Во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет при УКИМ во Скопје, свечено се додели Големата годишна награда за најуспешно реализирано архитектонско дело за 2025 година (ГГН) – манифестација која е под покровителство на Претседателот на Република Македонија, а традиционално секоја година на крајот на декември ја организира Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ.

ОВАА ГОДИНА ВО КОНКУРЕНЦИЈА БЕА ЧЕТИРИ ОБЈЕКТИ:
- Индивидуална станбена куќа во Бардовци –студио „Инженеринг Инпекс С.А.“, Скопје; автори: Искра Арсова и Мишо Арсов
- Детска градинка во Делчево – студио „Квадар“ Скопје; автори: Билјана Петрова, Марија Костовска и Милица Касапинова
- Детска градинка во населба Пролет Скопје – студио „ИНКОМ Инженеринг“, Скопје; автори: Снежана Костовска и Билјана Кубуровска, консултант Игор Котларовски
- Православен храм – црква „Св. Рамноапостоли Цар Константин и Царица Елена“, Скопје – студио „Лелелеле“; автори: Искра Лековска и Владимир Лековски

Добитник на ГГН на ААМ за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2025 е Православен храм – црква „Св. Рамноапостоли цар Константин и царица Елена“ во Скопје на авторите Искра Лековска и Владимир Лековски од архитектонското студио „Лелелеле“.

Наградата на добитниците им ја врачи претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.
На свеченоста таа порача: „Архитектурата, како триаголник на наука, уметност и општествен ангажман, има суштинско влијание на убавината и функционалноста на јавниот простор, односно врз квалитетот на урбаното живеење.
За авторите на награденото архитектонско дело, црквата ‘Св. Константин и Св. Елена’ е метафора за македонската колективна меморија и идентитет и ја персонифицира хармонијата меѓу небото и земјата, духовното и световното, традицијата и современоста.
Честитки до добитниците! Наградата има силна, едукативна и инспиративна вредност за архитектонската фела и за младите архитекти! “.
фото: КИРО ПОПОВ

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија