Во Шпанија, архитекти претвориле еден стан во разигран и функционален дом полн со карактер.
На улица во Барселона, зад фасадата на нова зграда од 2023 година, се наоѓа стан кој претрпел целосна трансформација благодарение на младите сопственици, пар со мало дете и јазовичар, кои посакале животниот простор да им пружа подеднаква доза на хедонизам за живот, игра и одмор. Студиото ITS NOT A STUDIO, познато по своите смели решенија и тенденција кон функционална игра на форми, бои и материјали, им излегло во пресрет успешно да го постигнат тоа што го посакале.

Шанк како фокусна точка
Срцето на овој стан од 86 квадратни метри е впечатлив централен шанк изработен по мерка, во комбинација од темно дрво и терацо површини со шарени детали. Полукружен и на две нивоа, шанкот се протега од кујната и станува мултифункционална зона за готвење, играње, работа и дружење.

Закривени форми преовладуваат низ целиот ентериер, од специјално изработен под од плочки со шари распоредени во слободна форма, преку ниши со заоблени агли, па сè до кружна трпезариска маса дизајнирана од самото студио.

Палета на сите бои
Архитектонското студио не штедело на бои: основата ја прават жолта и сина, а им се придружуваат портокалова, зелена и црвена боја во акценти – тапацир, осветлување и декорација. Дневната зона изгледа речиси како поставка на современа театарска сцена: тука се електрично сини постмодернистички столчиња, загасито портокалова ламба и масивна бордо вазна. Притоа, духовитата скулптура на јастог на уметникот Педро Хозе дополнително ги брише границите помеѓу дизајнот и уметноста.

Од заеднички простори до интимна зона
Покрај целосната реорганизација на дневните простори, архитектите извршиле и помали, но ефикасни зафати во ноќната зона. Со промена на преградите, добиена е поголема приватност, а микроцементниот под продолжува во бањата и спалната соба, дополнително поврзувајќи го ентериерот. Ѕидните плочки со димензии 10 на 10 сантиметри внесуваат ритам и текстура, додека мебелот по мерка овозможува доволно простор за складирање без визуелно преоптоварување.

Живописен дом за современо семејство
Овој стан е одличен пример за тоа како архитектонското студио може да создаде дом кој е не само функционален, туку и длабоко персонализиран преку смели материјали, внимателно осмислен распоред и смела палета. Оваа станбена оаза во Барселона докажува дека добро проектираниот простор не мора да биде голем, но мора да има душа.

Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија