Во современата хотелска индустрија, ентериерот одамна не се сведува само на архитектура, мебел и материјали. Сè поголемо значење добива уметноста како активен и стратешки елемент кој ја дефинира атмосферата, идентитетот на просторот и доживувањето на гостите.
Токму на пресекот меѓу архитектурата, дизајнот и визуелната култура се позиционира професијата art & interior styling за хотели.
Јана Ацевска и Виолета Сиљаноски специјализираат во стајлинг, декорација и селекција на уметнички дела за сместувачки капацитети, најчесто во фазата кога проектите сè уште се во развој. Тие се вклучуваат уште во првата или во втората фаза на планирањето, овозможувајќи уметноста да не биде само декоративен слој, туку суштински дел од просторниот наратив.

Fairmont, Rabat

The St. Regis Tamouda Bay
Јана и Виолета – art & interior styling
Со анализа на волумените, светлината, колоритот и функцијата на просториите, ние избираме уметнички дела за конкретни позиции – ѕидови, лоби-простори, рецепции, коридори или соби. Покрај авторите и медиумите, дефинираме формати, типови рамки, материјали и начини на презентација, за да обезбедиме целосна хармонија со архитектонскиот јазик на објектот.

Fairmont, Rabat
Во најголем дел од проектите, не се задржуваме само на курирање, туку преземаме целосна продукција – од концепт, преку изработка, до финална инсталација на лице место. Така ја преземаме улогата на медијатор помеѓу инвеститори, архитекти, дизајнери и уметници, создавајќи интегрирани решенија што ја надминуваат класичната поделба помеѓу „дизајн“ и „уметност“.

The St. Regis Tamouda Bay
Во првиот дел од нашата серија текстови ги презентираме двата хотелски проекти реализирани во Мароко – Fairmont, Rabat и The St. Regis Tamouda Bay – каде уметноста не беше додаток, туку клучен столб на идентитетот на просторот.

Fairmont, Rabat
Fairmont Rabat
Во Fairmont Rabat, првично работејќи на стајлинг и декорација, се јави потреба од уникатни уметнички решенија за рецепцијата и влезното лоби. Наместо интернационални дела, се избра локален пристап – уметник од Рабат создаде монументална триптих-скулптура специјално за просторот. Делата визуелно се вклопија во естетиката на хотелот, станувајќи препознатлив идентитетски елемент.



Fairmont, Rabat
The St. Regis Tamouda Bay
Во The St. Regis Tamouda Bay, на медитеранскиот брег, работевме целосно – од селекција и продукција на уметнички дела, до избор и набавка на декоративни елементи. Инвеститорот постави јасен услов: сите дела да бидат локални, од марокански уметници, артизани и дизајнери.

Процесот вклучуваше истражување на пазарот, посети на ателјеа, галерии и занаетчиски работилници, директна комуникација со авторите и разбирање на нивните техники и материјали. Резултатот беше внимателно курирана селекција од етаблирани и помлади автори, создавајќи современ визуелен идентитет кој е луксузен, современ и длабоко поврзан со локалната културна сцена. Во лобито се поставени дела од Amina Agueznay, претставничка на Мароко на претстојното Биенале за уметност во Венеција, Venice Art Biennale, а на самиот влез – монументални таписерии од автори од мароканскиот павилјон на Venice Biennale of Architecture, со што хотелот доби силен културен печат уште на првиот впечаток.

Amina Agueznay
Овие два проекти покажуваат дека уметноста и декорацијата не се финален украс, туку суштински дел од концептот. Навремено вклучена, внимателно истражена и професионално интегрирана, уметноста станува носител на идентитетот на просторот.

Наша задача е да му дадеме душа на просторот – оној фин, нематеријален слој што не може да се испланира само со цртеж, но кој на крајот ја прави разликата помеѓу коректно уреден ентериер и место што се памети.
Автори: Јана АЦЕВСКА и Виолета СИЉАНОСКА

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија