Насловна / Вести / Вестра Хамнен – од индустриски центар до „Град на утрешнината“

Вестра Хамнен – од индустриски центар до „Град на утрешнината“

Урбанизмот како мултидисциплинарна научна област се занимава со планирање, уредување, организација и развој на населените места, пред сѐ градовите (зборот доаѓа од латинскиот збор urbs – град). Современото урбанистичко планирање се стреми кон создавање компактни, социјално инклузивни, добро интегрирани, безбедни и поврзани градови кои се отпорни на климатските промени и промовираат одржлив урбан развој. Одржливиот урбан развој како концепт се однесува на развојот на градовите и населените места преку хуманизација на просторот во служба на подобар квалитет на живот на самите граѓани, на начин кој ги задоволува потребите на сегашните генерации, без да ја загрози можноста на идните генерации. Граѓанинот е во центар на интересот, па затоа и таткото на современиот концепт на Копенхаген, архитектот Јан Гел, ќе ги нарече „градови за луѓе“.

поглед на марината во Вестра Хамнен 

Не се тоа градови подредени на автомобилите, ниту на зградите, туку главниот акцент е ставен на луѓето, на нивната среќа, а нивното психичко и физичко здравје се во фокусот на планирањето. Гладеано во целина, одржливиот развој претставува интегриран и сеопфатен пристап кој ги усогласува трите клучни димензии, честопати наречени „трите Е (според почетните букви на англиските термини)“ кои се однесуваат на:

  1. Животната средина (Environment): Намалување на загадувањето (воздух, вода, почва), ефикасно користење на ресурсите (вода, енергија, земјиште), намалување на емисиите на стакленички гасови (климатска неутралност), заштита и унапредување на природата, зелените и отворените простори и биодиверзитетот во градот и градење на отпорност кон климатски промени и катастрофи.
  2. Економијата (Economy): Поттикнување на одржлив економски раст и иновации, создавање работни места и рационално користење на расположливите ресурси.
  3. Правичноста/Социјалната димензија (Equity/Social): Подобрување на квалитетот на животот и благосостојбата на сите граѓани, обезбедување еднаков и достапен пристап до основните услуги (транспорт, домување, здравство, образование) и погодностите на урбаното живеење, социјална инклузивност и намалување на социјалните нееднаквости и активно вклучување на граѓаните (заинтересираните страни) во процесот на планирање и одлучување.

Во историјата на урбанизмот како пионерски модел за одржливо урбано планирање е запишан т.н. Град на утрешнината, во областа Västra Hamnen (што во превод би значело западно пристаниште) во Малме, Шведска.

Västra hamnen 1956 година како бродоградилиште и индустриска област (фото Malmö stad)

Овој дел од Малме, чие име ни открива дека во минатото бил пристаниште и индустриска област, е вештачки создадено земјиште (насип во морето) кое датира од 19 век. Токму овој стационар на тешката индустрија во Шведска, со доминација на бродоградилиштето Kockums, го доживува својот врв во 50-тите и 60-тите години на 20 век, станувајќи едно од најголемите во светот. Но, поради кризата во бродоградбата, производството запира во 1986 година, со што областа станува напуштена и загадена. Оттогаш урбанистите размислуваат за реосмислување и трансформација на целата област, па така се раѓа идејата за проектот Bo01 (изведен од шведскиот глагол bo (да се живее/престојува) и 01 по годината на градба) кој бил презентиран за изградбата во 2001 година во Малме на меѓународната изложба за домување. Проектот Bo01 е прва фаза и катализатор за претворање на целата поранешна индустриска област Вестра Хамнен (Västra Hamnen) во модерен, одржлив станбен, комерцијален и образовен кварт.

Bo01, куќи со свои дворови и излез на канал

Главниот план на квартот е авторско дело на шведскиот архитект и планер Klas Tham, кој ги втемелил планерските визии на населбата во 1998 година. За квартот да добие архитектонска разноликост, во следната фаза на проектирање се вклучени над 20 архитектонски фирми, меѓу кои и домашни, шведски, но и меѓународни. Сите тие дале голем придонес за разновидниот идентитет на квартот, каде најрепрезентативно визуелно обележје, станува интересниот облакодер на шпанскиот архитект Сантијаго Калатрава, познат како Turning Torso (Извиткано торзо), кој со својот необичен изглед и вертикален акцент до 2022 година го држеше приматот за највисоката зграда во Шведска и нордиските земји. Bo01 е срцето и првиот дел од Västra Hamnen, кој го постави стандардот за одржливост и урбан дизајн за целиот кварт.

Поглед од птичја перспектива на квартот Bo01 (Pandora Pictures)

Следствено, се наметнува прашањето: Како оваа населба станува пример за одржливи градови и што подразбира тоа?

Bo01 е уникатен по својот холистички пристап кон одржливоста и високиот квалитет на живот кој се манифестира преку:

  • Енергетска самодоволност и обновливи извори

Целиот кварт е проектиран да користи 100 % обновлива енергија од локални извори. Ова е постигнато преку комбинација на:

– Ветерници

– Соларна енергија (соларни панели).

– Геотермална енергија и топлински пумпи што ја користат морската вода и подземните води за греење и ладење на објектите во различни сезони.

Куќи во низа секоја со свој сопствен двор и пристап на каналот

  • Управување со атмосферски (дождовни) води:

Се користи иновативен систем за управување со дождовните води, каде водата се собира во отворени канали, езерца и зелени (биофилни) покриви, што помага во спречувањето поплави и зголемувањето на биодиверзитетот преку нејзина филтрација и естетска интеграција со пејзажот.

Канал од филтрирана атмосферска вода во Bo01

  • Голема разновидност на архитектурата:

Наместо монотонија, населбата се карактеризира со голема разновидност на објектите во однос на нивната големина, висина, обликување и изглед, што е резултат на ангажманот на голем број архитектонски студија. Ова создава визуелно богат и привлечен амбиент.

Куќи на вода, во позадина облакодерот Turning Torso

  • Човекомерност на јавните простори:

Голем акцент е ставен на создавање квалитетни јавни простори, промена на фокусот од автомобили кон пешаци и велосипедисти. Многу улици се трансформирани во зони без автомобили, а населбата има развиена велосипедска инфраструктура.

Пешачка зона помеѓу дрвените платформи на морскиот брег и првиот ред објекти 

  • Зелен и син фактор:

Воведен е критериум да се обезбеди одреденa застапеност на зелени површини поврзани со секоја зграда, промовирајќи урбан биодиверзитет. Па, така областа добива нагласена зелена инфраструктура (биофилни покриви, сопствени дворови, градини и паркови како Scaniaparken и Daniaparken) и сина инфраструктура (отворен систем на канали и езерца каде се реупотребува прочистената атмосферска вода, што исто така го зголемува биодиверзитетот).

Партерно уредување на јавен простор во Bo01

  • Еколошки циклус на отпадот:

Квартот промовира напреден систем за максимално искористување на отпадот и негово претворање во ресурс. Тој користи систем на автоматизирано вакуумско собирање на отпадот, што претставува голема иновација бидејќи целиот процес се одвива под земја, без потреба од класични контејнери по улиците. Жителите го селектираат отпадот директно во своите домови. Отпадот се депонира во специјални отвори за собирање (во дворовите или во зградите), од каде што се вшмукува преку подземен систем на цевки до централен колектор.

Еден од каналите минува низ самиот објект

Притоа, има двојна селекција на отпад од органско потекло (отпад од храна) и неорганско потекло (што не може да се рециклира). Органскиот отпад понатака се третира посебно, така што се транспортира до постојка за анаеробна дигестија (ферментација) каде се добива биогас (метан), кој понатака се реупотребува како гориво во јавниот транспорт (градските автобуси), но и за производство на топлинска или електрична енергија.

Еден од објектите на Bo01 со сопствен двор и дождовен канал кој се влива во езерцето

Остатокот од процесот (т.н. дигестат) се преработува за да се извлечат хранливи материи кои се користат како ѓубриво во земјоделството. Другите видови на отпад (хартија, пластика, метал, стакло) се собираат на стандардни рециклажни станици во квартот. На тој начин системот во Västra Hamnen има цел да го елиминира отпадот од депониите и да создаде затворен циклус при што отпадот ќе се трансформира во производство на енергија, гориво и земјоделско ѓубриво.

Зелена зона со клупи за одмор и разновидно хортикултурно уредување меѓу пешачката зона и морскиот брег

  • Крајбрежен живот

Квартот нуди долги крајбрежни шеталишта, марина за јахти и популарни места за капење, како што е Scaniabadet со платформа и скали до морето, што го прави омилено место за рекреација и пливање во топлите денови.

Морскиот брег со дрвени платформи за пливање и сончање во летни денови

  • „Производство на знаење“

Вестра Хамнен покрај другите епитети го доби и епитетот мешовит град (mixed city), поради  мешовитата структура на намени. Тука се сместени седиштата на бројни компании, како и на неколку факултети од Универзитетот во Малме. Преку фокусот на иновации, Västra Hamnen не е само станбен и деловен кварт, туку е исто така важен образовен центар во Малме, кој ги интегрира функциите на живеење, работа, трговија, здравство и образование.

Паркови како зони меѓу објектите

Мост обложен со дрво преку канал во Bo01 

Со сите овие важни аспекти на Bо01 и Västra Hamnen со право овој концепт на град го добива името Град на утрешнината, уште на самиот почеток на 21 век. 24 години подоцна, некои од државите, сѐ уште сонуваат за ваков холистички одржлив урбанистички развој во кој хуманиот простор и квалитетот на животот на секој граѓанин ќе биде главна цел и фокус. Västra Hamnen бил инспирација за многу градови низ светот, а наша надеж е дека ќе инспирира за јасна визија и за политичка волја во градењето на подобри и поздрави урбани средини и во нашата држава.

Текст и фото: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.

Испрати коментар

Scroll To Top