„Формула 1“, најпопуларното светско натпреварување во автомобилски трки, тврди дека успеала во своите намери да ги намали емсииите на значително под 200.000 тони годишно. Но, компанијата Greenly, која развиваа софтвер за следење на емисиите, проценува дека реалниот јаглероден отпечаток на „Формула 1“ кога ќе се опфатат и емисиите за кои е одговорна публиката, надминува милион тони по сезона.

Имено, во јули 2025 година, „Формула 1“ соопштила дека во 2024 година ги намалила своите емисии на CO2 за 26% во однос на нивото од 2018 година, и дека е на пат најдоцна до 2030 година да ги сведе на нула. Во текот на 2024 година, „Формула 1“ емитувала 168.720 tCO2eq, што е значително намалување во однос на 228.793 tCO2eq од 2018 година. Од друга страна, компанијата Greenly проценува дека реалната количина е повеќекратно поголема – дури 1,04 милиони tCO2eq годишно. Податоците од „Формула 1“ ја опфаќаат логистиката, како што е транспортот на товар, која сочинува 37% од емисиите, потоа патувањата на тимовите и персоналот (36%), емисиите од фабриките и другите објекти (14%), активностите на патеките (13%) и самите тркачки автомобили на патеката (1%).

Но, вкупниот јаглероден отпечаток вклучува многу повеќе работи, смета Greenly. Оваа компанија со седиште во Париз тврди дека пресметувањето на патувањето на гледачите, сместувањето, угостителските услуги, сувенирите, ТВ преносите, како и услугите на локациите каде се одржуваат трките, го зголемува овој износ на дури 875.767 tCO2eq. Според проценките на оваа компанија, патувањата на гледачите генерираат 655.600 tCO2eq, сместувањето 122.326 tCO2eq, угостителските услуги 49.201 tCO2eq, сувенирите 20.049 tCO2eq, преносите 28.081 tCO2eq, а услугите на локациите нa трките 509 tCO2eq.

Иако „Формула 1“ успеала да ги намали емисиите со оптимизација на товарниот транспорт и употребата на обновливи извори на енергија и одржливи горива, индиректните емисии и натаму претставуваат главен извор на нејзиното климатско влијание, истакнува Greenly. „Формула 1“ има околу 6,15 милиони гледачи годишно, а промената на нивното однесување би можела да допринесе во постигнувањето на нула нето емисии. На љубителите на „Формула 1“, Greenly меѓу останатото им препорачува да бираат трки кои се поблиску до нив, да патуваат со воз, автобус или електрично возило, да делат превоз, да најмуваат сместување во близина на настаните и сл.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија