Поврзување на границите преку инженерство: Растечката соработка помеѓу CESI (École d’Ingénieurs), Франција и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија-ИЗИИС, Скопје
Во срцето на Скопје, каде што се сретнуваат земјотресното инженерство и културната размена, соработката помеѓу CESI (École d’Ingénieurs) и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје бележи вистински подем. Она што започна како ветувачко партнерство во 2022 година со потпишување на Меморандум за соработка, се разви во динамична размена на таленти, знаења и иновации, поттикната од заедничка заложба за сеизмичка безбедност и меѓународна соработка.

Од договор до реализација
Соработката официјално започна во 2022 година со потпишување на Меморандум за соработка. Веќе следната година, ИЗИИС ги пречека првите пет француски студенти од CESI школите во периодот од јуни до септември 2023. Овие практиканти беа распределени во четири различни сектори: Геотехника и специјални конструкции, Градежни материјали и конструкции, Динамичко тестирање и информатика, и Инженерски конструкции и софтвер, работејќи на актуелни предизвици од областа на сеизмичкото инженерство.

Паралелно, соработката се продлабочи преку взаемни посети. Координаторите на овој проект, проф. д-р Александра Богдановиќ и проф д-р Јулијана Бојаџиева од ИЗИИС на покана на CESI школите беа во Франција за да ги посетат кампусите во RUEN и ARAS, а разговорите се насочија кон усогласување на наставните програми и идентификување можности за заеднички истражувања.

До 2024 година, овие иницијативи резултираа со формален Erasmus+ договор за размена на студенти и наставен кадар отварајќи пат за долгорочно институционално партнерство.

Ден на CESI во ИЗИИС
На 27 септември 2024 година, ИЗИИС организираше посебна конференција за да ја одбележи успешната соработка. Настанот беше збогатен со присуство на угледни гости, вклучувајќи го г-дин Филип Маршето (заменик-амбасадор на Франција во Скопје) и г-дин Уго Бехтел (директор на Францускиот институт), г-динот Јордан Плевнеш (ректор на Универзитетот за аудиовизуелни уметности – ЕСРА (ESRA Paris-Skopje-New York), г-ѓата Калиопа Кривашија‑Стилиновиќ (почесен конзул на Франција во Битола и признат експерт во академската дипломатија и меѓународната соработка), професори и ученици од Битолската Гимназија „Јосип броз Тито” и многу други. Конференцијата послужи и како ретроспектива и како визија за иднината.

Настанот ги претстави тековните практиканти од CESI и нивните истражувачки проекти:
- Лиса Ратије ја презентираше својата работа на податоци од земјотреси регистрирани на тридимензионалната сеизмичка мрежа во Охрид.
- Никола Букe сподели искуства од својата практика фокусирана на инженерски конструкции.
- Ноа Мартин изработи сценарио за сеизмички ризик за регионот Скопје.
- Флориан Гоен анализираше асфалтни слоеви и армирано-бетонски структури.
- Арсен Кајру направи студија на случај за испитување на носивост на железнички мост.
Секој проект беше под менторство на професори од ИЗИИС, кои посветено го водеа секој студент, нагласувајќи ги силните академски врски и заедничката посветеност што ја дефинира оваа соработка.
Визија за 2025 и понатаму
Во академската 2024 до 2025 година, вкупно 22 студенти се активно вклучени во активности поврзани со ова партнерство. Во тековната 2025 година во ИЗИИС се присутни вкупно 11 практиканти кои се на три до четири месечен престој, комбинирајќи во исто време и со теренска пракса за време на нивниот престој.
Овој успех не би бил можен без неизмерната посветеност на тимот професори и асистенти од ИЗИИС, кои постојано ги менторираат студентите и ко-креираат значајни проекти. Посебна благодарност и до Француската амбасада во Скопје и Францускиот институт, за поддршката во градење мостови и академска дипломатија.
Заедничко градење на иднината
Со динамични соработници како Рут Лиед, Карин Гурле, Стефан Сајлер, Алисoн Паимпар, Сабин Фрефилд-Беилборн, Себастијан Блондел, Анастасија Дембицки, Раул Крокет, Маите Д., Софи Буржес и Жулиет Отем, и со студентите од CESI како амбасадори на универзитетот во странство, оваа соработка е одличен пример за најдоброто од меѓународната академска заедница: љубопитност, креативност и храброст за заедничко градење на побезбеден и поотпорен свет.

Како што се зголемува динамиката, јасно е едно, ова е само почеток!.
Автори: Проф. д-р Александра Богдановиќ, Проф. д-р Јулијана Бојаџиева

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија