Kreppo Studio и архитект Радмила Кулунџиќ, создале привремен работен простор кој ги побива конвенциите, место каде што секој детаљ ја поттикнува креативноста и ги брише границите помеѓу работата, уметноста и играта.
Кога креативците проектираат простор за себе, резултатот е место кое зрачи со слобода, неочекувани детали и шармантен хаос кој совршено го одразува нивниот карактер, исто како што е случајот со Kreppo Studio во Нови Сад.

Ова студио за дизајн на дигитални производи во соработка со Радмила Кулунџиќ, архитектка и основачка на брендот Kuul27, создале простор кој ги комбинира функционалноста и естетската разиграност, без притисок на трајност.

Инспирација: Простор што поттикнува слобода
„Сосема случајно, наидовме на самиот простор, што е доста необично, и решивме дека сакаме да поминеме некое време во него. Свеста дека ќе бидеме тука само привремено, бидејќи објектот ќе биде срушен за три до пет години, ни даде дополнителна слобода, без тежината на ‘трајните проекти’. Сакавме креативна и флексибилна средина што го задржува чувството на недовршеност и нè потсетува дека нема да бидеме тука засекогаш“, објаснуваат од Kreppo Studio.

Без предизвик
„Искрено, немаше никакви предизвици“, истакнуваат од студиото. „Создадовме простор за нашите потреби и знаевме точно што сакаме. Радмила ни помогна да завршиме сè технички и креативно да решиме работи за кои дури и не сме размислувале бидејќи не сме од таа бранша.“

Кога распоредот го диктираат луѓе
На прашањето како се одлучиле за распоредот, велат: „Начинот на кој функционира компанијата диктира голем дел од организацијата на просторот. Уште повеќе, распоредот го диктираат луѓето што се во него – ако го познавате својот тим, ги знаете нивните потреби и динамиката на работата. Така е лесно да се задоволат потребите на сите. Исто така, полесно е затоа што сме мал тим.“

Тие додаваат дека сакале простор што лесно може да се промени: „Покрај канцелариски простор, сакавме и место каде што можеме да организираме настани за пријателите и заедницата.“

Материјали, контрасти и детали
Просторот е затекнат во полунеобработена состојба, што отворило можности за креативни решенија без големи вложувања. „Знаевме дека сакаме контраст на голи ѕидови и дрвен мебел и воведовме разиграност со акцентирани бои на метални детали и мебел“, наведуваат од студиото.
Особено ја нагласуваат помошта на пријателите од компанијата GIR, благодарение на кои го збогатиле просторот со квалитетни парчиња мебел.

Без големи интервенции
„Просторот има природна светлина од сите страни и работиме претежно преку ден, па затоа немаше потреба да се занимаваме со осветлувањето“, објаснуваат. Акустиката исто така не била приоритет: „Евентуално ја намалуваме музиката кога некој има повик преку Зум, но имаме и посебна просторија за тоа.“

Ентериер кој бескомпромисно дише
На темата усогласување на естетиката и функционалноста, архитектот објаснува: „Секогаш се стремам да ги задоволам двата критериуми, но функцијата сепак мора да биде приоритет. Тука сè беше едноставно затоа што имавме голема површина во однос на бројот на луѓе, па оставивме просторот да ‘дише’, без да бидеме оптоварени со мебел или дури и со функцијата. Тимот на Kreppo се некои од најкреативните луѓе што ги познавам. Тоа беше основниот водич за креативни решенија кои се функционално едноставни, а сепак неочекувани и инспиративни.“

Мурали, растенија и лични приказни
„Уметност. Растенија. Детали“, одговараат од студиото на прашањето што е клучно за посакуваната атмосфера. „Едно од првите нешта што ги направивме беше мурал од полскиот илустратор Рокас Алелиунас и нашата пријателка Драгана Кртиниќ – едно е да се закачи уметничко дело, а друго е кога тоа станува дел од просторот. Растенијата не треба посебно да се објаснуваат. Деталите оставаат белег: креативни книги, плочи што ги слушаме, фигури, фотографии, постери правени од пријатели или колеги, играчки од детството – микс од сè што нè претставува.“

Посебна гордост
„Најмногу сме горди на фактот што просторот совршено нè претставува како луѓе, компанија и нашите вредности – разиграност, склоност кон уметност, креативност и посветеност на деталите. А особено на фактот што го направивме тоа заедно со драги луѓе, бидејќи споделеното искуство остава спомени и го прави проектот уште поспецијален“, заклучуваат креативците на Kreppo Studio.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија