Luštica Bay е сместена на истоимениот полуостров во Црна Гора – едно од најволшебните и културно најбогатите подрачја. Вгнезден помеѓу Бока Которска од едната страна и пространите сафирни води на Јадранското Море од другата страна, полуостровот Луштица е место со бескрајна убавина.

На плоштадот Centrale Piazza во Luštica Bay се наоѓа Бутик хотелот Централе, проект на бирото NRA Atelier од Подгорица, кој низ зачувување и адаптација на постојната армирано-бетонска конструкција, го реинтерпретира духот на поранешната воена работилница и кантина. Архитектонскиот концепт се темели на идејата за трансформирање на индустрискиот идентитет на просторот во современа форма, со додавање нови содржини и функции што одговараат на стандардите на хотел со пет ѕвезди.

Проектиран во духот на градскит бутик концепт, објектот од над 3.200 квадратни метри е обликуван со цел да „реинтерпретира genius loci преку современ архитектонски израз, воспоставувајќи нова функција во единствена просторна и естетска синтеза“. – велат архитектите.

Како што објаснуваат архитектите од Подгорица, Бутик Хотел Централе е изграден на местото на поранешна воена работилница и кантина, а постоечкиот контекст послужил како инспирација за архитектонскиот концепт, кој се темели на зачувување и адаптација на постоечката армирано-бетонска конструкција.

„Оригиналните столбови, меѓукатните плочи и темелите беа дополнително зајакнати и интегрирани во новата градба со цел да се задоволат современите градежни стандарди, со надградба на еден кат, што овозможи проширување на капацитетот без нарушување на компактноста на волуменот“, велат од NRA.

Реинтерпретација на индустрискиот идентитет
Формата на објектот произлегува од постојната конструкција – две волуметриски чисти маси со двоводни кровови, реинтерпретирани преку современа надградба. Зачуваниот бетонски скелет – столбови и греди – е нагласен како фундаментален елемент на идентитетот на зградатавелат архитектите.

Помеѓу нив, додаваат тие, стаклените површини со изразени поделби го евоцираат духот на индустриската архитектура, без оглед на специфичната намена. Доминантната вертикала, воведена на барање на инвеститорот, ги обединува двете структури и функционира како просторен репер. Во неа се сместени вертикалните комуникации, додека нејзината форма дополнително го нагласува индустрискиот карактер на објектот.

„Анексот, со зелен кров, делува како продолжение на природниот терен. Неговата дискретна позиција овозможува визуелна ненаметливост, додека отворите на собите гледаат кон шумата, нудејќи мир и приватност“, велат од архитектонскиот тим.
Екстериерот го карактеризира силикатен малтер, антрацитна браварија и камен, со што се постигнува естетска едноставност и се нагласуваат пропорциите на објектот.

Објектот се состои од реконструиран главен волумен и внимателно позициониран анекс. Главниот дел опфаќа четири нивоа – подрум, приземје, прв кат и поткровје – додека анексот со приземна катност е дискретно интегриран во теренот и речиси невидлив од главниот плоштад.

Приземјето содржи рецепција, ресторан, бар, кујна, спа-зона и четири сместувачки единици. Во подрумот има технички простории, менза за персоналот, главна кујна и магацини. Горните нивоа нудат 24 соби и апартмани, додека анексот додава уште четири единици со поглед на боровата шума.
NRA Atelier соработувале со германскиот дизајнер Simon Drotter на обликување на ентериерот.

Ентериерот следи двоен пристап: јавните зони го задржуваат својот сиров карактер со изложен бетон, додека подовите се комбинација од теракота и паркет.
Сместувачките единици нудат топлина преку дрвени подови и внимателно одбрани завршни обработки. Мебелот е делумно изработен по мерка, а делумно собран од стари европски хангари – првенствено од Унгарија и Франција, што внесува автентичност и создава чувство на дом, додека рачно изработените браварски елементи дополнително го зајакнуваат индустрискиот идентитет на ентериерот.

Одржливост како културен и просторен став
Како што истакнуваат авторите, еден од клучните елементи на проектот е реконструкцијата на постојната зграда, што значително влијаело врз намалувањето на емисиите на јаглерод диоксид и избегнувањето на непотребното трошење на ресурси. Таквиот пристап, велат тие, не само што ја потврдил одговорноста кон животната средина, туку и ја афирмирал одржливоста како културен и просторен став.

„Веруваме дека иднината на архитектурата лежи токму во зачувувањето на вредните објекти или делови од објекти, нивното прилагодување и надградба во согласност со современите потреби и технологии, со длабоко почитување на просторот, историјата и човекот“, наведуваат од NRA Atelier.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија