дека е тешко да се поверува, но овој податок е лесно проверлив. Три години по отворањето на хотелот многу портали и агенции тврдат дека тој е најдобриот хотел во Хрватска. Не мора да е тоа така и не сакам воопшто да коментирам, но факт е дека е постигнат резултат што предизвикува внимание. За успех на хотелот не е доволна само архитектурата, потребни се уште многу елементи сè тоа заедно да функционира. Изгледа дека кај  Bellevuea е достигнато забележително ниво и дека тој и понатаму се развива. Секако дека сум горд што нашата архитектура е дел од тој успех.

5

Oris, Лошињ, Хрватска

 – Списанието Oris стана европски бренд за архитектура, а Dani Orisa архитектонски настан што се очекува, доживува и прераскажува. Како успеавте во тоа? Колку е тешко да се дојде до средства за одржување на една таква манифестација што стана традиционална?

– Dani Orisa е навистина нешто што тешко може да го објасни својот успех. Секоја година пред настанот се прашувам дали успехот ќе се повтори. Да се соберат 2000 посетители од над десет земји на едно место не е нешто што се случува толку често. Всушност е многу ретко. Можеби тоа е комбинација на добри предавачи, убави моменти, добра организација, интересен град, а сега веќе и на традиција. Секако и на напорна работа. Слична е приказната и со списанието. Средствата за овие проекти ги наоѓаме сами. За Dani Orisa  поуспешно, а за списанието сè потешко. Но Oris сепак сè уште излегува. Сега бележи 20 години.2

 -Како на Вашата работа како проектант влијае фактот дека сте ангажирани на нешто што бара доста посветеност како што е списанието и организацијата на архитектонска манифестација? Колку се корисни за Вашата работа идеите и примерите коишто предавачите на Dani Orisa ги претставуваат?

-Сè повеќе сум свесен дека седам на два стола, дека се занимавам со две различни професии. Без прекрасните соработници во архитектонското биро и во „Oris“  не би можел да ги постигнам овие резултати. Сигурно дека помалку е неправедно што главно јас сум експониран. Но, без своите соработници, а тие се 30, сè ова не би било возможно. Сепак една ситуација е најважна. Без поддршка на својата фамилија, без нивното разбирање за тоа што го работам, јас не би бил успешен. Можеби би требало да разговарате со мојата сопруга, со ќерките, со соработниците… Мислам дека тоа би било уште поинтересно.

URED

 – Како го гледате архитектонското Биро Русан за десет години, а како списанието Oris и манифестацијата Dani Orisa?

– Тоа ќе можам да ви кажам за десет години. Се надевам дека сè тоа ќе постои, па и јас да не бидам локомотива.

 

Испрати коментар

Scroll To Top