Насловна / Интервју / Главна награда за архитектура на град Скопје

Главна награда за архитектура на град Скопје

sakam-objekti-intervju-3.jpgФирмата "Инженеринг импекс СА" добивала повеќе награди во текот на своето повеќедецениско постоење, но годинава доби уште едно мошне важно призание – Главната награда за архитектура на град Скопје. Архитектот Мишо Арсов вели дека исклучителноста на објектот "Брути", за кој ја добиле наградата, е неговата хармоничност и отсуството на непотребна декорација. Да слушнеме кои се неговите гледишта за архитектонските трендови во светот и кај нас.

 

За главната награда за архитектура на град Скопје конкуриравте со три ваши проекти, сепак ова признание го доби објектот "Брути". Спред вас, во што се состои неговата издвоеност?

 

Исклучителноста на објектот "Брути" ја гледам во чистотата на решението, односно е добиена хармонична целина со обликувањето на фасадата без да се оптоварува со дополнителна декорација. Оформена е обвивка од панели-алкубонд на две затворени површини кои продолжуваат на аголните делови од застаклените фасади. Од оваа фасадна обвивка во форма на "Г" продира стаклен кубус кој габаритно се поврзува со страничните полни површини. Ваквото решение придонесува за стабилен и хармоничен изглед на објектот. Комбинацијата на бои со топли и ладни тонови, како и чистите и рејлефни површини придонесуваат за постигнување на хармоничниот изглед. Во функционална смисла, добиен е отворен мултинаменски простор меѓусебно поврзан со две вертикални комуникации.

 

sakam-objekti-intervju-1.jpg

 

На објектот "Брути" работевте заедно со уште двајца ваши колеги. Како ги распределувате работите?  Работевме како тим, колегата Аднан Сарачини на функцијата на објектот, јас на негово обликување, а колегата Игор Димов на компјутерската презентација. Со тимска работа се скратува времетраењето на проектирањето, се добива сублимат на идеи, а резултатот е поквалитетни решенија за објектите. Сметам дека ваквиот тип на работа е неоходен за проектирање на поголеми објекти, а особено кога е потребна соработка со останатите проектанти за конструкција и инсталација.

 

sakam-objekti-intervju-3.jpg

"Инженеринг импекс СА" има богато и долгогодишно проектантско искуство. Каков вид објекти проектирате и дали архитектонскиот стил е диктиран од барањата на нарачателите? 

 

"Инженеринг Импекс СА" постои повеќе од 20 години, а негова основна дејност е проектирање објекти. Проектираме јавни објекти, индивидуални станбени објекти и реконструкции со ентериерни решенија. Архитектонскиот стил не е секогаш диктиран од инвеститорот. Инвеститорот ја диктира функцијата со проектна програма, додека за стилот се договараме во текот на работата. Во решенијата на куќите применуваме стилизирани елементи од традиционалната македонска архитектура како тремови, еркери, чардаци и резби во ентериерните решенија на плафоните. Од поновите јавни објекти на кои сме работеле, а кои заслужуваат да бидат претставени се: "Пауер Груп" на ул. Скупи бб во Злокуќани, мултифункционална градба која содржи сервиси, технички преглед, салон за автомобили и администрација, потоа синџирот на маркетите "Супер Тинекс", трговскиот центар "Биг Бокс", реконструкцијата на хотелот "Македонија" во Дојран, хотелот "Солун" во Скопје, еден станбено-деловен објект на булевар Пардизански одреди и други. Од ентериерните решенија позначајни се деловните простории на "Сава Осигурување", дискотеката "Процес" кафе – барот "Иносомнија", баровите "Имиџ", "Тренд" и "Змија", аптеките "Галениум фарм", казината во Дојран и Скопје и други. Во обликувањето на ентериерот на овие градби применуваме модерни, но и традиционални решенија во зависност од намената.

 

sakam-objekti-intervju-4.jpg

Повеќето од зградите и куќите на кои сте работеле имаат модерен изглед. Колку ги следите светските или европските трендови во архитектурата?

Јас преферирам модерен изглед и ги следам светските и европските трендови во архитектурата. Постојано учествувам на светски конгреси за архитектура, семинари и изложби. Техногијата оди напред, се обидуваме колку е можно повеќе да ја вградиме во констуктивните системи, во фасадното обликување, а тоа значи да се употребат енергетско ефикасни материјали за заштеда на енергија, топлински пумпи и соларни панели, и еколошко одржливи елементи. Што се однесува до обликувањето на изгледот сметам дека вредноста на едно архитектонско дело произлегува од многу елементи како односот на масите, хармонијата на пластиката, колоритот и слично. Стиловите се менуваат, трендовите исто така, во тек сум со случувањата, активно следам, но сепак имам изградено препознатлив сопствен стил кој постојано го надградувам.

 

Природните материјали, сивите и белите тонови, велите, се мометално актуелни во архитектонската практика.

 Се бара ли инспирација во архитектонските и уметничките стилови од минатото? Природните материјали како камен тула и дрво се секогаш актуелни. Тие имаат свој природен колорит. Јас секогаш правам комбинации од ладни и топли тонови во хармоничен сооднос. Архитектонските уметнички стилови од минатото се користат делумно во одредени објекти. Во обликувањето на современите градби се користат ретро-елементи како лустери, рамки за огледала. Ретро-стиловите не се актуелни само во архитектурата, тие се користат и во модниот свет и во автоиндустријата. Еве, на пример, во светот моментално е актуелен редизајн на возилата од 60-тите и 70-тите години на минатиот век.

 

Кои архитекти извршија најголемо влијание на вас и зошто токму тие?

 

Ричард Мејер и Френк Гери се архитектите што најмногу влијаеја врз моето формирање како архитект, ме инспирираа да проектирам објекти во современ стил. На пример, во делата на Ричард Мејер ми се допаѓа чистотата во изразувањето со префинети форми кои изгледаат лесно, а всушност се мошне масивни. Комбинацијата на материјалите од алуминиумски композитни панели со камен во бело-жолтеникав колорит ги надополнува успешно компонираните форми. Во делата на Френк Гери, пак, формите се послободни и даваат одредена динамика на објектот. Неговите дела изгледаат скулптурално, а мене тоа ми се допаѓа, кога еден објект има облик на скулптура, на уметничко дело. Инспирација пронаоѓам и во уметноста на сликарите, како Пабло Пикасо, Џорџ Брак и Пит Мондријан. Често соработувам и со македоските уметници кои ги надополнуваат ентериерите со нивните витражи, мозаици, скулптури и уметнички слики, меѓу кои и со Никола Иванов – Балтон, Боро Митриќески, Томе Бундевски, Цане Јанкуловски, Димитар Стојчевски и Владимир Лазоски. Моментално кај нас се актуелни монтажни градби.

 

sakam-objekti-intervju-5.jpg

 

Колку е исплатливо и сигурно да се инвестира во куќи од овој тип? Монтажни куќи правиме за приградските населби. Поисплатливи се од објектите со тврда градба, но бараат посебен третман и треба да се одржуваат во текот на годината. Кај куќите од дрво тоа би значело нивно премачкување со специјални премази во текот на годината, со што дрвото би се заштитило од атмосферски влијанија и од инсекти. Една од позитивните страни кај овие објекти е што се безбедни од сеизмички влијанија. Сепак, кај нас традиционално се позастапени објектите од поцврста градба.

 

Велите дека една од работите што го нагрдуваат ликот на зградите во Скопје, а со тоа и на целиот амбиент, е тоа што на своја рака граѓаните прават проширувања и доградби. Ве молам, искоментирајте го овој проблем. 

 

Сметам дека ликот на зградите во Скопје е нагрден од интервенциите што ги прават станарите, во смисла на затворање балкони, поставување несоодветни настрешници, делумно покривање на равни кровови и слично. Се надевам дека во иднина ова ќе се промени, ако доследно се почитува законот за градење ќе се спречи самоволието на некои граѓани во нагрдувањето на објектите.

 

Кате АНТЕВСКА

Испрати коментар

Вие можете да ги користите следните HTML ознаки: <a href="" title=""> <abbr title=""> <acronym title=""> <b> <blockquote cite=""> <cite> <code> <del datetime=""> <em> <i> <q cite=""> <strike> <strong>

Scroll To Top