Насловна / Архитектура / Стирлинговата награда за архитектура за Апелбај Блу Алмсхаус во Лондон

Стирлинговата награда за архитектура за Апелбај Блу Алмсхаус во Лондон

Во конкуренција од шест објекти, а на церемонијата одржана на 16.10.2025, беше промовиран овогодишниот добитник на Стирлинговата награда за архитектура – Апелбај Блу Алмсхаус во Лондон од Витерфорд Ватсон Ман Архитектс. Престижната Стерлингова награда за архитектура се доделува од 1996 година и преку неа се оддава признание на најдобрите творби во новата архитектура на Обединетото Кралство.

АЛМСХАУС – ДОБРОТВОРНО ДОМУВАЊЕ

Алмсхаус е форма на добротворно домување за лицата во одредена заедница, која потекнува од средниот век. Се смета дека првата Алмсхаус во Англија била основана во Јорк од кралот Ателстан (околу 894 – 939), а кој бил крал на Англосаксонците од 924 до 927 и крал на Англичаните од 927 до 939 година. Овој вид на домување е поврзан со христијанската традиција да се донираат пари или услуги за поддршка на сиромашните и бездомниците, а за кои во рамките на локалната заедница се граделе домови за лица коишто работеле на одредени работни места во минатото, за нивните вдовици, или пак за старите лица коишто повеќе не се во можност да ја плаќаат киријата. Првин тие се појавиле како продолжение на црковниот систем, за потоа да бидат преземени од локалните власти. Овој вид објекти обезбедувал или бесплатно или домување по намалени цени и честопати имале и елементи на социјална заштита преку присуството на управител. По овој принцип работеле и мнозинството средновековни болници во Европа.

Алмсхаус вообичано биле организирани како мали куќи во низа или станови за мал број на жители коишто понекогаш биле организирани во форма на буквата „П“ околу централен заеднички двор, а во рамките на комплексот можело да има и капела за религиозна пракса. Станарите во овие објекти имале обврска да се молат за душата на основачот на алмхаусот. Религиозниот аспект на овие објекти довел до нивна забрана во периодот на реформацијата преку Законот за затворање на молитвените објекти од 1545 и 1547 година, за потоа да бидат возобновени во поинаква форма преку Законот за помош на сиромашните од 1597 година. Според расположливите проценки околу 2.600 алмсхауси со околу 30.000 станбени единици сè уште работат во Велика Британија и нудат сместување на околу 36.000 лица.

ИНОВАТИВНО РЕШЕНИЕ ЗА ПОТРЕБИТЕ НА ПОСТАРИТЕ ЛИЦА

Наградениот објект е добитник и на Националната награда на Кралскиот институт на британските архитекти за 2025 година и на Наградата за Лондон на Кралскиот институт на британските архитекти за 2025 година, и е со бруто-површина од 5.800 метри квадратни. Вредноста на договорот за градење изнесувала 25,1 милион фунти (околу 28,363 милиони евра), односно 4.330 фунти (околу 4.793 евра) по метар квадратен.

Архитектите понудиле иновативно решение за алмсхаус за потребите на постарите лица во 21-виот век испроектирано не само да го промовира заедничкиот живот, туку и да го подобри квалитетот на нивниот живот, а во обидот да се надмине еден од најголемите предизвици на денешницата каде стареењето е поврзано со зголемена изолација. Оттука тие се обиделе да го надминат ова преку создавање на простори коишто ги промовираат случајните средби, места за разговори со пријателите или пак за седење заедно и набљудување на она што се случува околу нив. Овој пристап е одраз на аспирациите на инвеститорот, околу пет века стара добротворна организација Јунајтед Ст. Сејвиор Чарити, искажани преку проектната програма и континуираниот ангажман за преку истражување во заедницата да се осознае влијанието на средината на жителите во комплексот, а во желба да им се овозможи на жителите достоинствено стареење во заедници кои нудат поддршка и го подобруваат квалитетот на животот.

Овој комплекс за социјално домување за лица постари од 65 години е современа интерпретација на традиционална алмхаус и е изграден како замена за напуштен дом за грижа на лица на истата локација. Истиот содржи 59 стана организирани во форма на буквата „П“ околку централен довор со градина. Организацијата, волуменот и материјализацијата на објектот се современи по својот пристап, но нудат соодветен одговор на контекстот во кој се наоѓа. Главниот влез дискретно е лоциран во застаклен ветробран во рамките на главната фасада кон локалната улица. По завртувањето на двата агла, висината на објектот каскадно се спушта на две нивоа со што се надоврзува на викторијанските куќи во низа и полувили во опкружувањето. Визуелното поврзување дополнително е нагласено и преку присуството на испакнати застаклени прозорци.

ПОТТИКНУВАЊЕ РАЗВОЈ НА ЗАЕДНИЦАТА

Објектот ја следи топографијата на парцелата намалувајќи ја својата висина кон југ и оформува осончан линеарен двор во „срцето“ на комплексот. Нешто повисоката градина содржи извишени жардиниери за нивно полесно користење од страна на жителите, како и мебел на отворено каде што тие може на отворено да се среќаваат и дружат.

Приземјето на објектот е издигнато во однос на главната улица, што ги поттикнува жителите да ги користат овие малку издигнати јавни простории во објектот преку кој им се овозможува и да следат што се случува на улицата и во блиската автобуска станица. Архитектонскиот пристап кој ја промовира визуелната транспарентност овозможува и жителите да видат што се случува во нивното опкружување, но и да бидат видени од оние околу нив.

Кујната и собата (со двојна височина) кои гледаат кон градината се сметаат како фокални точки на заедничкиот живот. Поврзувањето на ентериерот и екстериерот е нагласено преку големата лизгачка врата со јужна ориентација која ја поврзува внатрешноста на објектот со дворната градина. Привлечноста на заедничките простории е нагласена преку прекрасната миризба која доаѓа од кујната во која се одржуваат и лекциите за готвење, додека заедничката соба која гледа кон градината е место каде жителите се собираат за своите оброци и бројните групни активности. Дополнително, локалната заедница е поттикната да ги користи овие заеднички простории.

Помалите, но поинтимните заеднички простории се лоцирани на првиот кат, додека пристапот кон сите станбени единици е организиран преку широки внатрешни, но негреани коридори исполнети со природно осветлување, а чијашто употреба е поткрепена преку поставените клупи и заедничките жардиниери пред влезните врати на станбените единици. Истите овозможуваат жителите да ги персонализираат преку изборот на растенија и цвеќиња коишто ќе бидат насадени во нив. Ваквиот пристап се сметал за значаен поттикнувач за развој на заедницата наспроти можната алтернативна опција за поставување на индивидуални балкони во секоја станбена едница преку кои можела да се нагласи изолираноста на жителите во рамките на комплексот.

ЈАСЕН ПОВИК ЗА НОВА ФОРМА НА ДОМУВАЊЕ ВО КЛУЧЕН МОМЕНТ

За претседателката на овогодишното жири архитект Ингрид Шродер, директор на Школата за архитектура при Архитектонската асоцијација во Лондон, „овој проект е јасен повик за нова форма на домување во клучен момент. Изграден во заднината на две кризи, акутен недостаток во домувањето и растечка епидемија на осаменост кај постарите лица Апелбај Блу Алмсхаус нуди надежен и имагинативен одговор, каде жителите и околната заедница заедно се зближени преку трансформативната природа на проектот“.

Говорејќи во името на архитектонското биро и клиентот, архитектот Стевен Витерфорд истакнал дека „тесно и имагинативно работејќи со Унјатед Ст. Сејвиорс Чаритие, ние создадовме средина која ја намалува осаменоста, го поттикнува поврзувањето, и го поддржува добриот живот во постарите години. Добротворната организација создала социјално домување кое им овозможува на лицата да стареат локално со соодветна поддршка со придобивки и за жителите и за пошироката заедница во Соутварк. Ние сме почестени дека Стирлинговата награда за архитектура на Кралскиот институт на британските архитекти ја согледува силата на архитектурата да создава места коишто навистина ги трансформираат животите. Нашата улога како архитекти не значи само да се испроектира објект, туку да се соработува за да се замисли заедница во градот, ‘алмсхаус’ за 21-виот век“.

Парцелата на објектот била во сопственост на единицата на локалната самоуправа и на неа бил лоциран напуштен дом за стари лица. Приватен претприемач ја купил парцелата и во голема мерка финансиски ја поддржал изградбата на овој објект за социјално домување, за да понуди финансиски достапно домување надвор од поголем станбен комплекс во друг дел на градот. Јунајтед Ст. Сејвиор Чарити трајно ќе управува со објектот во кој кириите се лимитирани на нивото на социјалното домување.

Другите селектирани објекти во конкуренција за овогодишната Стирлингова награда за архитектура беа:

  • Елизабет Тоуер во Лондон од Пурцел;
  • Хејстингс хаус од Хју Стрејнџ Архитектс;
  • Лондон Колеџ оф Фашон од Алајс и Морисон;
  • Нива хаус од Такери Шимазаки Архитектс; и
  • Дисковери Сентре во Кембриџ од Херцог и де Меурон.

Испрати коментар

Scroll To Top