Насловна / Архитектура / Canaves Hotel – архитектонски манифест на суштината на Санторинини

Canaves Hotel – архитектонски манифест на суштината на Санторинини

Гледајќи кон југ кон вулканскиот архипелаг и длабокото синило на Егејското Море, Canaves Hotel, овој бутик хотел од 2025 година не претендира да доминира во пејзажот – наместо тоа, внимателно го слуша, се прилагодува на неговите силуети и речиси незабележливо се запишува во традиционалната структура на селото.

Проектирана од грчкото биро Kapsimalis Architects  како композиција од бели кубистички волумени, архитектурата на хотелот не го негира минатото – напротив, го реинтерпретира со тивка самодоверба. Дел од комплексот се состои од реконструирана пештерска куќа, зачувана во својата оригинална форма, додека остатокот од парцелата е исполнет со новоизграден сегмент со пет хотелски единици. Тие се распоредени во низа, каскадно и со благи ротации, во совршена хармонија со природниот наклон на теренот и линиите на соседните згради.

Влезот во секоја соба води од западната или северната страна, од тесни пешачки премини, преку две главни надворешни скали што ги поврзуваат различните нивоа. Четири единици на приземјето имаат свои приватни дворни зони со лежалки и базени, додека петтата соба е поделена на две нивоа на кат, со дополнителни тераси и делумно покриен базен.

Секоја единица е внимателно ориентирана, со цел максимално да се искористи панорамата и микроклиматските предности на локацијата, додека отворите на фасадите се проектирани како прецизни геометриски засеци што ги бришат границите на внатрешниот и надворешниот простор.

Архитектонската композиција делува како ритмичка игра на сенки и светлина – ѕидовите се протегаат вертикално помеѓу дворовите, разделувајќи ги без да го нарушат чувството на отвореност. Понекои зелени акценти, дискретно распоредени, го освежуваат просторот и дополнително ја нагласуваат неговата поврзаност со природата.

Ентериерот е подеднакво осмислен: мазни ѕидови во нежни бели тонови, темно сиви мермерни подови, парчиња мебел изработени од локален цементен малтер, елементи од патиниран метал, темно обработен даб, како и внимателно одбрани детали – огледала, ткаенини со различни текстури, керамика, рачно изработено осветлување изработено од опал стакло и мермер – сето ова заедно гради суптилен јазик на луксуз кој не го крева тонот, но остава силен впечаток.

Екстериерот го следи истиот сензибилитет – подовите беспрекорно продолжуваат од внатрешните простори, ѕидовите се во топла нијанса на бела боја, а конзистентноста на материјалите ја прави архитектурата речиси да се топи во својот контекст. Естетиката на хотелот не е декоративна, туку искуствена, резултат на внимателна рамнотежа помеѓу наследството и современоста, формата и функцијата, телото и погледите.

Canaves Hotel не е само место за престој – тој е архитектонски манифест на суштината на Санторини: тишина обликувана од простор, светлина заробена од волумен, едноставност воздигната на ниво на чист луксуз.

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top