Градскиот совет на Милано ја одобри продажбата на култниот стадион Сан Сиро, по назначувањето на британското студио Foster + Partners како архитект на потенцијална замена со 71.500 седишта. Доколку продажбата се реализира, зградата стара 99 години би можела да биде срушена, и покрај тоа што претходните планови за нејзино рушење беа блокирани во 2023 година поради нејзиното културно значење.
Сан Сиро ќе го купи Интер и АК Милан, два прославени италијански фудбалски клуба кои моментално го делат објектот чие официјално име од 1980 година е Стадион Џузепе Меаца. Клубовите неодамна објавија дека соработуваат со фирмата на Норман Фостер и американското архитектонско студио Manica на проектирање на заменски објект.

Последното реновирање за Светското првенство во 1990 година
Сан Сиро е изграден во 1925 година според проектот на архитектот Ulisse Stacchini и неколку пати е модифициран во текот на своето постоење. Сепак, не е реновиран од Светското првенство во 1990 година. Се очекува заменскиот стадион да биде завршен на време за Европското првенство во 2032 година, кое ќе го организираат Италија и Турција.
Според спортската медиумска компанија ESPN, ова е затоа што во сегашната состојба Сан Сиро „не се смета за доволно модерен за да биде одобрен од УЕФА за домаќин на турнирски натпревари“.
Судбината на Сан Сиро е неизвесна од 2019 година. Како што пишувавме постоеа планови да се замени со стадион наречен „Катедрала“, кој би бил проектиран од студиото Populous, но во 2023 година беа стопирани од Регионалната комисија за културно наследство на Ломбардија поради културното значење на оригиналниот стадион.
Меѓутоа, продажбата на Сан Сиро сега е одобрена по дебата цела ноќ, која, според Би-Би-Си, траела речиси 12 часа. „Ројтерс“ објави дека градоначалникот Џузепе Сала се согласил со продажбата откако двата клуба почнале да разгледуваат планови за изградба на два одделни стадиони на периферијата на Милано, „оставајќи му го на градот товарот на напуштена арена“.

проектот на Populous
Заменскиот објект ќе биде „архитектонски споменик“
Проектот за заменска градба на Foster + Partners и Manica сè уште не е откриен, но ФК Интер и АК Милан објавија заедничка изјава во која се вели дека новиот стадион ќе ги исполнува „највисоките стандарди за иновации, удобност и одржливост, а воедно ќе се издвојува и како архитектонски споменик“.
„Новиот објект, дел од проектот за урбана регенерација што опфаќа приближно 281.000 квадратни метри и е фокусиран на иновации и одржливост, ќе има капацитет од 71.500 места и ќе понуди ненадмашна атмосфера“, се вели во соопштението и додава: „Ќе има две пространи нивоа со наклон проектиран да обезбеди оптимална видливост од секој дел. Исто така, ќе ги исполнува највисоките стандарди за пристапност, обезбедувајќи посебно искуство за сите навивачи и нудејќи делови со прифатливи цени“.

Доколку Сан Сиро се сруши, официјалната продажба мора да биде завршена пред 10 ноември. Овој датум одбележува 70 години од завршувањето на препознатливото второ ниво од страна на инженерите Armando Ronca и Ferruccio Calzola, што значи дека ќе добие историско значење – заштитен статус што се дава на зградите во јавна сопственост, што го спречува нивното уништување.
Иако првото ниво датира од 1925 година, надлежните органи за заштита на културното наследство не го сметале овој дел од структурата вреден за зачувување кога стадионот „Џузепе Меаца“ наполни 70 години, според списанието Domus.
Да потсетиме, Foster + Partners моментално го проектираат новиот стадион на ФК Манчестер Јунајтед со 100.000 места, кој основачот на студиото Норман Фостер го опиша како „еден од највозбудливите проекти во светот“.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија