Насловна / Архитектура / Тадао Андо го проектирал Националниот музеј на Узбекистан во Ташкент

Тадао Андо го проектирал Националниот музеј на Узбекистан во Ташкент

Церемонијата по повод поставувањето камен-темелник на Националниот музеј на Узбекистан се одржа на 27 август 2025 година во Ташкент, со што се одбележа почетокот на првиот голем проект на Тадао Андо во Централна Азија.

Новата институција, која е планирано да се отвори во март 2028 година, проектирана е да стане водечка културна знаменитост во земјата, замислена и како граѓански центар и како порта што го поврзува наследството на земјата со глобалната уметничка размена.

Премиерно претставен на Узбекистанскиот павилјон на Експо 2025 во Осака, проектот на Андо ја интегрира неговата препознатлива употреба на јасни геометриски волумени со просторни референци на узбекистанските архитектонски традиции. Зградата од 40.038 квадратни метри се одвива како композиција од три чисти форми; круг, квадрат и триаголник, а дизајнот на изложбата е креиран од германското студио Atelier Brückner.

„Градејќи со овие чисти форми, сакав да се вратам на изворите на мислата и да создадам простор од каде би можеле да се испратат во светот моќни идеи“, вели Тадао Андо и додава: „Се надевам дека Музејот ќе служи како нов центар за креативно изразување насочено кон светот.“

Дом за повеќе од 100.000 уметнички дела во Ташкент

Сместен во срцето на Ташкент, помеѓу медресата Абулкасим, палатата на уметноста Истиклол и споменикот на Алишер Навои, Националниот музеј на Узбекистан се позиционира во дијалог со историското ткиво на градот и неговите аспирации за културна обнова. Проектот, нарачан од Фондацијата за развој на уметноста и културата на Узбекистан (ACDF), ја нагласува амбицијата на нацијата да ја постави уметноста и културата во сржта на својот иден идентитет.

Комплексот, проектиран од јапонскиот архитект ќе има над 8.500 квадратни метри постојани и привремени изложбени сали, заедно со јавна библиотека, предавални, простории за образовние, лаборатории за конзервација и мултифункционален аудиториум. Терасата на кровот и зелената зона ја прошируваат улогата на музејот во јавниот живот, додека погодностите како што се книжарница и кафуле ги покануваат посетителите да се задржат.

Самата колекција, една од најголемите во Централна Азија, брои повеќе од 100.000 дела. Досега, само мал дел, околу два отсто, можел да биде изложен истовремено. Новата зграда го решава ова ограничување, обезбедувајќи простор и за монументални инсталации и за ротирачки изложби. Посетителите ќе се сретнат со дела што ги опфаќаат разновидните традиции на Узбекистан, како и со дела од Источна Азија, Индија и Европа, од кои многу досега не се видени.

„Националниот музеј на Узбекистан го одразува нашиот обновен културен потенцијал и служи како живописен израз на благородните аспирации на нашата земја да создаде креативни простори што инспирираат, обединуваат и претставуваат пример за идните генерации. Тој ќе стои како величествен симбол на Новиот Узбекистан, претставувајќи го неговото богато наследство и отвореноста кон светот“, забележува претседателот на Република Узбекистан, Шавкат Мирзиоев.

Испрати коментар

Scroll To Top