Насловна / Вести / Најнови извештаи: Шумите ширум светот се во очајна состојба

Најнови извештаи: Шумите ширум светот се во очајна состојба

Глобалното здравје на шумите падна на „жалосни“ нивоа и сега претставува директна закана за благосостојбата на човештвото, покажа новиот извештај на организацијата „Climate Focus“.

„Додека финансиските институции продолжуваат да инвестираат во индустрии што ги уништуваат шумите, напорите за нивна заштита се сериозно поткопани“, се наведува во документот, според „Гардијан“.

Од 2021 година, кога светските лидери ветија дека ќе го запрат уништувањето на шумите, загубата всушност „се зголеми“.

Во текот на минатата година изчезнаа повеќе од осум милиони хектари шума, површина што е половина од големината на Англија, и повеќе отколку во времето на самитот COP26 во Глазгов, кога беше поставена целта за нулта дефорестација до 2030 година.

Според најновиот документ, „Проценка на декларацијата за шумите“, светот заостанува 63 отсто во однос на постигнувањето на таа цел. „Јазот помеѓу ветувањата и реалноста се продлабочува секоја година, со катастрофални последици за климата, економијата и животот на луѓето. Шумите се основна инфраструктура на планетата. Ако не ги заштитиме, ќе го загрозиме сопствениот опстанок“, рече водечката авторка на извештајот, Ерин Матсон.

Во извештајот, исто така е наведено дека индустриите одговорни за 85 отсто дефорестација, првенствено сточарството, монокултурите и сечата на шумите, добиваат околу 409 милијарди долари субвенции секоја година, 70 пати повеќе од глобалниот износ што се вложува во зачувувањето на шумите.

Во исто време, пожарите во Амазон минатата година ослободија седум пати повеќе јаглерод диоксид отколку во претходните две години.

Дополнителен проблем, според „Global Witness“, е што банките од 2015 година заработиле 26 милијарди долари со финансирање на компании вклучени во уништувањето на шумите. Меѓу нив водечки се американските финансиски институции како што се „Vanguard“, „JPMorgan Chase“ и „BlackRock“.

„Додека профитот од уништувањето на шумите е поголем од користа п од нивната заштита, светот нема да ги исполни своите цели“, предупреди Александра Рид од „Global Witness“.

Надежта е насочена кон самитот COP30, кој ќе се одржи во бразилскиот град Белем следниот месец. Бразил планира да претстави нов Фонд за тропски шуми засекогаш (TFFF), вреден 125 милијарди долари, кој би ги наградувал земјите за зачувување на постојните шуми.

„Вкупните бројки се обесхрабрувачки, но иднината на шумите не мора да биде. Ако COP30 ги исполни своите ветувања, следната година би можеле да зборуваме за пресвртница, за вистински напредок“, рече Матсон.

Испрати коментар

Scroll To Top