Насловна / Вести / Богатите луѓе никогаш не ги прават овие грешки при уредувањето на домот

Богатите луѓе никогаш не ги прават овие грешки при уредувањето на домот

Заборавете на квадратурата, локацијата и цените – луксузот се препознава по деталите. А деталите, верувале или не, честопати имаат повеќе врска со вкусот отколку со паричникот.

Денес, луксузот не се мери само со скапи брендови или импресивни лустери. Во светот на ентериерот, она што навистина го разликува „скапиот изглед“ од сè друго се внимателно промислените избори и уште повеќе грешки што се избегнуваат.

Дизајнерите кои работат со богати клиенти многу добро знаат кои работи богатите луѓе едноставно никогаш не ги прават кога го уредуваат својот простор. И не е (секогаш) прашање на цена, туку чувство за мерка, естетика и квалитет.

Затоа oбрнете внимание на најчестите грешки во ентериерот што речиси никогаш не се гледаат во луксузните домови, а кои лесно можете да ги избегнете.

Трендовите се супер, но со мерка

Дизајнот што го брка секој нов тренд има краток рок на траење. Наместо да го „облечат“ целиот стан во бојата на годината и парчињата што ги виделе кај инфлуенсерите, богатите луѓе избираат безвременска елеганција – неутрални тонови, класични форми на мебел и благородни материјали како дрво, мермер или кожа.

Ако веќе ги сакате трендовите, нека бидат во форма на перница, свеќник или вазна. Ќе ви биде полесно кога ќе дојде следниот тренд.

Хаос на полиците? Не, благодарам

Луксузните ентериери речиси секогаш изгледаат уредно – и тоа не затоа што ништо не се користи  во нив, туку затоа што сè е внимателно одбрано.

Наместо да ги преполнувате масичката за кафе или полиците со ситници, изложете неколку внимателно одбрани предмети. Нека биде тоа дизајнерска вазна, „впечатлива книга за масичка за кафе“ или интересно скулпторско дело. Помалку е повеќе, но само ако тоа „помалку“ е добро избрано.

Вештачките растенија не ви се пријатели

Пластични растенија што светат како да се лакирани – тоа никогаш не го гледаме во луксузните домови. Ако веќе мислите дека морате, а немате време за полевање, изберете висококвалитетни имитации што едвај се разликуваат од вистинските растенија.

Фикусот и маслинката се одлични опции, но сепак треба редовно и посветено да се бришат од прашина.

Генерични принтови vs.  уметност со став

Масовно произведените постери можеби пополнуваат празен ѕид, но ретко внесуваат душа во просторот.

Вистинските уметнички дела, дури и оние од „бувљак“, внесуваат карактер. И да, семејните фотографии во квалитетни рамки исто така можат да изгледаат елегантно, ако се добро вклопени со остатокот од ентериерот.

Неред од кабли е – неред

Каблите што висат по ѕидовите, полначите што се влечат по подот и приклучоците што се околу секој агол – сето ова веднаш го расипува впечатокот.

Богатите луѓе ги кријат – во ѕидови, во мебел, во „паметни“ организатори.

Завеси како премногу кратки панталони

Прозорците се како очите на домот, а никој не сака очи кои изгледаат уморно. Завесите кои се лошо порабени, премногу тесни или направени од тенки, вештачки материјали го расипуваат дури и најубавиот простор.

Решение? Завеси по нарачка изработени од лен, кадифе, со двојни слоеви – за да можете да си играте со светлината и атмосферата кога сакате.

Луксузот си игра криенка

На крајот на краиштата, она што може да го направи вашиот дом да изгледа софистицирано и „скапо“ не е секогаш она што чини најмногу. Од деталите на фиоките до тоа како се распоредени книгите на полицата, сè е важно.

А најважното правило на луксузот? Да се чувствувате удобно во просторот и ништо да не ве нервира. Ниту кабел, ниту завеса, ниту пластична палма.

Испрати коментар

Scroll To Top