Насловна / Архитектура / Куќа во Канада добитник на Architizer A+ за луксуз што не вреска, туку дише

Куќа во Канада добитник на Architizer A+ за луксуз што не вреска, туку дише

Во Мисисога, град во Канади во покраината Онтарио, длабоко на парцела долга речиси 180 метри, скриена зад дрворед и веднаш на работ на клисура над потокот Лорнвуд, стои куќа на која добила втора шанса – и заслужено светско признание…

Проектот Ravine House на бирото од Торонто, Orangeink Design, ја освои титулата победник на жирито на Architizer A+ Awards 2025 во категоријата Residential Renovation & Addition. Наградата го слави она што оваа трансформација најдобро го покажува: дека вистинскиот луксуз започнува со светлина, простор и почит кон местото.

Некогашен бунгалов од шеесеттите години, со ниски тавани и затворени соби, бил во се сосема спротивен од денешниот амбиент. Почитувајќи ги „добрите коски“ на куќата, тимот го отстранил постоечкиот покрив и вовел варијации во висината на таваните за да се овозможи дневната светлина да тече низ просторот. Ѕидовите што ги одделувале кујната, трпезаријата и дневната соба се отворени за да се создаде флуиден, отворен простор за живеење, а каминот е преместен за да стане визуелна точка на собирање.

Во центарот на новото искуство на домување е жив зелен ѕид од приближно 13 квадратни метри со рибник со слатка вода, врамен со нови скали порамнети со влезот. Овој биофилен гест не е само декор – тој ја продлабочува врската на куќата со пејзажот и го зголемува квалитетот на престојот: мир, свежина, нежни звуци на водата и постојано присуство на природата.

Поради строгата заштита на клисурата и брегот, основата на куќата не било дозволено да се прошири од три страни. Orangeink одговориле со паметни „засеци“ и џебови на екстериерот во рамки на постоечката обвивка: поранешниот внатрешен базен претворен е во четирисезонска покриена тераса што се надвива на над шумското тло; главната спална соба добила приватен балкон скриен во „негативниот агол“; над главното крило, изникнала кровна тераса  како луксузна куќа на дрво – место за утринско кафе над крошни и вечерни зајдисонца.

Сместена на околу 76 метри од улицата, куќата балансира интровертност со повик за заедништво. Напред, издигната дрвена пасарела и двор од рециклирана тула создаваат социјална сцена заштитена од „лента“ од лебдечк кров. Позади, стаклените отвори го кадрираат пејзажот на клисурата, така што секојдневниот неприметно се прелева надвор. Резултатот е дом кој е и приватен и отворен, вкоренет во парцелата, но лесен во доживувањето.

Топлите тонови на дрвото, тактилните површини и јасноста на линиите создаваат тивок луксуз: кујната и трпезаријата работат во тандем со дневната соба, додека долното ниво е претворено во голема „great room“ зона со фитнес – совршена за долги викенди и дружења. Чувството на редизајнирана патека низ куќата води од урбаниот ритам кон ритамот на природата: од влезот, преку водена и растителна сценографија, до хоризонтот на шумата.

Зошто жирито рече да? Ravine House спојува мерка и смелост: го почитува постојното, суверено го воведува новото и, можеби најважно, го чита теренот. Во време кога луксузот често се мери со квадратурата на доградбата, оваа куќа покажува дека понекогаш е посилно – и поубаво – да не се додава, туку да се преобликува. Затоа и заслужи Architizer A+: тоа е луксуз што не вреска, туку дише.

Испрати коментар

Scroll To Top