Насловна / Архитектура / На Годишната средба на архитекти во Битола ќе се претстават со предавања архитектите Арбер Шала и Ноеми Чаусидис

На Годишната средба на архитекти во Битола ќе се претстават со предавања архитектите Арбер Шала и Ноеми Чаусидис

Во рамки на Четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти во Битола ќе се претстават со свои предавања архитектите Арбер Шала и Ноеми Чаусидис.

Арбер Шала – „Од молив до промпт: Архитектот во ерата на вештачката интелигенција. Истражување како технологијата го менува начинот на кој проектираме и градиме“

Арбер Шала е наградуван архитект со седиште во Приштина, Косово, со повеќе од 25 години професионално искуство во архитектура, урбанизам и проектирање. Како основач и главен архитект на Arber Shala | Architects (ASHA | Architects), тој има водено бројни станбени, комерцијални и институционални проекти, препознаени по нивната јасност, функционалност и безвременска естетика.

Преку својата креативна платформа ASHA ADW – Architecture & Design Workshop, тој ја истражува пресечната точка помеѓу архитектурата, образованието и технологијата, споделувајќи размислувања преку предавања, подкасти и дигитални медиуми. Неговото дело ја одразува вербата дека архитектурата не е само изградба на простори, туку обликување на човечкото искуство и инспирација за подобар начин на живеење.

Во своето излагање на Четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, насловено „Од молив до промпт: Архитектот во ерата на вештачката интелигенција. Истражување како технологијата го менува начинот на кој проектираме и градиме“, архитектот Арбер Шала ќе се осврне на своето истражување за тоа како вештачката интелигенција и дигиталните иновации го преобликуваат креативниот процес и улогата на архитектот.

Преминувајќи од ерата на рачно нацртаната линија кон ерата на напишаната наредба, тој го проучува процесот преку кој технологијата го менува не само начинот на кој проектираме, туку и начинот на кој размислуваме, одлучуваме и градиме. Со заеднички осврт на рамнотежата помеѓу човечката интуиција и машинската интелигенција, тој нуди размисла за тоа како можеме да ги прифатиме новите алатки со цел унапредување на креативноста, зачувување на суштината и создавање на поодржлива и кон човекот насочена иднина.

Ноеми Чаусидис – „Одржлива архитектура: од идеја до реалност“

Ноеми Чаусидис е искусен архитект и проектен менаџер која со своето долгогодишно искуство и визија активно работи на намалување на влијанието на градежниот сектор врз животната средина. Нејзиниот пристап ги опфаќа дизајнот, технологиите, теориите, организацијата и регулативите, со цел создавање одржливи и иновативни решенија за изградената средина.

Архитектонското образование го завршила во Македонија, а својата професионална кариера ја гради надвор од границите на својата родна држава, стекнувајќи меѓународно искуство и знаење во полето на одржливата архитектура.

Во рамки на Четвртата Годишна средба на архитекти и архитекти урбанисти, Ноеми ќе се претстави со своето предавање „Одржлива архитектура: од идеја до реалност“, за кое вели:

„Ова предавање има за цел да одговори на нашите визии и соништа за одржливост преку конкретни примери и насоки за реализација. Европските земји таа визија за одржливост ја материјализираа преку Парискиот договор и целта за нет-нула емисии до 2050 година. Ова донесе нови регулативи, финансиски механизми и пазарни трендови, преку кои полека се раѓа нова ера во градежната индустрија — ера што веќе ѝ се приближува и на Македонија.

Предавањето ќе ги прикаже овие големи теории преку конкретни примери на ниво на градби. Како еден закон влијае врз стратегиите на инвеститорите, кои потоа ги обликуваат целите на нивните проекти, што на крај го одредува квалитетот дури и на најситните детали. Целта е да се поттикнат архитектите и урбанистите да гледаат подалеку од формата и да го препознаат поширокиот систем на сили што вистински ја дефинираат архитектурата утре.“

Не заборавајте да се РЕГИСТРИРАТЕ за присуство на настанот.

Испрати коментар

Scroll To Top