Кина ја пушти во работа својата прва производна линија за челик, чии нето емисии на јаглерод драстично се пониски од конвенционалните технологии. Таа челичана користи металуршки процес на електрично топење, а водородот е главно редукционо средство наместо традиционално користениот кокс. Станува збор за примена на зелена технологија и трансформација на јаглеродно интензивна индустрија.

Техничката спецификација на погонот покажува дека емисиите на јаглерод се од 50 до 80% пониски отколку при вообичаените процеси на производство на челик. Ова е прва таква челичана на светот со годишен капацитет од над милион тони. Се очекува проектот да спречи испуштање на над 3,46 милиони тони јаглерод диоксид во атмосферата, што е еквивалент на 2.000 квадратни километри под шума.

Покрај директниот бенефит за животната средина, проектот има и економско значење. Производството на челик со значително пониски емисии и овозможува на Кина да го ублажи влијанието на системот за наплата на јаглеродна такса според Механизмот за прекугранично прилагодување на јаглеродот (CBAM) на Европската унија, кој стартуваше од 01.01.2026 година.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија