Насловна / Вести / „Кај нас е катастрофален земјотрес, итно испратете санитетски екипи“

„Кај нас е катастрофален земјотрес, итно испратете санитетски екипи“

„Кај нас е катастрофален земјотрес, итно испратете санитетски екипи.“ Ова била првата порака испратена од разрушеното Скопје еден час и 23 минути по земјотресот во 5:17 часот, а како резултат на нарушената инфраструктура и прекинатите комуникациски врски.  Околу 7 часот Радио Приштина ја објавило веста, која веќе околу 8 часот била пренесена и од дел од светските медиуми, додека Радио Скопје било во можност да го продолжи емитувањето на својата програма дури во 9 часот и 30 минути.

75,5 ОТСТО ОД НАСЕЛЕНИЕТО ОСТАНАЛО БЕЗ ДОМ

Според расположливите информации околу 200.000 лица или 75,5 отсто од населението останало без дом, 80,7 отсто од вкупната изградена површина вклучително со 75,1 отсто од станбената површина или 67,4 отсто од станбените единици биле или срушени или тешко оштетени вклучително со осум основни и 11 средни училишта, 32 спортски објекти, девет поликлиники, три амбуланти и аптеки, 12 објекти за социјално згрижување и градинки итн.

Шатори за сместување на 25.000 лица биле обезбедени во текот на првите 24 часа, а од 40.000 илјади семејства сместени во шатори во текот на август и септември 1963 година само уште 104 живееле во шатори на 1 јануари 1964 година. По завршувањето на активностите за пребарувања и спасување, и сместувањето во шатори, сите оние кои не биле вклучени во почетните напори за обнова на градот, над 140.000 лица вклучително со мајките со деца помали од 18 години и лицата над 60-годишна возраст биле евакуирани за период од три до девет месеци. Како резултат на ова 60.000 лица, работоспособно население, останале за да се вклучат во обновата.

Проценките за состојбата на станбениот фонд по земјотресот укажале на 15.800 срушени и 28.000 оштетени станбени единици. Врз основа на расположливите информации власта одлучила дека 50.000 лица треба да се вратат да живеат во нивните оштетени домови по поправките додека 70.000 лица ќе треба да се сместат во новоизградени станбени објекти.  За исполнување на зацртаното биле ангажирани 150 градежни фирми со над 25.000 вработени како резултат на што биле изградени 14.095 нови и биле поправени 16.000 постоечки станбени единици.

Според Обединетите нации, првата проценка за нивото на оштетување и употребливост на постојните станбени објекти, разбирливо, била направена и бргу и делумно арбитрарно. Како резултат, половина од 88,60 отсто од станбените единици лоцирани во објекти кои не биле срушени, биле обележени со црвени линии за рушење. Скоро сите преостанати станбени објекти биле обележени со жолти линии, според кои оштетената носива конструкција може да се поправи. Многу малку од објектите биле обележени со зелени линии што укажувале на минимално ниво на оштетување. По искажаните критики за оваа прва, исклучително строга, категоризација на објектите, подоцна била спроведена подетална проценка според која во април 1964 година била извршена рекласификација на нивото на ошететеност и употребливост на објектите, по која дел од објектите од црвена преминале во жолта, како и од жолта во зелена категорија.

Ваквите одлуки делумно се препишуваат и на загриженоста за економските и социјалните последици од намалување на расположливиот станбен фонд, особено со оглед на големите инвестиции на Југославија во развојот на индустриските капацитети во Македонија од коишто најголемиот број биле сконцентрирани во Скопје. Така во шестгодишниот период до 1962 година, 170 милијарди динари биле инвестирани во изградбата на нови индустриски капацитети во Скопје и во околината, што довело до 40- процентно зголемување на идустриското производство во градот, со што постојната индустрија во Скопје придонесувала со 45 отсто во вкупното производство на Македонија.  Оттука Сојузната влада сакала да ги заштити инвестираните средства и да го задржи стручниот кадар донесен надвор од градот и пошироко за потребите на индустријата и стопанството.

ЛОКАЛНИТЕ ГРАДЕЖНИЦИ НЕМАЛЕ ПРЕТХОДНО ИСКУСТВО ЗА САНАЦИЈА НА ОБЈЕКТИ ОШТЕТЕНИ ОД ЗЕМЈОТРЕС

Оттука реактивирањето на индустриското производство и сместување на работниците се јавиле како клучни приоритети на властите.  Резултатите од овие определби за релативно кусо време ги дале бараните резултати со оглед дека веќе до октомври 1963 година било достигнато ниво на производство од 80 отсто во однос на она што било пред земјотресот.  Исто така за да се справат со ограничените сместувачки капацитети, фокусот бил насочен кон поправка на секоја станбена единица што може да се поправи, без оглед на тоа дали истата може да стане отпорна на земјотреси или не. Се чини дека мотивацијата да се исполнат иницијалните два приоритети била поголема од евентуалниот ризик од нова голема катастрофа, потенцијалните влијанија или последици по просторните и урбанистичките планови, или пак дали поправениот објект подоцна ќе треба да се сруши за да се усогласи со плановите.

Ова довело до релативно контроверзна ситуација. Од една страна потребата појдовно само да се потпрат и закрпат објектите, но не секогаш и со малку поголеми вложени средства и да се зајакнат, очигледно претставувала потенцијално неефикасна примена на 30.000 илјади работници ангажирани во оваа активност.  Според Обединетите нации, дел од проблемот бил поврзан со разликите во квалитетот на градежните материјали користени за санација на објектите, во кои случаи и за оние што соодветно биле поправени и зајакнати не се знаело колку добро би можеле да ги издржат идните земјотреси. Дополнително, локалните градежници немале претходно искуство за санација на објекти оштетени од земјотреси.

ИЗВЕШТАЈОТ НА ГРАДЕЖНИОТ ИНЖЕНЕР Т. ВИТЛИ МОРАН

За итно да се надминат овие проблеми биле побарани совети што вклучувале стручни студиски престои во странство за проучување на стандардизацијата на материјалите, биле ангажирани консултанти за изработка на прописи за изградба на објекти отпорни на земјотреси (првите југословенски Привремени технички прописи за изградба во сеизмички региони биле донесени во 1964 година), и била побарана помош од меѓународни експерти со искуство во доменот на големи санации на објекти стекнати во текот и по завршувањето на Втората светска војна. Последново резултирало во ангажманот на овластениот цивилен и градежен инженер Т. Витли Моран од британската фирма Моран и Лонг од Ливерпул, кој се стекнал со експертиза преку поправки на оштетените објекти за време на бомбардирањата при Битката за Британија во Втората светска војна.

Според Обединетите нации неговиот извештај бил презентиран во јули 1964 година со следните заклучоци:

  • Просечно потребна е една недела за да се санира една куќа за едно семејство обележана со зелено или со жолто. Имало 6.000 вакви објекти.
  • Просечно потребни се шест недели за да се санира станбена зграда која е обележана со зелено или со жолто и во која има околу 40 семејства. Имало 315 вакви објекти.
  • Најмалку шест пати е попродуктивно да се санираат станбените згради, отколку индивидуалните куќи од аспект на обнова за итно потребните станбени единици.
  • Индивидуалните куќи не можат да се санираат за да бидат целосно отпорни на земјотреси.
  • Помеѓу 5 до 10 отсто од станбените згради со армиранобетонска рамовска конструкција може економично да се санираат за да станат трајно отпорни на земјотреси.
  • Дури и преостанатите станбени згради со мешовит конструктивен систем може економично делумно да се зајакнат, но не до степен да бидат отпорни на многу силни земјотреси. Преку еден ваков пристап нивниот корисен животен век би се продолжил за период од 25 до 30 години кога тие треба да бидат заменети со нови објекти отпорни на земјотреси и изградени според прописите за изградба на објекти отпорни на земјотреси.

Врз основа на спроведеното истражување инженерот Моран предложил дека санацијата треба да се фокусира на 250 станбени згради (со повеќе станови во секоја) коишто се највредни за санација и за коишто најмалку се смета дека да ќе ги нарушат урбанистичките планови во подготовка.  Исто така, според неговите препораки требало да бидат опфатени и приближно толкав број од административни, јавни, индустриски, образовни и историски објекти. Тој појаснил дека нема научно утврдена метода за зајакнување на веќе оштетени објекти и дека одлуките треба да се донесат врз основа на солидна теоретска метода, со оглед дека нема можност модели од сите објекти за кои станува збор да се тестираат во лабораторија. Оттука тој предложил четири методи за зајакнување на оштетените постојни објекти, но и искажал одредени резерви за некои од пристапите коишто веќе се применувале, нешто што веројатно било и треба да биде тема на истражувања помеѓу градежните инженери и инженерите за земјотресно инженерство.

ИЗГРАДЕНИ СЕ 14.095 НОВИ И ПОПРАВЕНИ СЕ 16.000 ПОСТОЕЧКИ СТАНБЕНИ ЕДИНИЦИ

Расположливите информации укажуваат дека во периодот по земјотресот биле изградени 14.095 нови и биле поправени 16.000 постоечки станбени единици.  Најголемиот број од новоизградените, главно монтажни станбени објекти биле изградени во период од осум месеци по земјотресот, значи некаде до крајот на март 1964 година. Од податоците е очигледно дека скоро 2.000 повеќе станбени единици биле поправени отколку што биле изградени и се вели дека најголемиот број на постојни објекти биле поправени во периодот од 1963 до 1964, а дека дел од нив биле дополнително зајакнати според најновите сознанија од 1964 до 1965 година.

Со оглед дека извештајот на инженерот Моран бил презентиран во јули 1964 година, веројатно добар дел од станбените објекти веќе биле санирани според некои други методологии, а само помал дел од нив, околу 250 објекти требало да бидат санирани според методологиите предложени од него. Оттука може да се постават повеќе прашања:

  • Кои станбени и нестанбени објекти се санирани според методологиите предложени од инженерот Моран?
  • Кои се тие 5 до 10 отсто оштетени објекти со армиранобетонска рамовска конструкција коишто биле санирани за да бидат трајно отпорни на земјотреси, а уште поважно, кои се оние 90 до 95 проценти кои не се?
  • Кои се оние објекти со мешовита носива конструкција на коишто животниот век им бил продолжен за 25 до 30 години, по што се очекувало тие да бидат заменети со нови, отпорни на земјотреси, нешто што требало веќе да се случи некаде помеѓу 1988 и 1993 година?

На 26 јули 2022 година одбележувањето на 59-годишнината од земјотресот во Скопје беше организирана под темата „Скопје се сеќава“.  За очекување е дека оваа година имаше и лични и колективни сеќавања за она што се случи пред 62 години, но како годините изминуваат сеќавањата со време ќе избледат, особено кај оние кои директно биле вклучени во процесот на обновата по земјотресот.  Оттука, исклучително е важно Скопје навистина да се сеќава на своето минато и тоа на институцијално ниво, со оглед дека секој новоизграден или поправен објект најчесто има поголем животен век од оној на неговите корисници. Според југословенските прописи просечно очекуваниот животен век на објекти со масивна носива конструкција беше 100 години, а за оние со армиранобетонска конструкција 80 години. Значи објектите изградени во периодот помеѓу 1925 и 1945 година веќе се приближуваат кон крајот на својот очекуван животен век, а за оние изградени по земјотресот, во најголемиот дел со армиранобетонска конструкција, истите веќе се навлезени во последните две децении.

ПОСТОЈНИТЕ ОБЈЕКТИ СЕ НАДГРАДИЈА

Во меѓувреме, беше дозволено постојните објекти да се надградат, дел од објектите и становите се предмет на реконструкција и пренамена каде што ѕидовите од зајакната масивна градба со армиранобетонски платна се отстрануваат за да се добијат отворени простори, ѕидовите од тула се менуваат со оние од гипскартонски плочи, подната конструкција се заменува со плочи поставени над постојните ситноребрести, фасадите дополнително се оптоваруваат и украсуваат итн. Потенцијално најзагрижувачки се внатрешните реконструкции на становите коишто не секогаш се предмет на стекнување со градежни дозволи, а коишто градежни интервенции може да имаат и негативни влијанија на конструкцијата и стабилноста на објектот.  Вообичано се вели дака ланецот е толку силен колку што е и најслабата алка во него.  Дополнително, колку од постојните објекти се предмет на редовни градежни инспекции на конструктивниот систем пропишани според југословенските прописи кога биле изградени објектите?

Од една страна сите овие активности веројатно не мора да ја нарушуваат конструкцијата и стабилноста на објектот, но пожелно е куќните совети, управителите и сопствениците на објектите и станарите да бидат запознаени со градежната историја на објектот во којшто живеат или го управуваат за да можат да ги носат своите одлуки врз основа на најдобро расположливите достапни информации за зачувување и унапредување на стабилноста и отпорноста на објектите при идните земјотреси. Дополнително, но за жал при разубавувањето на објектите во централното градско подрачје и при енергетската санација на постојните фасади преку поставување на надворешна термичка изолација најчесто се пропушта можноста постојните објекти дополнително да се зајакнат за заштита од идните земјотреси.

На денот на сеќавањата на Скопје и земјотресот треба да се потсетиме на сите оние коишто го изгубија својот живот или останаа со трајни последици, на нивните најблиски, роднини и пријатели, на безимените и познатите учесници во спасувањето, помошта и обновата на градот, но со преземање на обврска институционално да ја сочуваме и да ја споделиме градежната историја на објектите, не само во градот туку и во Републиката за да обезбедиме посигурен и поотпорен на земјотреси градежен фонд како за сегашните, така и за идните генерации.

Напомена: При изработката на трудот користени се материјали од Јаневски (1970), Обединетите нации (1970), Дејвис (1975), Вернеј (1979), Лагорио (1990), Јордановски (1993), Јуруковкси и Гавриловиќ (1994), Александар (1995), и Милутиновиќ и др. (1995).  При ова треба да се има предвид дека дел од прикажаните податоци може и да се разликуваат во зависност од изворот.

Испрати коментар

Scroll To Top