Насловна / Вести / Боите како главен адут во ентериерот на детска продавница во Падова

Боите како главен адут во ентериерот на детска продавница во Падова

Во самиот центар на Падова се наоѓа Zoii Kids, продавница за детска облека чиј ентериер покажува како современиот дизајн може природно да се вклопи во историски контекст.

Проектот е потпишан од студиото Architettura Tommasi, кое со оваа интервенција споило зачувување на наследството и разиграна естетика наменета за најмладите.

Од прв поглед е јасно дека ова е простор кој им се допаѓа не само на децата, туку и на родителите кои бараат модерен, добро обликуван амбиент со јасна почит кон местото каде што се наоѓа.

Зачувани историски детали

Еден од најважните сегменти на проектот бил реставрацијата на оригиналните елементи на зградата, првенствено на влезната врата и излозлогот.

Наместо замена, архитектите се одлучиле за детален процес на реставрација – отстранети се слоеви од нечистотија и темна боја, оштетените дрвени делови заменети се со нови, а завршната обработка е со лак на база на вода кој ја зачувува природната текстура и нијансата на материјалот.

Бои и форми прилагодени на децата

Внатрешноста на продавницата е проектирана како свет на јасни, енергични бои – жолта, сина и магента – кои доминираат во ѕидовите, мебелот и услужните зони.

Мебелот е проектиран специјално за овој простор, со комбинација од метални и дрвени цевки, со што се постигнува баланс помеѓу разиграност и чиста, современа форма.

Резултатот е ентериер кој поттикнува движење, љубопитност и игра, но без визуелен хаос. Просторот е чист, функционален и лесно читлив, што е особено важно во малопродажна средина наменета за деца.

Одржливи потези

За да се заштити оригиналниот дрвен паркет, воведен е слој од тепих, кој се поставува без лепење. Таквото решение не само што ја зачувува постојната површина, туку и овозможува просторот лесно да се врати во првобитната состојба во иднина, без трајни интервенции.

Сличен принципе применет и за брендирањето. Поради статусот на заштитен објект, класична сигнализација не е дозволена, па идентитетот на продавницата е суптилно интегриран преку боите на ентериерот и винилната графика на излогот.

На овој начин, излогот станува дел од дизајнот и комуникација со минувачите, без да се наруши историскиот амбиент на улицата.

Кога современото и старото функционираат заедно

Zoii Kids во Падова е добар пример за тоа како внимателно промислениот дизајн може истовремено да го почитува контекстот и да внесе свежина, а комбинацијата од реставрирани детали, интензивни бои и мебел по мерка создава простор кој е светол, функционален и различен.

Проекти како овој се потсетник дека ентериерите за деца не мора да бидат банални или премногу илустративни. Со добра мерка и јасно разбирање на просторот, тие можат да бидат подеднакво квалитетни и сериозно проектирани како оние наменети за возрасни.

Испрати коментар

Scroll To Top