Насловна / Вести / Ќе се реконструира скопската железничка станица

Ќе се реконструира скопската железничка станица

Почнува проект за реконструкција на Железничката станица во Скопје, ремонт на пругата Зелениково- Велес, како и проект за санација на неколку свлечишта на мостот на Црна Река.

Проектот за реконструкција на станицата ќе се работи една година, по што ќе следува обезбедување на средства и почеток на градежни работи, финансирањето ќе биде или со државниот Буџет, или со заем од класичните заемодаватели, но не е исклучена можноста да влезе во стратешката партнерство со Велика Британија, најави директорот на ЈП Македонски железници Инфраструктура, Синиша Ивановски. Нарачател на проектот станица е ЈП „Македонски Железници – Инфраструктура“.

Проектот за реконструкција ќе го зачува основниот изглед и ќе бидат вметнати нови модерни содржини.

Според директорот Синиша Ивановски, дополнително во соработка со факултетите ќе се работи и на неколку други проекти.

„Ќе се работи на проектирање за санација нa мост на Црна река, кој е во крајна сериознa состојба, еднаш се сруши во 2020 години што значи застој за железничкиот сообраќај. Потоа проект за санација на неколку свлечишта низ државата кои се проблем за железничкиот сообраќај, проектирање за ремонт на пругата Зелениково-Велес за што има огромен број на критики за бавно возење меѓу 10, 20 и 30 км на час и започнување на проектирање за целосна реконструкција на Железничката станица Скопје“, рече Ивановски и додаде: „Реконструкцијата ќе треба да обезбеди непречено функционирање во следните децении. Целосно реконструирана железничка станица, пругата до аеродромот и во исто време брзата железничка пруга на Коридор 10, е добро да се случат во исто време“.

Деканката на Архитектонски факултет, Анета Христова – Поповска, истакна дека претстои многу работа, а прво ќе се направи документирање и анализа на оригиналната документација, а ќе бидат ангажирани и експерти од надвор.

„Транспортниот центар е овој џин кој со години атрофира и станува дисфункционален и не ја исполнува својата задача. Со сите зафати и реконструкции што ќе ги предложиме, а кои ќе се однесуваат на оригиналната состојба на објектот, со сета почит кон големиот проектант Кензо Танге, ќе придонесат за надградба на одредени содржини кои овој објект ќе го направат социјален хаб, ќе преставува додадена вредност за она што претставуваат железничките станици. Тој приклучок со брзата железница е извонредна работа, тоа го очекуваме со години и им го должиме на генерациите по нас“. изјави  Христова – Поповска.

Според деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски треба да се направи целосна реконструкција и рехабилитација со елементи од железницата каде се јавуваат проблеми, санирaње на мостовските контрукции, на свлечиштата, потпoрните ѕидови итн.

„Со овој проект ќе ги обезбедиме сите услови и стандарди кои важат во западноевропските држави. Учеството на Градежниот факултет е залог и гарант за квалитетот на извршените работи”, истакна Јосифовски.

Планот е реконструкцијата на станицата да биде пуштена во употреба заедно со брзата пруга и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје.

Испрати коментар

Scroll To Top