Насловна / Вести / Во ентериерот на овој црногорски бутик се среќаваат сонцето и морето

Во ентериерот на овој црногорски бутик се среќаваат сонцето и морето

Во простор од само 50 квадратни метри, студиото „Дивна Дизајн“ проектирало амбиент во кој производите зборуваат, а архитектурата шепоти – во Порто Монтенегро,Тиват, отворен е монолитен, елегантен и тактилен „flagship store“ на домашниот бренд „Фрагменти“.

Кога дизајнот не се обидува да импресионира, туку да воспостави дијалог, добиваме ентериер како продавницата на брендот „Фрагменти“ во Црна Гора. За бренд кој го негува локалниот идентитет, патувањето и сензацијата на морето, просторот станал многу повеќе од продажно место – станал сцена, контекст и емоција.

Архитектите во овој проект ги обединиле минимализмот и луксузот, функцијата и атмосферата, акцентот и тишината.

Просторот како продолжение на производите

„Инспирацијата дојде од самиот производ – тој беше ѕвездата, а просторот неговиот контекст и сцена“, објаснуваат од студиото.

Целта била ентериерот да не го одвлекува вниманието, туку да го насочува, луксузот да биде присутен без помпезност, преку мерка, текстура и светлина. Резултатот е простор кој се докажува не преку декор, туку преку пропорција, светлина и тишина меѓу елементите.

Прецизност во луксузот

Со оглед на тоа што површината на просторот е само 50 квадратни метир, секој детаљ има функција, а секој квадрат има значење. „Луксузот е прецизност. Го сокривме сервисниот дел во огледала за да го отвориме просторот и да ја рефлектираме светлината“, вели проектантката.

Наместо мноштво помали парчиња мебел, доминираат поголеми, интегрирани елементи, кои му даваат на просторот смиреност и ритам.

Материјали што го насочуваат вниманието

Ентериерот го карактеризираат микроцемент во топли тонови, челични детали и акценти во камен, како суптилен омаж на природата и локалниот пејзаж.

Сè е осмислено и тактилно: „Технологијата е присутна, но дискретна – не упаѓа во кадарот, туку го поддржува“, открива авторката.

Осветлувањето како драматургија

Осветлувањето е внимателно режирано и слоевито, со јасен фокус на производите. Еден од клучните елементи е интерактивниот екран поставен кон улицата – воспоставува контакт со минувачите, но исто така внесува доза на современост во просторот.

Акустиката, како што вели архитектката, „тивка, но моќна позадина на секој луксузен ентериер – тука е, а да не ја забележите“.

Бранови во движење

Мотивот на брановите и морето, кој е дел од идентитетот на брендот „Фрагменти“, пренесен е во просторот, но не буквално.

„Клиентот сакаше брановите и морето да се почувствуваат – не буквално, туку како сензација. Линиите на брановите, смиреноста на боите, флуидноста на движењето… сè беше подредено на тоа чувство“, објаснуваат од „Дивна Дизајн“..

Естетиката како поддршка на функцијата

Функционалноста и естетиката во овој простор не се два света, туку една иста приказна. „Функционалноста е вградена во естетиката – ништо не е сувишно, а сè има ритам. Клиентот знаеше што сака, а јас знаев како да го преведам тоа во простор“, истакнува авторката.

Атмосфера што се помни

Од брановиден штендер до суптилен камен, просторот е изграден врз детали кои не бараат аплауз, туку остануваат во сеќавањето.

„Горда сум на тоа како просторот комуницира со производите. Како не ги надјачува, туку им дава тон. А тоа, во основа, е сржта на секој мој проект – дизајнот да не биде само убав, туку да се живее“, заклучува проектантката од студиото „Дивна Дизајн“.

Испрати коментар

Scroll To Top