На прв поглед, новиот проект на холандското архитектонско биро MVRDV лесно може да се помеша со група природно формирани карпи. Сепак, зад скулптуралниот изглед лежи внимателно проекирана серија туристички објекти кои хармонично ќе се вклопат во пејзажот на брегот Jialeshui на Тајван.

Проектот со симболично име „Nature Rocks!” се реализира во соработка со архитектонското биро HWC Architects. Локацијата е избрана поради специфичните геолошки формации кои со векови ги обликувале ветерот и водата, а кои ја прават оваа област една од најпосетуваните туристички дестинации на Тајван.

Склоп на карпи и архитектура
Визуелизациите прикажуваат серија градби обликувани како карпи, расфрлани низ целиот парк. На влезот се планирани инфо центар, кафетерија и продавница за сувенири, додека други објекти ќе бидат наменети за изложбени простори и едукација за екологија. Помала структура ќе биде резервирана за јавни тоалети, а некои згради ќе имаат и кровни површини достапни за посетителите.

Посебно внимание се посветува на одржливоста: постојните пукнатини во природниот терен ќе се користат како дренажни канали и места за раст на вегетација, додека самите објекти со текот на времето ќе бидат покриени со мов и мали растенија, кои уште повеќе ќе се вклопат во околината.
Неколку дотраени градби на локацијата ќе бидат срушени, а нивниот бетон ќе се рециклира и повторно ќе се користи во изградбата на новите структури.

Инспирација во слоевите на брегот
MVRDV наведува дека проектот е инспириран од слоевитите форми на брегот. Наместо праволинискиот пат што моментално води низ паркот, планирана е мрежа од рекреативни патеки обликувани како испукан, карпест пејзаж, кој симболично ќе ја поврзе шумата и морскиот брег.
Скулптуралните волумени ќе дефинираат зони на движење и јавни активности, додека одредени делови ќе бидат извлечени во форма на градби што личат на природните карпи во околината.

Архитектура инспирирана од геологијата
„Nature Rocks!” победи на архитектонски конкурс и се вклопува во низата дела инспирирани од геологија што MVRDV ги реализирале во претходните години, меѓу кои се издвојуваат SAMIH, Canyon и Valley.
Сè уште не е познато кога би требало да биде завршена изградбата.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија