Во опкружување на индустрискиот пејзаж Силоси во Белград, студиото Freya Architects проектирале простор кој ја комбинира топлината на домот, духот на заедницата и енергијата на урбаната средина. Инспирирано од мотивот на српските ќилими, ентериерот носи сосема ново искуство на работа и средби.

„Концептот беше да се создаде работен простор кој е исклучително удобен за коворкинг“, објаснува студиото Freya Architects, зборувајќи за проектот Haos Community Space.
Главната инспирација била локацијата – зградата Силос, позната по своите големи мурали кои со текот на времето станаа еден вид симбол на овој дел од градот.

На еден од нив, архитектите го пронашле мотивот на српскиот ќилим и родлучиле да започнат од него. Така, споиле современа работна средина со традиционални елементи на локалната култура, користејќи ги боите од ќилимот – теракота, зелена и беж – како основа за целиот ентериер.
Резултатот е топла, мека и визуелно стимулирачка средина која, наместо корпоративна дистанца, поттикнува креативност и дружење.

Дизајн што создава емотивна врска
Со оглед на тоа што просторот е опкружен со индустриски згради, архитектите сакале самиот влез да предизвика изненадување и насмевка.

„Нашата цел беше да ја појачаме светлината и топлината до максимум и да предизвикаме „wow“ ефект – да активираме допамин и да создадеме емотивна врска со местото“, велат од студиото.
На овој начин, просторот станува магнет што привлекува луѓе и гради заедница – што ја сочинува суштината на секој „coworking“ концепт.

Функционалност до детали
На површина од 660 квадратни метри, ентериерот е организиран во неколку зони: осум затворени канцеларии, „open space“ со фиксни седења, „hot-desk“ зона, затворени и отворени сали за состаноци, „lounge“ простор, кујна со бар, телефонски кабини, ниши за состаноци и дел за релаксација.

Сè е поврзано со кружен ходник што води до ресторанот одделен со стаклени хармоника преграда, која може да се отвори и да се претвори во уникатен простор за конференции или настани.
Материјали, светлина и бои
Топлината на просторот е постигната со комбинација од стаклени прегради, LVT подови, акустични панели и богато зеленило.
Осветлувањето е главно техничко, додека во поудобните простории има кадифени абажури со реси, кои потсетуваат на традиционалните ламби во српските домаќинства.
Токму оваа комбинација од познатото и современото го прави просторот да изгледа опуштен и интимен.

Канцеларија која не личи на канцеларија
„Барањето на клиентот беше едноставно – да сенаправи канцеларија која не личи на канцеларија“, истакнува студиото.
Интензивни бои, природни материјали и многу растенија создаваат атмосфера помеѓу домот и работата. Стаклената фасада овозможува поглед на реката и зеленилото, што ја брише границата помеѓу надворешноста и внатрешноста.
Посебно внимание привлекува муралот со орнаменти на ќилим на главниот ѕид со логото, кој стана препознатлива позадина за подкасти и настани.

Простор што гради заедница
„Горди сме на тоа колку топла атмосфера успеавме да создадеме – луѓето доаѓаат тука не само за да работат, туку и за да изградат заедница“, заклучува студиото Freya Architects.

Така, Haos Community Space станува многу повеќе од место за работа, тоа е ново место за средби на креативци, претприемачи и фриленсери, но и пример за тоа како дизајнот може да ја промени енергијата на целата област. 
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија