Насловна / Архитектура / Дипломатија во бетон: Како Југославија извезувала архитектурата низ целиот свет

Дипломатија во бетон: Како Југославија извезувала архитектурата низ целиот свет

Едно од оние нешта со кои Југославија со право може да се гордее – без носталгија како мантра за „некои подобри времиња“, туку со објективно почитување – е фактот дека некогаш одамна, кога нациите сонувале за развој, извезувавме не само трактори и грицки, туку и архитектура. Да, добро прочитавте. Ние „извезувавме“ згради, училишта, болници, стадиони, хотели, па дури и урбани концепти. Ние извезувавме знаење за просторот.

Hotel Babylon во Багдад

И тоа не во соседството (бидејќи тоа веќе било остро поделено помеѓу капиталистичка Западна Европа и реалсоцијалистичка Источна Европа) туку низ целиот свет: во Африка, Азија, Блискиот Исток, па дури и во Латинска Америка. Со други зборови, во еден нов свет што се будел пред нашите очи, и кој ќе стане познат под името „Неврзани“. А на тој свет му требале проекти, згради што симболизираат нова сегашност, независно, а не колонијално минато. Југословенската архитектура во неврзаните земји била и политички гест – симбол на братство, модернизација и соработка.

Поради сето ова, југословенската архитектура оставила впечатлив белег во многу неврзани земји низ Африка, Азија и Блискиот Исток. До 1990 година, југословенските компании – најчесто Енергопроект, Загребпроект, Трудбеник, ИНА-Проект, Комграп, Конструктор Сплит, Складградња, Институт ИМС и други – проектирале, граделе и давале знаење за бројни објекти кои биле спој на функционалност, модернизам, брутализам и префабрикација, честопати прилагодени на локалните климатски и културни услови.

Брана и хидроцентрала Кариба, Замбија

„Енергопроект и Ко.“ – мека за африканската и азиската независна елита

За многумина, „Енергопроект“ е синоним за инженери во униформни бели кошули и сложени табели, но она што оваа фирма навистина го претставува е многу повозбудливо: „Енергопроект“ беше еден вид југословенски „Бехтел“, со естетика на модернизам и дух на неврзаност. Во златното доба, оваа компанија изградила цели населби во Нигерија, Ирак, Гана, Либија, Кувајт… „Енергопроект“ градел згради на министерсства, стадиони, болници. За некои од најдобрите проекти на  југословенските градители пишувавме пред пет години.

Maстер планoт за Кано, Нигерија е можеби една од најдобрите илустрации за концептот на југословенската архитектура: тоа е проект на „Енергопроект“ од периодот 1971-1973 година, кој имал за цел проектирање комплекси на државни министерства во Кано. Милица Штериќ, истакната југословенска архитектка, го предводела проктантскиот тим. Проектот црпел инспирација од традиционалната нигериска архитектура, особено од групирањето на традиционалните куќи (познати и како куќи од кал во државата Кано) околу централна структура.

Комплекс на државни министерства во Кано, Нигерија

Комплексот е изграден со користење на стандардизирани, префабрикувани делови за да се забрза изградбата и е обоен во бело за да се скроти африканското сонце што е можно повеќе. Урбанистичките планови не биле само за еден град, туку за неколку центри истовремено (дури седум градови во оваа нигериска федерална држава), што покажува голема амбиција и доверба во стручноста на Југославија. Планот имал и мултидисциплинарност: претставувал комбинација од архитектура и урбанизам, честопати со интердисциплинарни пристапи (на пр. хидрологија, економија). Дури и денес, се смета за еден од бисерите на нашата архитектура во неврзаните земји.

Во Багдад и Басра нашите компании беа синоним за квалитет и рокови. Додека Американците се фалеа со „shock and awe“ во Ирак нешто подоцна, ние практикувавме „build and inspire“. Конкретно, Hotel Babylon Rotana во Багдад, изграден во 1982 година според проект на словенечкиот архитект Едвард Равникар, а во форма на антички зигурат, секако е една од најистакнатите градби во оваа земја.

Hotel Babylon во Багдад

Иако првично требало да биде хотел во – Будва, верувале или не – тој бил „трансформиран“ во ирачки амбиент, а формата на зигурат идеално се вклопува во културата на оваа земја, имитирајќи ја нејзината историја. Не само што Равникар учествувал во овој проект – му помагале Мајда Крегар, Едо Равникар Помладиот и Миха Керин, а Ловќенинжењеринг се погрижил сè да биде „сејугословенско“ и во стилот на братство и единство, веројатно поради оригиналната локација во Будва. Оригинално бил Babylon Oberoi, а Rotana го презела во 2019 година.

ИМС систем: Лего за возрасни

Југословенската префабрикација не била само решение за станбената криза на домашната работничка класа, туку и извозен хит – имено, ИМС бил еден од главните „извозни производи“ на југословенската градежна индустрија и урбанизам. ИМС системот (Индустријализиран модуларен систем) – развиен во соработка со Градежниот факултет во Белград и Институтот ИМС – претставувал еден од најнапредните методи на индустријализирана градба во тоа време. Едноставно кажано: префабрикувана зграда во краток рок.

Југословенскиот ИМС систем бил особено ценет поради брзата градба и модуларност, а во Африка и Азија во тоа време имало многу нешта што требало да се надоместат, а времето истекувало. Овој систем е извезен во повеќе од 20 земји во светот, од Сирија до Замбија. Модуларниот систем со столбови и панели, отпорен на потреси, се покажал како идеален во различни климатски услови. Бил особено популарен во Алжир, Либија и Ирак, каде што југословенските инженери обучувле локални тимови како „сами себе да си изградат дом“ – и изградени се многу станбени единици, училишта и болници.

Макета од изложбата „Префабрикација на солидарност: ИМС-Жежељ помеѓу Југославија, Куба и Ангола“

А кога зборуваме за „братска помош“, ова било конкретен израз на солидарност – не идеолошка, туку архитектонска. ИМС имал брзина и ефикасност – бил идеален за земјите во развој кои брзо се урбанизирале, а овозможувал архитектонска флексибилност – иако префабрикуван, системот овозможувал прилагодување на климатските и културните услови. На пример, за време на изградбата во Ангола, која од стекнување на независноста била во состојба на граѓанска војна, круцијална била брзината на изведување на работите, а ИМС тоа го овозможувал.

Училишта, болници, сè во еден пакет

Во време кога целиот свет се делел на Исток и Запад, Југославија развивала трет пат. А третиот пат значел трет стил: модернизам со човечко лице. Се граделе училишта низ Ангола, болници низ Нигерија, универзитети во Гана – сè во манирот на функционализам, со јасен социјален предзнак. Тоа не било експорт на неоколонијализам, туку солидарен трансфер на знаење. Секоја зграда била лекција.

Еден од најпознатите примери е Меѓународниот конференциски центар Кампала (KICC) на Енергопроект, во Уганда – изграден за да одговара на локалната клима, со добра вентилација, честопати без потреба од скапа климатизација.

Што се однесува до KICC, единствена хексагонална структура со модерирани заштитни панели – типичен спој на југословенска индустриска префабрикувана градба и локални климатски услови, ја прославиле југословенската архитектура и градежништво во тој дел од Африка во 1975 година. Сè на сè, архитектурата како пракса и прагматизам.

Меѓународен конференциски центар Кампала (KICC)

Стилови и техники

Ако мора да избереме еден стил што доминирал, тогаш тоа секако е брутализмот, но не како апстрактна маса бетон, туку како функционална скулптура. Секако, постоел и чист модернизам во духот на Баухаус, но со југословенски „twist“: често со орнаменти од локалните култури, вентилациски решетки инспирирани од исламската архитектура, па дури и со дрвени детали што ја омекнувале грубата површина на бетонот.

Нашите архитекти, како и советските во Централна Азија, знаеле како да ја спојат душата на локалците со модерен пристап, и треба да им се честита на оваа „архитектонска дипломатска вештина“. Интересно е што извозот на брутализмот и идеите на Ле Корбизје во „Третиот свет“ е еден вид „поетска правда“ за нашата земја, бидејќи токму Ле Корбизје го посети Белград во 1911 година на пат кон Ориентот и го нарекол „смешна“ и „хаотична престолнина“.

Ентериер на хотелот Шератон во Хараре, Зимбабве

Но еден сосема нов град, Нов Белград, изграден е токму врз неговите постулати, и цела плеада архитекти ги презела неговите доктрини и ги извезла низ целиот свет под југословенското знаме. „Ориенталната престолнина“ станала „корбизиеовска“ и менувала некои други, „поориентални“ престолнини неколку децении подоцна.

Интересно е и тоа што овој извозен модернизам честопати бил понапреден од домашниот. Додека луѓето од Нов Белград ги гледале своите типски блокови, Уганѓаните во Кампала уживале во естетски и функционално супериорни згради. Архитектурата за извоз била еден вид дипломатија – не во костуми и вратоврски, туку „дипломатија во бетон“.

Секоја намена имала свој стил: хотелите и државните згради биле – модерен луксуз во хармонија со климата и пејзажот и комбинација од брутализам и локални влијанија. Здравствените институции се карактеризирале со ИМС префабрикација, функционални планови и прилагоденост на тропските услови (вентилација, засенчување). Универзитетите и колеџите имале модернистички павилјонски кампуси, прилагодени на климата, често со брисолеи и наткриени шеталишта.

Конференциска палата во Либрвил, Габон

Што ни остана?

Останаа згради, во повеќе или помалку зачувана состојба. Останале архивски цртежи, проекти, анегдоти и понекои спомен-плочи. И остана прашањето: ако порано можевме да извезуваме архитектура со карактер, што извезуваме денес? Ниски цени на работна сила? Подизведувачи за западни компании? Станавме сенка на нашата поранешна величина, за која Западот дозна, „постхумно“.

Ние знаевме дека нашата архитектура го обликувала Третиот свет, но на Запад, Балканот и Источна Европа беа перцепирани како „архитектонски периферни“, и изложбата „Кон бетонска утопија: Архитектура во Југославија, 1948-1980“во MoMA фрли нова, праведна светлина врз важноста на нашата архитектура и дома и „за извоз“. Но, дури во 2018-2019 година. Предоцна. Не знаевме да препознаеме колку сме биле важни и го заменивме нашиот статус на место што ги диктира трендовите, на голем дел од светот со статус на полуколонија во оваа смисла.

Југословенски брутализам во MoMA; Фото: Valentin Jeck

Можеби сепак сега е време да се потсетиме дека Југославија знаеше како да го изгради светот – буквално. И дека нашите знаења, школи и техники не заостанувале зад Западот, напротив. Во свет кој денес повторно бара ефикасни, одржливи и локално адаптирани решенија, можеби ИМС и „Eнергопроект“ повторно имаат што да кажат. Ако ништо друго, барем како инспирација. А можеби и ние можеме да ја вратиме самодовербата – од старата слава, која во никој случај не била незаслужена.

Извор: https://www.gradnja.rs/

Испрати коментар

Scroll To Top