Во Охрид, каде што водата го обликува просторот, а жителите ја обликуваат градската енергијата, изминативе шест години се случува еден моќен урбан ритуал – создавање на места што се живеат, чувствуваат и паметат. Настанот организиран од огранизацијата „Културолошка иницијатива 5 до 12“ од Охрид, на 12 јули 2025 година повторно го претвори охридското крајбрежје во сцена на креативност, грижа и колективна акција. Ова не е фестивал со голема бина, туку момент на вистинско приближување на луѓето и просторот – создавање места (анг. placemaking) во својата најчиста форма.
Оваа година, со уште поголема поддршка од локални музичари, уметници, граѓани и ентузијасти, настанот ја покажа својата зрелост – не само како културен собир, туку како платформа за создавање просторна и социјална вредност. Преку музика, пловидба, разговори и пеење, охридскиот брег се трансформираше во заедничко платно на урбаната имагинација.

Слика 1 – културен настан Ој љубов љубов
Концептот на создавање места, за што се пишуваше во изминатите броеви на Порта3, не е само метод за уредување на јавен простор, туку процес на создавање смислени места преку вклучување на локалната заедница, граѓаните, културата и контекстот. Тоа е практика што ги надминува формалните урбанистички и архитектонски решенија и се заснова на доживувањето, функционалноста и емоционалната врзаност на луѓето со просторот. Најчесто е поврзан со плоштади, паркови, улици и други физички дефинирани јавни површини. Но, токму охридскиот настан потсетува дека јавниот простор не е секогаш поплочен – понекогаш тој е течен, променлив и природен.
Најголемата специфичност на овој настан е што самото езеро станува јавен простор. Тоа не е само географска или туристичка дестинација, туку сцена за човечка интеракција, за културна размена, за соживот со природата. Настанот ни покажува дека создавањето места не мора да се случува само таму каде што има бетон или инфраструктура – туку таму каде што има луѓе, приказни и желба за поврзување. Во Охрид, водата не е пречка, туку платформа.

Слика 2 – пловидба по езерото

Слика 3 – собир на старото пристаниште
Организатори на настанот се млади луѓе од Охрид, здружени во граѓанската организација Културолошка иницијатива 5 до 12, која веќе неколку години наназад активно придонесува кон создавање нови културни практики и жив јавен простор во градот. Настанот „Ој љубов љубов“, кој традиционално се одржува секоја година на Петровден, 12 јули, претставува централна активност во нивната јулска програма.
Покрај овој настан, организацијата реализира и низа други случувања низ целиот месец: ноќни проекции на филмови со автомобили (drive-in кино), рекреативни собири и концерт во скејт паркот, како и утрински дружби на изгрејсонце на островот кај старото пристаниште. Преку овие активности, тие покажуваат дека јавниот простор може да се активира низ различни форми и во различни делови од градот – неформално, отворено и достапно за сите.

Слика 4 – летно кино на отворено (07.07.2025, превземено од фб страната на Културолошка иницијатива 5 до 12)

Слика 5 – рекреативен настан во скејт парк (05.06.2025, превземено од фб страната на Културолошка иницијатива 5 до 12)
Централниот дел од овогодинешниот настан повторно беше посветен на пловидбата, карактеристична по својот едноставен, но силен концепт – заедничко движење по вода. Настанот започна во 17:30 часот од плажата Кането, каде што учесниците се собираат со различни пловни средства: SUP даски, кајаци, мали чамци или бродчиња со весла. Пловидбата започнува со музички настап во движење, при што во едно кајче настапуваше групата ВИС Билјана, добро позната по изведбата на охридски и македонски староградски песни.

Слика 6 – групата Вис Билјана
По околу еден час пловење, сите учесници пристигнуваат на островот на старото пристаниште, каде што настанот продолжува до зајдисонце со музика, пеење и дружење. Во меѓувреме, граѓани и посетители кои не се дел од пловидбата се собираат на мостот, носејќи сопствена храна и пијалок, следејќи ја атмосферата од копно. Настанот претставува пример за едноставна, но ефективна форма на активирање простор преку култура, природа и заедничко учество.

Слика 7 – собир на старото пристаниште (фотографија на Перо Јовановски, превземено од фб страната на Културолошка иницијатива 5 до 12)

Настаните како „Ој љубов љубов“ покажуваат дека концептот ‘создавање места’ не е резервиран само за институции или големи урбанистички проекти. Тој може да произлезе од локални иницијативи, со ограничени средства, но со силна идеја и заеднички дух. Охрид, преку водата, музиката и луѓето, ни покажа дека јавниот простор е онаму каде што се создаваат доживувања – и дека токму тие доживувања се основата за вистински живи и значајни места.
Преку овој текст, а во иднина и со други научни и струлни трудови и активности, УРБ – АРХ – Организацијата за развој, заштита и промоција на урбанизмот, архитектурата и културното наследство, ја поддржува оваа иницијатива, препознавајќи ја нејзината вредност во развојот на одржливи и културно чувствителни јавни простори.
Автор: д-р Дамјан БАЛКОСКИ, дипл. инж. арх.
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија