Годинава, денес на 23-ти јуни по 12-ти пат официјално ќе биде одбележан Меѓународниот ден на жените инженери воспоставен од страна на британското Инженерско друштво за жени (Women’s Engineering Society), а преку кој се одбележува исклучителниот придонес на жените инженери низ целиот свет. Меѓународниот ден на жените инженери е поврзан со британското Инженерско друштво за жени коешто било основано на 23 јуни 1919 година од страна на комитет на Националиот совет за жени. Овој совет бил создаден во текот на Првата светска војна, а со цел да го промовира вклучувањето на жените на работните места за преку тоа да можат да се ослободат мажите од работните обврски и да се приклучат на војската. Веќе истата, 1919 година, Инженерско друштво за жени почнало да го издава и нивниот тромесечен журнал „Жена инженер“ (The Woman Engineer), а во кој на почетокот биле објавувани и стручни прилози од жените инженери.

И покрај подршката на владата во текот на Првата светска војна жените инженери по завршувањето на истата се соочиле со повици и притисоци да ги напуштат работните места и се вратат на „домашните“ обврски за да се отворат работни места за демобилизираните мажи војници. Ова придонело за создавањето на Инженерското друштво за жени не само за да се оддолее на овие притисоци, туку и да го промовира инженерството како просперитетна професија и за жените и за мажите. И покрај нивните напори во текот на повеќе од еден век, во 2021 година, во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска само околу 16,5 проценти од сите инженери во земјата се жени, удел којшто е значително помал од уделот на жени инженери во земјите на континентална Европа.

Одбележувајќи го Меѓународниот ден на жените инженери веројатно е пригодно да се подсетиме на предизвиците со коишто жените се соочувале во минатото во нивните обиди да се стекнат со високо образование во доменот на инжерството. Според американското друштво на градежни инженери Националната школа за мостови и патишта во Шампс сур Марне, Франција, основана во 1747 година, се смета како прва инженерска школа во светот. Но медиумските извори укажуваат и на други висикообразовни устаниви основани пред и по оваа во текот на 18-от век, а меѓу кои се споменуваат и следниве (со годината на основање во заграда): Чешкиот технички универзитет во Прага (1707), Техничкиот универзитет во Брауншвајг, Германија (1745), Фреиберг универзитетот за рударство и технологија, Германија (1765), Техничкиот универзитет во Истанбул (1773), Клаустхал универзитетот за технологија, Германија (1775), Универзитетот за технологија и економија во Будимпешта (1782) и Колеџот за инженерство во Гуинди, Индија (1794).

Чешкиот технички универзитет во Прага
И покрај воспоставувањето на инженерските високообрзавни институции во текот на 18-ет век, дури еден век подоцна во втората половина на 19-от век ваквите институции почнале да примаат и жени студенти, но не секогаш и да ги упишат. На пример, на дел од инженерските институции жените можеле да бидат примени да ја слушаат наставата или да ја слушаат наставата и да ги полагаат испитите, но не да бидат и формално запишани за да можат да се стекнат со дипломи на крајот на успешно завршените студии. Во ваквите случаи жените студенти најчесто добивале потврда дека ја одслушале наставата и/или дека ги завршиле студиите, но не и официјална диплома од универзитетот.

Веројатно како илустрација за ставот на високообразовните институции кон жените, во однос на сите академски дисциплини, може да се прикаже преку примерот на Универзитетот во Кембриџ. Универзитетот бил основан во 1209 година, а почнал по прв пат да прима жени студенти 660 години подоцна во 1869 година. Но на жените студентите по прв пат им било дозволено да се стекнат со дипломи дури во 1948 година, 739 години по основањето на универзитетот и 79 години по приемот на првите жени студенти на универзитетот. Се смета дека како повод за ова промена на ставот било доделувањето на првиот почесна диплома издадена на жена од страна на Универзитетот во Кембриџ и тоа на Кралицата Елизабета, Кралицата Мајка. За жал жените студенти коишто ги завршиле своите студии пред ова морале да почекаат уште 50-ет години за да можат ретроспективно да ги добијат своите дипломи. Така на 4-ти јули 1998 година над 400 (преживеани) поранешни жени студенти на Универзитетот во Кембриџ по прв пат се здобиле со можност да ги добијат своите дипломи.

И покрај предизвиците со коишто се соочувале, првите жени инженери успеале да се стекнат со своите дипломи кон крајот на 19-ет век. И покрај неможноста да се дојде до комплетна листа на овие првенки, расположивите, но непотполни, информации укажуваат и на овие жени инженери коишто дипломирале до 1900 година:
Дипломирани во 1876 година
Елизабет Браг (1858, Сан Франциско – 1929) од САД, се смета за прва жена во САД која што се стекнала со инженерска диплома на Универзитетот на Калифорнија во Беркли и станала градежен инженер. Во зависност од изворот по дипломирањето до мажењето во 1888 година таа или не била професионално активна или пак била учителка, но нема информации дали воошто работела во струката.
Дипломирани во 1882 година
Мари Хегелер Карус (Мари Хермаин Хенриете Хегелр, 1861, Ла Сале Илиноис – 1936) од САД, била прва жена која дипломирала како инженер на Универзитетот во Мичиген. Во 1885 година таа станала прва жена која легално била запишна на Бергакадемијата во Фреиберг, Германија. По исклучителните резултати во студиите на неа не и било дозволено официјално да дипломира со оглед на тоа дека била жена. За време на студиите се смета дека таа го открила и успешно изолирала хемискиот елемент Германијум и минералот аргиродајт. По враќањето од Германија во 1886 година таа се вработила во Матисен-Хеглер цинк компанијата во сопственост на нејзиониот татко каде на два пати била престедавач на управниот одбор. По смрта на нејзиниот сопруг во 1919 година таа го преземала и раководењето на издавачката куќа Опен корт публишинг компани основана од нејзиниот татко.

Дипломирани во 1892 година
Елмина Т. Вилсон (1870 – 1918) од САД, се смета за прва жена која се стекнала со диплома за градежен инженер по завршување на четири годишните студии на Државниот универзитет на Ајова. Две години подоцна, во 1894 година, таа се стеканала и со магистратура во областа по што станала и прва жена колеџ професор по градежно инженерство.
Дипломирани во 1893 година
Берта Ламе Феичт (1869, Бетел тоуншип во околината на Спрингфилд, Охајо – 1943, Питсбург) од САД, била прва жена инженер од Државниот универзитет во Охајо која станала дипломиран машински инженер со специјалност во електрика / електрико-техника. По дипломирањето таа била вработена во Вестингхаус електричната корпорација каде работела се до 1905 година кога се омажила за својот предпоставен Расел С. Феичт.
Дипломирани во 1894 година
Алда Х. Вилсон (н/п – 1960) од САД, била сестра на Елмина Т. Вилсон, и станала дипломиран градежен инженер на Државниот универзитет во Ајова, истата година кога нејзината сестра се стекнала со магистратурата. Сестрите Вилсон се ран пример на две жени и сестри градежни инженери коишто живееле од својата струка со тоа што Алда се истакнала во доменот на архитектонското проектирање.
Рита де Мораис Сарменто (1872, Порто – 1931, Лисабон) од Португал, дипломирала како инженер за градежништво и јавни работи на Политехничката академија во Порто. Две години подоцна, во 1896 година, таа се стекнала и со инженерско Овластување при истиот универзитет. Од тука, таа се смета како една од првите, ако не и првата жена во светот која станала Овластен инженер. За жал и покрај овие достигнувања таа немала можности да ја практикува својата професија како комбинација на конзервативниите ставови во општеството и кревкото здравје.

Џулија Морган (1872, Сан Франциско – 1957, Сан Франциско) станала дипломиран градежен инженер на Универзитетот на Калифорнија во Беркли. По дипломирањето таа успеала да ги надмине вообичаените пречки и во третиот обид се запишала на Програмата за архитектура при Националната висока школата за убави уметности во Париз. Таму таа успешнно ги завршила студиите и се стекнала со Сертификат за архитектура по само три години наместо вообичаните пет во 1902 година со што станала прва жена која дипломирала на ова инститиција. Потребата да ги забрза студиите било резултат на правилата на школата кој не дозволувале лица постари од 30-ет години да студираат на истата. Во текот на својата долга и плодна кариера таа испроектирала над 700 објекти во Калифорнија од кои најпознат е Дворецот на Хрст во Сан Симеон, а за својот доприност кон архитектурата на неа постхумно во 2014 година и бил доделен Златниот медал на Американскиот институт на архитекти со што таа станала прва жена архитект добитник на оваа признание.

Дворецот на Хрст во Сан Симеон
Дипломирани во 1899 година
Антониа Наваро Хуезо (1870, Сан Салвадор – 1891, Сан Салвадор) од Ел Салвадор. Како резултат на кревкото здравје таа се образувала дома но и било дозволено да ги полага приемниите испити и по нивното успешно полагање во 1887 година да биде запишана на Факултетот за инженерство при Универзитетот во Ел Салвадор каде докторирала во 1889 година по успешна одбрана на тезата и 13 часовно испитување. И покрај стекнатото образование на неа и било дозволено само да стане професор во средно училиште за девојки во Сан Салвадор. Таа била прва жена која дипломирала на универзитет во Ел Салвадор и се смета за прва жена која се стеканала со универзитетска диплома во Средна Америка.

Дипломирани во 1900 година
Јелисавета Начиќ (1878, Белград – 1955, Дубровник) од Србија, каде што дипломирала како прва жена инженер архитект на Техничкиот факултет во Белград. Со оглед дека немала одлсужен воен рок таа не можела да се вработи во Министеството за градежништво, но успеала да се вработи во Општината Белград каде набргу станала главен архитект. Како нејзини најзначајни проекти се сметаат Малите скали на Калемегдан, Основното училиште Крал Петар Први, и Црквата Александар Невски, сите во Белград. За жал нејзината забележителна професионална кариера завршила во 1916 година кога во текот на Првата светска војна била интернирана во логорот Нежидер во Унгарија.

Црквата Александар Невски
Како што може да се види од погорнто, очигледно е дека првите жени инженери усепале да ги надминат големите пречки и предрасуди и да ги завршат своите студии иако потоа не сите имале можност да ја практикуваат својата избрана професија. И покрај ова, нивните достигнувања се исклучително значајни со оглед дека тие полека ги „подотвориле“ вратите на високообразовните институции коишто овозможиле поголем пристап до високото образование на жените во 20-от век.
Со честитки за Меѓународниот ден на жените инженери и желби за понатамошни успеси!
Порта3 – градежништво, архитектура и екологија Порта3 – градежништво, архитектура и екологија