По три години во близина на Exposition Park, Лос Анџелес, деновиве го добива својот конечен облик Музејот на наративна уметност на Лукас, објект во кој ќе бидат сместени простори посветени на делото на режисерот Џорџ Лукас, како и уметнички дела и сувенири во сопственост на творецот на „Војна на ѕвездите“ и неговата сопруга, Мелоди Хобсон.

Да се потсетиме дека петкатната зграда од 28.000 квадратни метри е проект на кинеската фирма MAD Architects – предводена од Ма Jansong, еден од двајцата архитекти кои оваа година беа меѓу 100-те највлијателни луѓе во светот по избор на познатиот магазин Time – а во соработка со компанијата Stantec. Според најновите информации од MAD, отворањето е планирано за 2026 година.

Структура налик на вселенски брод од научнофантастични филмови
Според соопштението од 15. јули од познатото кинеско биро, проектот на музејот е инспириран од две испреплетени настрешници, создавајќи скулптурална структура – налик на научнофантастичен вселенски брод – која се издига над земја и се интегрира со околниот пејзаж.
Кога ќе биде завршен, кампусот од 4,8 хектари ќе вклучува галерии, театри, библиотека, ресторани, малопродажба и пространи нови зелени површини, воспоставувајќи значајна нова урбана и културна дестинација за Лос Анџелес, велат архитектите.

Проектот на MAD за Музејот на Лукас ја одразува нивната постојана мисија за спојување на архитектурата со градот и пејзажот, преплетувајќи ги природните окружувања во урбаниот контекст за да се негува јавниот живот и да се зближуваат заедниците, напоменуваат од бирото и нагласуваат:
„Музејот на Лукас ќе биде првата институција од ваков вид посветена на наративна уметност во различни култури и медиуми, со колекција што вклучува дела од Норман Роквел, Фрида Кало и Гордон Паркс, како и модели, реквизити и концептуална уметност од филмската архива на Џорџ Лукас.“

Една третина од зградата е подигната над теренот
Она што било особено предизвикувачко при изведбата на овој објект е тоа што една третина од зградата е издигната над теренот, создавајќи така пасажи под музејот. Реализацијата на оваа конструкција, која притоа има аморфни форми, е вистинско мало градежно ремек-дело, што го потврдуваат најновите фотографии од LA Times.
На претходно објавените рендери, покажан е и увид во ентериерот, кој вклучува 9.000 квадратни метри галериски простор, со отвори за лифт низ белиот таван во лобито. Посетителите на идниот музеј ќе можат да шетаат по уредените патеки што кружат околу структурата и да поминуваат низ џиновскиот лак што ја сече нејзината средина.



Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија